Кристина Арнаудова е поп-пејачка и авторка, која е присутна на големите концертни и фестивалски сцени во земјава речиси две децении. Се опишува себе си како перфекционист, дисциплиниран работник и човек со принципи, од кои тешко отстапува. Таа е уметница, која е свесна за својата улога во општеството како јавна личност и токму од тие причини инсистира јавно да ги сподели своите ставови, особено нагласувајќи ги нештата со кои не се согласува.
По повод нејзиниот настап на Караванот на слободата на завршниот концерт во Скопје, на 1 октомври, со неа зборуваме за уметноста, слободата и влијанието на уметниците во општеството.
ЦИВИЛ Медиа: Што за тебе значи слободата?
АРНАУДОВА: Слободата е еден термин кој секој различно го дефинира и го прифаќа. За мене слободата, примарно, е секој да има право за создавање на сопствена вистина и ставови, без некои надворешни влијанија, без медиумска индоктринација, без да се силува туѓа вистина, да живееш во свет во кој што можеш слободна да размислуваш, да создаваш свои идеи, со широко отворени очи да гледаш пред себе.
ЦИВИЛ Медиа: Колку уметникот треба да се жртвува за слободата?
АРНАУДОВА: Основното нешто за да може еден уметник да функционира, ако зборуваме генерално за уметноста, е да има слобода, пред сé, на размислување. За да се створи една креација, треба умот да биде слободен и сé околу. Мислам дека основното нешто на уметникот е слободата. А колку уметникот треба да жртвува за слободата е индивидуално. Јас не мислам дека уметноста е жртва.
ЦИВИЛ Медиа: Дали сметаш дека нашите уметници се општествено активни и одговорни?
АРНАУДОВА: Мислам дека живееме во едно неосвестено општество, особено од аспект на општествена одговорност. Мислам дека јавните личности воопшто не чувствуваат потреба да бидат општествено одговорни. За жал, живееме во едни такви услови, во кои тоа ни се наметна како начин на живот. Јас искрено се надевам дека тоа ќе се промени и дека луѓето ќе се охрабрат да преземат одговорност. Не сме ние тука само кога треба да се пее пред публика, да се изложат нашите слики или да се читаат нашите книги. Тука сме и кога треба да бидеме пример на оние кои се наши поддржувачи.
ЦИВИЛ Медиа: Која е твојата порака за Караванот на слободата?
АРНАУДОВА: Мислам дека Караванот на слободата се труди да ја пренесе токму оваа порака. Дека слободата е основната клетка, според која, ние сите, особено уметниците, функционираме. Се обидуваме на луѓето да им го пренесеме тоа дека секој има право на своја вистина, на свои ставови и дека особено во оваа ситуација мораме да размислуваме со своја глава.
Оваа вест е достапна и на: Albanian