ЦИВИЛ – Центар за слобода денеска одржа состанок со Регионалната работна група за слободни избори во Куманово. На состанокот беа поканети и локални претставници на политичките партии, невладините организации и медиумите.
Со кумановчани се отвори дискусија за претстојните избори, оставката на премиерот, недовербата на граѓаните дека ќе има фер и демократски избори, медиумското необјективно известување на националните медиуми, недоволното време за прочистување на изборните списоци и како оваа политичка ситуација влијае на локално ниво.
Регионалната работна група за слободни избори смета дека не сме политички зрели затоа што политичарите ги ставаат личните интереси пред интересите на граѓаните, а локалните политичари ја водат истата политика како власта на центално ниво.
На состанокот се зборуваше и за недовербата на Албанците во нивните лидери, за дефицитот во општинскиот буџет и уништувањето на човечкото достоинство преку притисоци, закани и креирање на социјални случаи кои лесно се замолчуваат.
Според кумановчани единствениот начин за одложување на изборите е со помош на граѓанските организации и опозицијата кои би ги бојкотирале изборите на 24 април. Според нив ова е последната шанса Македонија да биде сериозно сфатена од меѓународната заедница.
Работниот состанок во Куманово беше одржан во рамки на проектот „Слободни избори за слободни граѓанки и граѓани“ со поддршка на Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.