Претседателот на Партијата за целосна еманципација на Ромите - ПЦЕР, Самка Ибраимоски, во неделата вечерта, на својот Фејсбук профил напиша дека е укинат Правилникот за начинот на остварување на правото на социјална парична помош, со кој корисниците на социјална помош кои примат пари од странство преку брз трансфер, го губеа тоа право!
Ибраимовски, кој пред речиси една деценија беше и заменик – министер за труд и социјална политика, напиша дека правилникот е укинат од актуелната министерка Фросина Ременски Ташевска, но, веќе во понеделникот, ги отстрани своите Фејсбук статуси. Со тоа, голем број на приматели на социјална парична помош останаа во недоумица, иако Ибраимовски ни изјави дека можеби неговиот Фејсбук профил бил хакиран и дека не знае кој му го избришал статусот.
Од Министерството за труд и социјална политика за ЦИВИЛ Медиа изјавија дека во тек е подготовка на анализи на сите подзаконски акти, со помош на кои се спроведува Законот за социјална заштита и други закони, а со цел - согледување на нивната усогласеност со законите и Уставот на Република Македонија. Според Министерството, предмет на анализа е и споменатиот Правилник за начинот на остварување на правото на социјална парична помош.
„Во Министерството за труд и социјална политика се постапува по нерешените предмети по жалба, кои се однесуваат на укинато право на социјална парична помош, меѓу кои, како една од причините е и брзиот трансфер на пари. Доколку има основ за уважување на жалбата и поништување на првостепеното решение, лицата ќе можат да го остварат правото на социјална парична помош, доколку ги исполнуваат и сите останати услови“, ни изјави Жаклина Величковска, раководителка на Одделението за односи со јавност, во Министерство за труд и социјална политика.
Таа додаде дека во Министерството ги очекуваат и информациите од центрите за социјални работи во Република Македонија, во однос на бројот на корисници на социјална парична помош кои го изгубиле правото заради прием на пари по брз трансфер за 2015 година и со обновата, во 2016 година.
Според информациите на ЦИВИЛ, во изминатиот период, најмалку стотина граѓани останале без право на социјална парична помош, бидејќи добиле пари преку брз трансфер. Таквите социјални случаи сега не користат никакви државни средства. Токму затоа, шпекулацијата дека им е вратено правото кое им беше укинато со контроверзниот правилник, предизвика надеж и раздвиженост меѓу корисниците на социјална помош, особено меѓу Ромите.
Дел од лицата кои ги контактиравме, а кои ја земале веста „здраво за готово“, беа воодушевени. Но, за вистинска радост, ќе мора да почекаат да заврши анализата, да бидат внесени евентуалните промени, и сето тоа да биде објавено во Службен весник, на официјалната страница на Министерството, или на прес-конференција.
Дотогаш, како и досега, социјалците, како маргинализирани припадници на општеството и особено ранлива група, продолжуваат да бидат лесен плен за политичките ловци во матно, без оглед на нивната идеолошка провениенција, кои ги манипулираат, обидувајќи се да извлечат предизборна корист.
Се уште е свежо и самофалењето на експремиерот и актуелен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој тврдеше дека Владата постојано го зголемува нивото на исплатената социјалната помош, најавувајќи го новото зголемување токму во периодот, кога со решенија како спорното, некои корисници на социјална помош кои примат пари од странство преку брз трансфер, го губеа тоа право, со што се намалуваше бројот на корисници на парична помош.
“Досега, откако сме во Владата, имаме зголемување за околу 62 отсто на социјалната помош, зголемувајќи ја секоја година постепено. Со исплатата во јули 2016, зголемувањето ќе надмине над 65 отсто“, изјави Груевски на почетокот на годинава.
Дехран Муратов
Оваа вест е достапна и на: English