Куманово ја поддржа Граѓанската повелба

Во директна комуникација со граѓанките и граѓаните на инфо-штандот на ЦИВИЛ во Куманово, на 9 март, се промовираше светската Граѓанска повелба, глобална рамка за граѓанско учество и реафирмација на човековите права и слободи. Дел од тимот на ЦИВИЛ спроведе и видео анкета со случајни соговорници во центарот на градот.

Овој документ уште еднаш гласно го истакнува барањето за почитување на првата за слободно изразување, за мирни собири, здружување и создавање услови за граѓанско учество и влијание врз јавните политики и донесувањето политички одлуки на локално, национално и глобално ниво. Со свој потпис или со пополнување на онлајн петицијата, луѓе од целиот свет ја искажуваат својата поддршка за Граѓанската повелба.

ЦИВИЛ е прва организација - носител на овие активности во Македонија и во поширокиот регион, а беше и меѓу првите педесет организации во светот кои го поддржаа овој документ, на светската конференција „Глобални перспективи“ во Берлин, 2016 година.

Подоцна, во текот на денот, се одржа и работилница со учество на градоначалникот Максим Димитриевски и видни граѓанки и граѓани кои ја претставуваа локалната самоуправа, медиумите, бизнисот и граѓанското општество.

ЦИВИЛ го преведе овој документ на повеќето јазици кои се говорат во Република Македонија и ги достави до сите меѓународни организации кои ја предводат оваа глобална иницијатива. Дел од овие повеќејазични материјали на ЦИВИЛ се веќе објавени на повеќе веб страници низ светот.

Активностите продолжуваат во Скопје, со информативни штандови, анкети со граѓанките и граѓаните и со работилница, на 12 март.

Проектот се спроведува во партнерство и со поддршка од Меѓународниот центар за граѓанско општество со седиште во Берлин, Германија.