Квазирепортажа: Македонија – распарана...

Откако, ние постарите, во 25-те години безумие кое го наследи едноумието,  веќе отрпнавме, за жал, главно неспособните македонски политичари, несвикнати да функционираат ако немаат наредби „на далечинско“ (од Белград или Брисел, сеедно), како кројачи на нашите судбини, да ни го парааат и онака, само „исфирцаното“ македонско општество, по сите национални, ѓоа -идеолошки, религиозни, централно контра локални или урбано контра рурални... шевови, овие актуелниве партиски киднапери на државните институции, во име на Фамилијата, сега сакаат и државата да ни ја скинат на парчиња!

Синиша Станковиќ

Пишува: Синиша Станковиќ

Иако се свесни, и добро знаат дека секој обид на накотените недоветници како нив - од еднаш скинатото, потоа демек,  да скрпат некој „пачворк“ – е однапред осуден на неуспех. Ама, гајле си немаат. Со огин си играат непрокопсаници...

Полнејќи ги џебовите без исаф, немилосрдно крадејќи им ја иднината на нашите деца, ги избркаа од дома сите кои сакаа или можеа да избегаат, а на домашен план, според старата максима „раскарај, па владеј“, ги закрвија Македонците и Албанците, христијаните и муслиманите, десните и левите, „античките“ и Словените, „МЗТ Фемили“ и „Сити Парк Бојс“, ма децата во градинките ги отруја со омразата кон „инаквите“... За пусти ќар и моќ, јагмаџии...

Она што вечерва се случуваше на скопските улици, и што според вестите од поголемите градови во Македонија и во овие моменти, се уште се случува со - патетичните обиди на партијата на власт со сила да домк’не во Скопје што повеќе „уставобранители“, заслепени партиски послушници или рекетирани административци и буџетари, кои изутрина ќе им ракоплескаат на уставните судии кои ги дамкосаа тогите, мора да ги вџаши од страв сите кои се сé уште рационални во државава!

Две групи граѓани, помалубројната, со наредби и закани построена од власта (или според „подоброто“ сценарио – со сендвич, пиво и бесплатен превоз до престолнината - мотивирана) и побројната, организирана од граѓанска платформа со силна поддршка на опозицијата, беа на чекор да се гледаат преку нишан. Всушност, не се ни гледаа, оти меѓу нив, имаше кордон специјалци со штитови и шлемови, ред решетки, па, како „фил“ -  6-7 борни возила, „хермелини“ ли, како ли им е името, од кои на едното злокобно не му беше покриена долгата цевка озгора, па пак, ред решетки, па кордон специјалци во полна опрема...  Закрвените граѓани на Македонија. Од обете страни на барикадите, поставени пред Новиот – Стар театар и Музејот на ВМРО, оној со восокот... Сцена од водвиљ. Да, на прв поглед, ама, секако без холивудски хепиенд.

clp 04 prilep 15032016

Пред Уставниот суд се најдов вечерва за да известувам, додека демонстрантите кои бараа неколкутемина уставни судии да поднесат оставка за да се спаси Уставот, правната држава, па и образот и честа на Македонија ако сакате, тргнуваа од пред Владата. Една млада активистка, ме сретна во толпата контра-демонстранти, и ме праша кои се луѓево, не можејќи да препознае некое од лицата кои со години протестираат, барајќи правда и слобода. И реков да го снижи троа гласот...

Барајќи ги колегите, новинари и сниматели,  премрзнат, одев меѓу контра-демонстрантите, слушајќи ги патриотските песни и читајќи ги потпрените транспаренти на кои пишуваше дека странските шпиони треба да ги држат рацете подалеку од уставните судии и дека Македонија - нема да им ја дадат. Македонија никој и нема да им ја земе на сите фели бранители, зашто, ако се продолжи со арамилакот, неодговорноста, заслепеноста и лудилото, Македонија ќе ја сака и брани само последниот Македонец, оној кој ќе остане да го изгасне светлото... И можеби ќе биде задоволен.

Контра-демостранти

Како вечерва продавачот на шишенца вода, кикирики и сончоглед пред зградата на АЕК. Му врви бизнисот со неколкуте стотици луѓе кои, криејќи се од ветрот и ситниот дожд, под шаторите фиксирани и со големи бетонски блокови, грицкаат во петта брзина, како на фудбалски натпревар. Сендвичите ги изела пладневната смена спонтано натерани... На плоштадчето пред МОБ, бучи генератор во камионче. Нешто мора да ги храни со струја огромните звучници, од кои ечи: „Земјо македонска, уважавам Те!“. Останувам вчудовиден од организационите и финансиските способности на малата партија - ГРОМ на Стевчо Јакимовски, чиј глас ми одекнува зад грбот, додека во какафонијата дијалекти во кафеаната „Пирин“ се обидувам да препознаам некој лик. Нема.

Некој во МВР сепак, бил свесен за ситуацијата која можеше да ескалира (иако не со интензитет како кога е во прашање меѓуетнички судир, но сепак...). Полиција меѓу шаторите на контра-демонстрантите, околу зградата на Уставниот суд, пред и зад Археолошкиот музејот, специјалци на првиот мост од ГТЦ кон музејот, специјалци со кучиња зад зградата на Музејот на холокаустот, специјалци пред и во дворот на црквата „Св. Димитрија“, пред влезот во Турска чаршија, пред Музејот на ВМРО... Откако од другата страна на барикадите се слушна „О бела чао“, активистката замина кон „своите“, а јас и еден колега, побаравме од специјалците да поминеме низ барикадите. Не одбија, но љубезно ни објаснија да поминеме зад црквата и да кружиме до Театарот. Таму, на импровизираната бина ги дочекавме колегите сниматели, лидерите на „Ајде!“, граѓаните... Музиката поинаква, слоганите поостри: „Оставки!“, „Лопови!“, „Нема правда, нема мир!“... Знамиња, слогани и поглед кон „хермелините“

Протест: Одбрана на Уставот од Уставен суд

Заминав, туркајќи се низ толпата. Блокирани улици и ретки пешаци. Пред НУБ, конечно такси - возачот подисплашено ме прашува каква ѓурултија имало? „Ја параат Македонија“, му одговорив. Непара ме разбра, ама муштеријата е секогаш во право. Би сакал да верувам дека и народот е секогаш во право, дека ќе се свести и разбуди, дека граѓан(к)ите нема да дозволат некој да ги турне во нови тензии и судири.

Би сакал утре да се разбудам без специјалци на улиците, а со уставни судии со чист образ и цврст рбет... Ама, знам дека нема ни да заспијам.

 

Оваа вест е достапна и на: Albanian