Дневен преглед на најважните настани во Република Македонија: Седница на Државната изборна комисија || Јоханес Хан: Идните реформски мерки се неопходни! || Божин Павловски: Не сум потписник на предлогот за Иванов || Судската администрација продолжува да штрајкува || (ВИДЕО) Антикорупциската комисија - лидер во неработење во регионот || Специјалното јавно обвинителство продолжува со работа || Нова анкета на ИРИ || Преговорите ќе продолжат || МВР има обврска да ги заштити граѓан(к)ите || Шарената револуција одбројува.
Седница на Државната изборна комисија
Со 9 гласа „за" и ниту еден „против", без никаква дискусија и расправа, на една од последните седници, членовите на Државната изборна комисија си поделиле по околу 3.600 евра за досегашниот ангажман во комисијата. Секој член на ДИК месечно добива и по околу 1.000 евра плата. На другите теми, резултатот е поразителен - ДИК потроши многу време и пари, а резултат нема. Консензус, за тие прашања, многу ретко се постигнува. Но, не и кога станува збор за хонорарите.
Јоханес Хан: Идните реформски мерки се неопходни!
Македонската Влада и политичките партии се обврзаа да го почитуваат Договорот од Пржино и итните реформски мерки се неопходни, особено и оние за прашањата на малцинствата, изјави еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан.
Зоран Заев се сретна со амбасадорот на Полска Јацек Мултановски
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев денеска се сретна со амбасадорот на Полска, Јацек Мултановски. На средбата се разговарало за актуелната политичка ситуација во Македонија, планот за излез од кризата и за евроатланските интеграции на земјата, се вели во соопштението од СДСМ. Заев и полскиот амбасадор заеднички констатирале дека повлекувањето на аболицијата е добра можност да се отвори пат за враќање на правдата.
Божин Павловски: Не сум потписник на предлогот за Иванов
„Сепак, јас не сум потписник на предлогот за Ѓорге Иванов. Некој ставил потпис наместо мене. Иако се поминати многу години оттогаш, се обидов да го составам мозаикот“, вели академик Божин Павловски. „Предлогот со потписите на интелектуалците му бил неопходен на господинот Никола Груевски, затоа што во кругот на неговите блиски соработници постоел отпор за Иванов, кој тогаш не бил член на партијата. Лобирањето се изведувало од повеќе страни и верно се создала клима, најпосле Македонија да добие претседател од редот на интелектуалците”, вели Павловски.
Судската администрација продолжува да штрајкува
Судската администрација продолжува со штрајкот и покрај тоа што денеска не блокираа улици. Од Синдикатот на УПОЗ велат дека министерот за правда сé уште е глув за нивните барања. Тие викендов ќе одлучат какви протестни форми ќе преземат од понеделник, а штрајкот нема да биде прекинат додека покачувањето на додатоци за плата не биде изгласано во закон.
(ВИДЕО) Антикорупциската комисија - лидер во неработење во регионот
Со доаѓањето Горан Миленков на чело на Комисијата за антикорупција, нејзиниот буџет порасна од 352.000 евра во 2014 година, на 520.000 евра во 2016. Бројот на вработени порасна од 24 во 2014, на 31 лице во 2016 година. Сепак, во 2015 година овој состав на Државната комисија за спречување на корупцијата поднел само 1 пријава! Тоа е најмалку во регионот.
Специјалното јавно обвинителство продолжува со работа
Специјалното обвинителство ги стави на списокот осомничени лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и градоначалникот на Гази Баба, Тони Трајковски за случајот соуривањето на „Космос“. Катица Јанева бара од Кривичниот суд мерки за претпазливост за нив, по што екс-премиерот, најверојатно за прв пат ќе се појави на распит во судот.
Нова анкета на ИРИ
Политичката нестабилност во Македонија расте и довербата во инститициите опаѓа, покажува последната анкета на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) со седиште во Вашингтон. Според оваа анкета, поддршката за претседателот Ѓорѓе Иванов е намалена од 4 на 2%. Дури 64% од испитаниците не ја одобруваат одлуката на Иванов за помилување на политичарите вмешани во скандалот со прислушувањето. Институција со најголема доверба кај граѓаните е новоформираното Специјално јавно обвинителство, за кое 63% од анкетираните се изјасниле дека ја поддржуваат неговата работа.
Преговорите ќе продолжат
Аиво Орав и Џес Бејли повторно во акција – по заминувањето на германскиот пратеник Јоханес Хајндл, наголемо се подготвува терен за преговори, како и за повторно седнување на маса на лидерите на четирите партии потписници на Договорот од Пржино. На амбасадорскиот двоец им помогнал и лидерот на СДСМ, Зоран Заев – кој покренал иницијатива за средба со останатите лидери. Сепак, и покрај иницијативата на Заев, во прво време. преговорите најверојатно ќе продолжат на партиско, ниво во рамки на работни групи, под медијација на Орав и Бејли, очекувањата се дека дури потоа лидерите ќе се видат.
МВР има обврска да ги заштити граѓан(к)ите
„Министерството за внатрешни работи има законска обврска да ја гарантира безбедноста на граѓаните доколку има јавен настан, собир, протест…“, вели правниот експерт на ЦИВИЛ – Центар за слобода, Сандра Гавриловска.
Павле Богоевски, активист на Шарената револуција, изјави дека вчерашната блокада не беше пријавена во МВР, со што всушност, беше искористено уставното право на ненајавен протест, но локациите на блокадите беа однапред искомуницирани со полицијата. Сепак, ова не мора да значи дека полицијата треба да стои на страна и да не презема никакви мерки.
Шарената револуција одбројува
Демонстрантите на Шарената револуција со герила-акција потсетија на својот ултиматум и на крстосницата во близина на СЈО испишаа голема „деветка”, колку што има денови до истекот на рокот за нивните барања – 18-ти јуни.
Најави
Бори се против апатијата – обука за граѓанско новинарство (10:30-18 часот, настан од затворен карактер, учество само со одобрена апликација) и церемонија за доделување награди за граѓанско новинарство (18-19 часот, отворен за јавноста).
ЦИВИЛ го објавува овој преглед на дневни настани со цел да придонесе кон објективното информирање за настаните и процесите, но и за настани за кои еден дел од медиумите во Република Македонија не информираат или информираат многу малку. Вашето мислење е важно за нас. Ве молиме, вашите коментари, сугестии, информации, фотографии и видео прилози испраќајте ги на нашата Фејсбук страница или на e-mail: [email protected]
Оваа вест е достапна и на: English