По 14-ти пат продемократски протести во Скопје, на кои денеска учествуваа илјадници демонстранти. Денешното издание на „Шарената револуција“ започна во 18 часот пред Специјалното Јавно обвинителство, од каде демонстрантите продолжија кон Собранието на Република Македонија. Пред граѓаните, од бината се обрати пратеникот на СДСМ, Стефан Богоев, кој му се обрати на заменик-министерот за внатрешни работи, Митко Чавков, со пораката дека „колку повеќе снимаат, толку повеќе демонстранти се појавуваат на мирните протести“.
„Кога ќе падне оваа диктатура на чело со Никола Груевски и Ѓорѓе Иванов, Триумфалната порта ќе биде симбол на 'Шарената револуција' и ќе има поставено бројчаник за секој денар што ќе го вратат сите што и наштетија на Македонија“, истакна Богоев на денешниот говор пред Собранието.
Пред Собранието демонстрантите поставија букет цвеќе во чест на Никола Карев.
На мостот кај хотелот „Холидеј Ин“, демострантите поставија транспарент на кој пишуваше „Јас сум 'Слобода' и имам ограда од 2.000.000 евра, а што имаш ти?“
Демонстрантите маршот го продолжија пред Владата на Република Македонија, каде што беа поставени насликани ликови на Ѓорѓе Иванов и Никола Груевски. Граѓаните својот револт за погрешните политички потези и последиците од нивното владеење го изразија мавајќи со боја по портретите на Груевски под кој пишуваше „Мафија“ и на Иванов,под кој пишуваше „Аболиција“
Дел од демонстрантите откако заврши „фарбањето“ на портретите, со спреј испишаа „Готов си, 'Шарена револуција'“.
Дехран Муратов