КУМАНОВСКИ РЕГИОН: ПАРТИСКИ АКТИВНОСТИ НА ВРАБОТЕНИТЕ ВО ЈАВНИ УСТАНОВИ

Извештај на Работната група за превенција за кумановскиот регион, на Конференцијата на Цивил ДЕМОКРАТСКИ ПЕРСПЕКТИВИ, одржана на 1 март во Скопје

Во глобала состојбата во периодот на мониторирање е стабилна и без некои посериозни нарушувања на јавниот ред и мир, нарушување на безбедноста на граѓаните и без насилство кое би било изразено со инциденти, тепачки, демолирање на партиски штабови и слично.

Единствен случај за одбележување е инцидентот кој се случи во Куманово на 24.02.2013 година, кога по завршување на конвенцијата на здружената опозиција еден активист бил нападнат и прободен со нож во рамо.

Воглавно активностите се сведуваат на борба на мислења и идеи кои се пласираат на социјалните мрежи и медиуми, како и непосредно со испишување на определени графити во урбаните средини.

Забележлива е зголемената активност на владеачката ВМРО ДПМНЕ, со отворање на партиски штабови, средби со различни челни групи, активности за посета на домаќинства и делење на програмата за следните локални избори, иако официјално изборната кампања не е започната.

Во најголема мера во овие активности се вклучени активисти кои се вработени во јавни институции и истите се под директива на актуелните градоначалници. Забележливи се активности за промоција на нови проекти, организирање на културни, спортски и други настани на кои е видливо присуството на кандидатите за градоначалници и од листите за советници. Исто така забележлива е поголема застапеност на овие лица на локалните медиуми со промовирање на нови проекти од областа на инфраструктурата, културата и спортот за наредниот период.

За истакнување е тоа што на сите средби, иако од улога на моментални носители на определена функција овие лица се претставуваат како партиски членови, што претставува дирекна злоупотреба на актуелната позиција. Забележано е истакнување на партиски симболи во градоначалнички кабинети, во средни училишта и манипулација со малолетници или со маргинализирани целни групи. Очигледни се напорите да се остварат средби со здруженија, ромски организации, пензионери, спортски клубови и сл.

KumanovoОд граѓани стасаа информации дека некои директори на јавни установи одат на терен и работните овластувања ги ставаат во функција на претстојната капмања со тоа што вршат разни закани, притисоци, ветувања, условувања со социјална помош, туѓа нега и сл.

Во истиот овој период послаба е активноста на опозицијата, освен организирањето на повремени блокади на определени сообраќајници. Имаат отворено штабови во кои нема масовни собирања и активности.

Исто така забележителна е значителна повлеченост на граѓаните, кои, како што велат, се во исчекување на активностите на меѓународната заедница по однос на најавениот бојкот од страна на опозицијата.

Атмосферата е релативно мирна, бидејќи гласачкото тело поучено од претходниот период е доста резервирано и претпазливо со оглед на притисоците и влијанијата кои беа манифестирани во изминатите неколку изборни циклуси.

Во целина населението е со слаба економска моќ и во такви услови со него лесно се манипулира. Очигледно поучени од претходните искуства тие се многу внимателни и повлечени во себе, при што евентуалниот страв не се манифестира на некаков посебен начин. Истиот е прифатен и се манифестира како секојдневен и вообичаен начин на однесување (молќење и затвореност во себе со индиција на неизвесност и очекување што ќе се случи).

Print Friendly, PDF & Email