Македонија потона во уште подлабока криза

Синоќа, еден час пред полноќ, без присуство на опозицијата, се распушти Собранието на Република Македонија. СДСМ ја бојкотираше итната седница за распуштање на Собранието, чии министри претходно поднесоа оставки, но не беа констатирани од парламентарното мнозинство.

Покрај тоа што Собранието се распушти, претседателот на Собранието Трајко Вељановски не ја потпиша одлуката за избори на 5-ти јуни. Како што изјави Вељановски, тој сака да ѝ даде време на Државната изборна комисија да ги реши дилемите околу Избирачкиот список.

Непосредно по распуштањето на Собранието, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, одржа прес конференција на која порача дека опозицијата нема да учествува на изборите на 5-ти јуни.

“Со месеци заедно се бориме за слободни и демократски избори. Да се врати основниот демократски принцип „еден човек-еден глас“. Да се врати правото на различно мислење. Договорот од Пржино беше потпишан тоа да се обезбеди. Никола Груевски постојано го уриваше Договорот од Пржино. Избирачкиот список не се прочистува. Медиумските реформи не се прифатени. Притисоците продолжуваат. За нас, зборот навистина е збор. Не се откажуваме од принципите на кои што инсистираме. Заедно со цела демократска јавност. Во име на тој збор, во име на тие принципи, во име на демократијата, СДСМ нема да учествува на овие лажни избори”, истакна Заев.

Според Заев, останува отворена можноста СДСМ денеска да ги повлече тројцата партиски членови од ДИК. Во текот на вчерашниот ден, членовите на ДИК излегоа со спротивни ставови во однос на теренската проверка и пречистувањето на Избирачкиот список. За членовите од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Избирачкиот список е идеален, додека пак за претставниците на СДСМ, до целосно прочистување има уште многу работа. Ставот на претседателот на ДИК, Александар Чичаковски е дека нема да го потпише избирачкиот список ако остане макар и еден спорен гласач.

Со одлуката за распуштање на Собранието, собраниското мнозинство покажа дека нема слух за ставот на лидерите на 18-те политички партии меѓу кои и 5 парламентарни, кои на јавната дискусија “Плурализмот и политичката криза”, во организација на ЦИВИЛ-Центар за слобода, едногласно порачаа дека условите за фер и демократски избори на 5-ти јуни не се исполнети.

ЦИВИЛ со месеци наназад ја алармира јавноста за сериозните проблеми во спроведувањето на Договорот од Пржино и секојдневно ја информира јавноста за стотиците случаи на злоупотреби и кршење на човековите права и слободи во изборен контекст. ЦИВИЛ повеќепати излезе со анализи дека ни оддалеку не се создаваат услови за одржување слободни избори во земјата и посочи проблемите со Избирачкиот список, попречувањето на работата на СЈО,  контролата на медиумите, партизацијата на институциите, поистоветувањето на партијата со државата...

Мнозинството претставници на политичките партии кои учествуваа на јавните дискусии на ЦИВИЛ изнесоа слични или исти констатации. Но, парламентарното мнозинство на партиите на власт не покажаа ни најмал интерес за ставот на граѓанските организации или на партиите кои не се во коалиција со нив.

ЦИВИЛ, пред почетокот на седницата на Собранието на Република Македонија на прес конференција пред зградата на Собранието, го претстави ставот дека слободни избори не се можни на 5-ти јуни. Воедно, ЦИВИЛ побара оставка од Владата поради неуспехот да го спроведе Договорот за надминување на политичката криза, потпишан во Пржино, и со тоа го  оневозможи создавањето услови за одржување на слободни избори во Република Македонија.

Исто така, Граѓанската асоцијација МОСТ, на вчерашната прес конференција ги посочи големиот број на неправилности и прекршувања на изборното право, кои ги добива од терен. МОСТ деновиве ја посети и финансиска полиција, што според организацијата е начин да се дефокусира јавноста од неправилностите кои МОСТ ги објави во јавноста, а кои се однесуваат на теренската проверка на ДИК.

Во последното деноноќие, со арогантниот и ригиден став на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и партиите кои се во соѕвездието на оваа партија, Македонија влезе со нова, уште подлабока политичка криза.

Марија Теговска

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish