Околу 30 политички партии најавија учество на нивните највисоки претставници на денешната јавна дискусија „Плурализмот и политичката криза“ во организација на ЦИВИЛ. Јавната дискусија ќе се одржи денеска, 10 мај, во хотел Континентал, со почеток во 10:30 часот.
Ова е четврта јавна дискусија на оваа тема, а трета со политичките партии. Во претходните изданија на оваа серија настани, учествуваа по речиси дваесет политички партии кои не се вклучени во преговорите за надминување на политичката криза, процесот кој произлезе од Договорот во Пржино. Едно издание на серијата јавни дискусии се одржа со учество на претставници на бордот на експерти на ЦИВИЛ, во соработка со ГОНГ, Хрватска.
На денешната јавна дискусија се поканети сите политички партии, вклучувајќи ги и политичките партии кои ги водат преговорите. До овој момент, од партиите кои ги водат преговорите потврда за учество испрати само лидерот на опозициската СДСМ. ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА не се одѕваа на поканата на ЦИВИЛ.
Прашањата и темите на кои ќе говорат партиските лидери се однесуваат на изборниот процес, како што се импликациите од одлуката за бојкотирање на изборите, како и прашањето дали тоа ќе придонесе кон решавање на кризата или ќе ја продлабочи. Понатаму, на дискусијата ќе се разговара за тоа дали треба да има нов датум за избори или мора да се инсистира прво да се создадат услови за слободни избори, а потоа да се утврди датум за нив. Партиите ќе ги изнесат и своите ставови и предлози за излез од политичката криза во Македонија.
Денешната јавна дискусија ќе трае два часа и ќе се состои од два дела:
Во првиот дел, претседател(к)ите на политичките партии ќе имаат излагања од по 3 минути, а во вториот дел, подиумот ќе биде отворен за кратки излагања на други претставници на политичките партии од по една минута, како и прашања и коментари од останатите учесници.
Освен големиот број политички партии, присуство најавија и голем број претставници на организации на граѓанското општество, дипломатските претставништва, институциите и заинтересирани граѓанки и граѓани.
Настанот се одржува во рамките на проектите „Слободни избори за слободни граѓанки и граѓани“, поддржан од Министерство за надворешни работи на Сојузна Република Германија и „Напред!“ – проект за изборен мониторинг, финансиран со германски средства од Пактот за стабилност на Југоисточна Европа.