Лицемерието на Владата кон најсиромашните граѓани

Од оваа година им е укината социјалната помош на голем број граѓан(к)и затоа што примиле пари од странство преку агенции за трансфер на пари. Згора на тоа ќе мора и да ги враќаат парите што ги добиле од државата. Моменталната ситуација на социјално загрозените лица ме потсетува на еден „виц“:

Еден социјалец фатил риба во реката и ја однел на жена му да ја зготви.
- Ете ти една риба да ја испржиш.
- Немаме зејтин.
- Тогаш со свинска маст.
- И маст немаме, на „пишанка“ одамна не ни даваат во продавницата.
- Добре де, ајде свари ја!
- И вода немаме, претпладне ни ја исклучија оти не сме ја платиле од лани.
Социјалецот се изнервирал, отишол до реката и ја фрлил рибата во водата.
Рибата испливала на површината и почнала да вика: Да живее Владата! Да живее Владата!

Владата пак, постојано објавува дека е намален  бројот на приматели на социјална парична помош. Толку многу вработувања најавува секој ден што од 2 милона жители, се чини како да имаме 4 милиони работни места. Човек да се ,,утепа“ од работа, не една, туку две-три работни места може да зафати, „само ако сака“. Но, не е владата крива што македонските граѓани се „мрзливи“ и не работат, туку сакаат да живеат врз грбот на државата.

А толку е „добра“ оваа власт што од јуни за 10 отсто се зголеми износот на социјалната парична помош, а за 25 отсто паричниот надоместок за родители на деца со пречки во развојот од материјално необезбедени семејства, како и за семејствата кои згрижуваат деца без родители.

Колку е само лицемерна оваа владеачка гарнитура која, од една страна им ја укинува помошта на граѓан(к)и и ги тера да ги вратат парите назад на државата, а друга страна се фали дека ја зголемува паричната помош. Како нема да зголемат по околу 200-300 денари, кога на стотици да не речам илјадници социјалци им ја укинаа паричната помош од 2000-3000 денари?

ЦИВИЛ објави сторија на социјален случај на кого му е укината социјалната помош затоа што примил пари од странство за да ја лекува жена му од канцер (рак), од кој и починала.  Африм Аслани за ЦИВИЛ Медиа вели: „Кога дознав дека жена ми има тумор, отидов во Социјално да побарам еднократна парична помош, но оттаму ме одбија. Бидејќи немав никаква финансиска помош, им се јавив на браќата на жена ми, кои живеат во Германија, и им кажав дека нивната сестра е болна и дека треба да се оперира. Тие веднаш ми испратија пари“. Аслани вели дека покрај тоа што останал без сопругата, со 4 малолетни деца, од кои најмалото има само 5 години, уште потешко му е затоа што останал без никаква финансиска помош од државата. Згора на тоа, државата му бара да врати околу 600 евра.

Слични судбини како на Африм Аслани имаат многумина граѓани на кои им е укината социјалната парична помош.

Уште неколку дена е Рамазан Бајрам. На тој ден, сите деца си купуваат нова облека, жените прават баклава и други слатки... Но, како ќе слават социјалните случаи на кои им е укината паричната помош? Од каде ќе најдат пари за баклава, облека, бомбони? Дали премиерот Никола Груевски, претседателот Горѓе Иванов, министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и заменик министерот Ибрахим Ибраими некогаш биле на Рамазан Бајрам кај некои социјалци да видат како тие го слават празникот..? Или, тие одат на гости кај нивните колеги (муслимани) каде што ги пречекуваат со јадење и пиење во изобилство...!? Има една пословица која гласи ,,ситиот не му верува на гладниот“, затоа мислам дека „можеби не знаат“ дека има деца кои нема да имаат баклава за најголемиот муслимански празник. Дали знаат какво детско разочарување е да се нема дома баклава за Рамазан Бајрам, или да се нема вапцани јајца за Великден?

За среќа има и хумани луѓе кои им помагаат на најсиромашните граѓани, но сега не можат ниту да им испратат пари на нивните роднини/пријатели за да купат баклава за празникот. Постојано ме прашуваат роднини/пријатели кои живеат во странсво како да им испратат пари на примателите на социјална парична помош, а притоа да не им наштетат. Е како де, и јас се прашувам? Мислев дека ќе добијам одговор од Труд и социјална политика, но веќе цела недела не ми одговориле на прашањата што им ги испратив преку елекронска пошта.  Се надевам дека набрзо ќе добијам одговор и ќе им кажам на странците како да им испратат пари на своите најблиски. Кога сме веќе кај странците ми текна на уште еден „виц“:

Странците ги прашуваат своите роднини во Македонија:

- Како живеете..?
- Не смееме да се жалиме...
- Аха, значи супер живеете, немате никаков финансиски проблем.
- Рековме дека не смееме да се жалиме, а не дека убаво живееме...!!!

За жал, овие ,,вицови“ се всушнот реалната слика за животот на македонските граѓан(к)и. Се зголемува бројот на оние кои едвај преживуваат и живеа од ден за ден, но не се жалат затоа што стравуваат од одмазда од државните власти ако јавно проговорат за своите проблеми. Законот за социјална заштита не е во корист на социјално загрозените лица, бидејќи со овој закон само се зголемува сиромаштијата на најзагрозените граѓан(к)и. Со сегашниот закон само ќе се намали бројот на приматели на социјална парична помош, но, сепак тоа е далеку од вистинската слика дека се зголемува вработувањето во државата.

Дехран Муратов

Оваа вест е достапна и на: Albanian