Македонија на крстопат: Самоизолација или враќање кон евроатлантските интеграции!?

ВМРО-ДПМНЕ се заканува дека „нема да дозволи понатамошно мешање на амбасадори во внатрешно- политичките прашања“, а СДСМ порачува дека „завршува изолацијата и се отвораат повторно перспективите на единствена Република Македонија и сите незјини граѓани“

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на седница донесе проглас во пет точки, кој на демонстрантите пред ДИК и на македонската јавност им го обелодени, лидерот Никола Груевски.

Прогласот го пренесуваме интегрално:

„1. Државната изборна комисија донесе незаконски одлуки со цел изигрување на изборната воља на народот. Работата на Државната изборна комисија се претвори во  пародија, имаме информации за вмешување на некои странски претставници со цел вршење влијание на некои од членовите на Државната изборна комисија, а во правец на постизборен инженеринг и фалсификување на изборната воља на граѓаните на Република Македонија. Некои од независните претставници на ДИК не се независни. Незаконските одлуки на ДИК може да ги корегира Управниот суд. Повикуваме да не се врши никаков притисок на Управниот суд, од никого.

Доколку и Управниот суд подлегне на влијанијата од страна и ги потврди незаконските одлуки на ДИК и со тоа се одземе победата на ВМРО-ДПМНЕ и се фалсификува слободно изразената воља на граѓаните на Македонија, ВМРО-ДПМНЕ објавува дека꞉

Нема да учествува во прегласувањето и нема да ги признае резултатите од тоа прегласување.

Аболицираниот криминалец Зоран Заев нема да дозволиме да формира Влада со фалсификувана воља на граѓаните на Република Македонија.

ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи функционирање на институции со фалсификувана воља на граѓаните и функционирање на институции кои го немаат легитимитетот на граѓаните на Република Македонија.

 

proslava-pred-palata2

2.Државата мора суверено да ги носи одлуките. Некои амбасадори почнаа премногу да се мешаат во внатрешната политика на земјата. Тоа мора да запре. Остануваме отворени за комуникација со сите амбасадори и претставници на други држави, но, некои амбасадори кои почнаа премногу да се мешаат во нашата внатрешна политика, мора да престанат да го прават тоа.

ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи понатамошно мешање на амбасадори во внатрешно- политичките прашања на земјата и бараме да останат во рамките на на своите мандати и овластувања како дипломати.

ВМРО-ДПМНЕ го напушта форматот на состаноци и преговори со други политички партии во кои учествуваат амбасадори, странски посредници или преставници на други земји, а на кои се преговара или носат одлуки за кои во секоја држава одлучуваат претставниците избрани од народот.

3.ВМРО-ДПМНЕ во иднина нема да прифаќа нестандардни или хибридни решенија во било кој сектор, доколку истите ги нема во други земји членки на ЕУ.

gruevski-poster

 

4.ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати и нема да дозволи кантонизација и редефинирање на државата под било какви услови или било какви околности.

5.Ќе се бориме за десороизација на Република Македонија, и јакнење на независен граѓански сектор кој нема да биде под ничија контрола. Ќе се пристапи кон регулирање на областа на финансирање на фондациите и НВО, по теркот на најнапредните демократии во светот.

ВМРО-ДПМНЕ, и историски и во сегашноста, и во иднина била и ќе биде прозападно ориентирана партија. Нашата ориентација е членство во НАТО и ЕУ и стратешко пријателство со САД. Темелна вредност на НАТО, ЕУ и САД е демократијата и овој проглас е проглас за заштита на демократијата во Република Македонија“.

По прогласот на ВМРО-ДПМНЕ и настапот на Груевски, кој дел од медиумите го нарекоа и „опасен потег на очаен губитник“ и „крик на очајник или државник во одбрана на суверенитетот“, со соопштение се огласи и опозициската СДСМ.

prilep5

И тоа соопштение го пренесуваме интегрално.

„Режимот е поразен. Победи граѓанска Македонија. Граѓаните избраа живот и промени.

Никој и ништо не може да им застане на патот на демократските процеси и на слободата во Македонија.

Граѓаните ги препознаа манипулациите, затоа се мирни, свесни се за својата победа. Од вечерва и Никола Груевски е соочен со реалноста. Завршено е со Груевски во политиката. ВМРО-ДПМНЕ заминува во опозиција.

На Македонија ѝ требаат одговорни политичари и Влада што ќе работи во интерес на граѓаните. Таква Влада ќе добие Република Македонија.

Институциите во Македонија мора да работат во служба на граѓаните.

Завршува изолацијата. Се отвораат повторно перспективите на единствена Република Македонија и сите незјини граѓани“.

zaev-pred-vlada

По настапот на Груевски, реагираше и лидерот на опозицијата Зоран Заев, кој повика на смиреност и воздржаност кај граѓаните:

„Да не дозволиме никакви провокации од никого вклучително и од оној што 10 години ја упропастуваше Македонија. Неговото време заврши. Институциите мора да си ја завршат својата работа согласно Уставот и законот. Од одлуките на ДИК и Управниот суд не зависи кој ќе формира Влада но тие се важни заради вистината и фактите. Граѓаните со огромно мнозинство гласови, повеќе од 600.000, гласаа за промени. Промените ќе се случат и тие незапирливо доаѓаат, без разлика што на врхушката на ВМРО ДПМНЕ ѝ е тешко тоа да го прифати. Промените се здрави за секоја држава, така и за Македонија. Повикувам на достоинствено и трезвено однесување. Повикувам на трпение и воздржаност. Повикувам на одговорност кон државата и граѓаните. Доаѓа слобода за сите граѓани, за сите кои гласаа за промени и за сите кои беа уценети и притиснати од Груевски. Македонија ќе оди напред. Ќе има живот за сите!“, порача Заев.

Оваа вест е достапна и на: English