Викенд преглед на најважните настани во Република Македонија (02-03 јули 2016 година): Шарената револуција најави еден протест неделно || ЕУ со санкции за Македонија || ДИК ќе ја промени методологијата на прочистување на Избирачкиот список || ЛДП со порака за обединета опозиција || Намалени платите на судската администрација која протестира
Шарената револуција најави еден протест неделно
Од „Шарената револуција“ најавија дека нема да ги прекинуваат протестите за време на летото. Велат дека еднаш неделно ќе има по еден голем протест, заради поголема масовност. Во меѓувреме, зависи од развојот на настаните, ќе се организираат герила акции и помали протести.Од „Шарената револуција“ даваат подршка на Студентскиот пленум. Воедно ги повикаа граѓаните да дадат поддршка на барањата на како што велат обесправените студенти.
ЕУ со санкции за Македонија
Македонија нема да ги добие планираните 27 милиони евра од европскиот ИПА Фонд за годинава, а нема да се одобруваат ниту нови проекти поради неспособноста и немањето волја од Владата да ги исполни реформските ветувања, потврдија официјално од Европската Комисија. Една од причините е и влошената политичка криза.Нецелосната пресметка во овој момент укажува дека Македонија со овие санкции во моментов би можела да загуби најмалку 130 милиони евра .
ДИК ќе ја промени методологијата на прочистување на Избирачкиот список
ДИК интензивно работи на промена на методологиите за пречистување на Избирачкиот список. Деновиве треба да им ги достави на разгледување на четирите политички партии, кои в среда, заедно со меѓународните набљудувачи, повторно ќе дојдат во ДИК на средба на специјалната работна група за Избирачки список. ДИК треба да одлучи како да се справи со 40 илјади спорни записи. Од нив, најголем број, околу 18 илјади, се лица кои добиле биометриски документ, но не поднеле апликација во МВР.
ЛДП со порака за обединета опозиција
Раководството на Либералната интернационала повторно во Македонија на средба со Либерално-демократската партија, со порака за обединување и формализирање на широк демократски опозициски фронт за конечна победа на слободата и демократијата.Последните случувања со скандалозните избори за студентскиот парламент, Шарената револуција, фијаското на претседателот Иванов со аболицијата и повлекувањето на истата, како и избирачкиот список, беа темите кои се разговараа на средбата.
Намалени платите на судската администрација која протестира
На последната седница на судскиот буџетски совет донесена е одлука за намалување на платите на околу 2 000 административци. На седницата биле присутни сите претседатели на апелационите судови и претседателот на судскиот совет. Она што не е јасно во одлуката на судскиот буџетски совет е до која институција вработените кои ќе добијат решение за помали плати ќе можат да се жалат, бидејќи според законските процедури за ваков спор би требало да биде надлежен Управниот суд, но и тој е дел од институциите кои гласале за кратење на платата.
ЦИВИЛ го објавува овој преглед на настани со цел да придонесе кон објективното информирање за настаните и процесите, но и за настани за кои еден дел од медиумите во Република Македонија не информираат или информираат многу малку. Вашето мислење е важно за нас. Ве молиме, вашите коментари, сугестии, информации, фотографии и видео прилози испраќајте ги на нашата Фејсбук страница или на e-mail: [email protected]