Кежаровски: Никој нема да биде господар на мојот ум!

„Новинарството денес во Македонија може да се подведе под именката од машки род – хаос!“, истакна Томислав Кежаровски, новинар кого режимот го држеше зад решетки заради неговите истражувања. Кежаровски беше еден од говорниците на мултимедијалниот настан „За слобода на изразувањето“.

[youtube width="600" height="344"]https://www.youtube.com/watch?v=rBXXGyAujqE[/youtube]

Моралот и етиката, како основни постулати, се мисловни поими. Прекршени се речиси сите правила на воспитание и култура на однесување.

Во Македонија немаме слобода на говор, имаме слобода на омраза!

Се кршат индивидуалните и колективните права и слободи. Во медиумите не работат повеќе новинари, туку извршители на работите. Луѓе кои немаат ништо заедничко со новинарство и создаваат само гнев. Наместо да се гласници на правдата и слободата (на човековите права и солидарноста,) тие се само еден обичен запчаник во политичката машинерија. Честа им ја купија за мали пари !!!

Секој обид да се крикне против наметнатото едноумие, актуелната власт вешто го задушува...

Корумпираниот систем преку своите корумпирани медиуми секојдневно на подзаспаните им ракажува бајки за економски бум...

Нас другите, „поинаквите“, согласно Уставот и законите, нé навредуваат, бркаат, тепаат, нé прогонуваат да не речам и убиваат.

Јас сум подготвен секогаш да се ставам на страната на прогонетиот, да се борам за битката која се смета за загубена и да го ставам заедничкиот интерес над личниот профит.

Без оглед на сé што ми сторија и што ми прават, секогаш ќе бидам на страната на вистината.

Никој, ве уверувам никој нема да биде господар на мојот ум!

Томислав Кежаровски


На мултимедијалниот настан посветен на слободата на изразувањето и слободата на медиумите, на граѓанското новинарство и на активизмот „За слобода на изразувањето“, што во организација на ЦИВИЛ – Центар за слобода се одржа на 1 јуни, во центарот на Скопје, на присутните им се обратија шестмина новинари, граѓански новинари и активисти.
Томислав Кежаровски на македонски јазик, Арбана Ќерими на албански, Синиша Станковиќ на српски,  Хадис Сулејман на турски, Дехран Муратов на ромски и Ермин Климента на босански јазик, односно секој на својот мајчин јазик, отсликувајќи ја така Македонија како земја на различни етнички заедници, сите заедно проговорија за медиумскиот простор во земјава, за човековото право на слободно изразување, за потребата да се искаже јавно својот став, за недостатокот на објективно известување и за извртената реалност која секојдневно се пласира во медиумскиот простор.
Мултимедијалниот настан „За слобода на изразувањето“ е во рамките на проектот Граѓански објектив, финансиран од National Endowment for Democracy.