Сеењето зло, блуењето гнев и бес, јазикот на омраза и сатанизацијата на сите инакумислечки, ја турка Македонија во безмалку, предвоено лудило. Политичките елити, лицемерно се затскриваа зад своите телали&барабанџии, на кои им дозволуваа да ги излижат чиниите од вулгарно полните софри и од баханалиите платени со парите на граѓан(к)ите, тврдејќи дека соперниците од друга идеолошка провениенција им се само политички опоненти, а не и крвни непријатели. И истовремено, им дозволуваа на „мегафоните“ да дивеат, да лажат и пласираат гадости, за сотрување во корен на конкурентите...
Скришум, зад сцена, влечеа за уши, туркаа во ендек и семејства, прикриваа злосторства, црнохуморно се подбиваа со државата „во која ни едно убиство не може да се сокрие“, а јавно глумеа верници, демократи, смерни и чесни стопани, демек, фиљан луѓе, еснафлии... И ги оставаа гнасотилаците, јавно да ги промовираат, нивните дебеловрати и празноглави момоци, ноќни, телефонски шепкачи на перница, заштитени криминалци, фрустрирани бајачки&јасновидки кои откриваат белосветски заговори против библиска Македонија со гледање во филџан, чаша, шолја ...
И премногу долго рационалниот дел од македонската јавност, главно се подбиваше со глупоста и проѕирните пароли на „револуционерите од под Јорган Планина“, водејќи се од арогантната максима „не ги чепкај – ќе засмрди“, нели, и онака никој не ги слуша/гледа/чита.. Но, толпата разулавени пропагандисти, подбуцнувачи и хејтери на сите кои се пообразувани, поубави, посреќни, поуспешни, поздрави..., која, завидувајќи до балчак, богохулеше, ровареше, труеше..., сепак, може да биде задоволна. Македонија е денес антагонизирана до срж, омразата е всадена и тлее меѓу довчерашните пријатели и комшии, сватови и роднини. Ни крвта не се признава, ако партиската униформа е поинаква...
„Бизарна расправија, по неколку чаши ракија, била кобна за 80-годишниот старец од мариовското село Маково, кој бил до смрт претепан од 53-годишен поранешен осуденик, откако ја пофалил работата на специјалната обвинителка, Катица Јанева, и се порадувал на кривичното гонење на поранешните министри на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески“, е вчерашната вест, која ако е добро пренесена, на сите нормални луѓе, кои од било кои причини сé уште живеат во Македонија, мора да им ја смрзне крвта во вените.
Почнавме ли и да се убиваме, во име на партиските „вистини“?
Доста! Ќе се свестиме, или ќе лееме крв! На кутрата Македонија итно и е неопходна реанимација за будење од трансот и интензивно лекување од лудилото кое 24/7 и го всадуваат произведувачите на магла, илузионистите кои се подготвени на сé, за да го сокријат криминалот, за да не се соочат со незадоволството на обесправените и лажените. Многу вистински моменти веќе пропуштивме. Време за каење – нема. Вчера веќе се слушаа повици на драстични решенија, на демек, решително - НЕ на Западот и пресметка со предавниците на каузата, па и на палење на амбасади! Да не го пропуштиме, скраја да е, и последниот момент во кој нашата реакција сé уште може да има некаков резултат. Да не дозволиме да не внесат со сила, во нивните сценарија за крвопролевање за спас на фотелјите, да го сопреме лудилото!
Оваа вест е достапна и на: Albanian