Дневен преглед на најважните настани во Република Македонија (04 јули 2016 година): Ректорската управа ги оцени изборите на СПУКМ за скандалозни || Шарената револуција и пркоси на државата || СДСМ нема да отстапи од барањата за фер избори || ЗНМ: Владините кампањи немаат врска со јавниот интерес || Протест во Куманово за правда за Алмир || Хан ја истакна важноста на владеењето на правото
Ректорската управа ги оцени изборите на СПУКМ за скандалозни
Ректорската управа на УКИМ на денешната вонредна седница ги оцени за скандалозни, изборите за студентски лидер. Во присуство на претставници од Студентскиот пленум, донесена е одлука да се формира комисија којашто ќе ги разгледа сите факти и докази поврзани со изборите. На расправата во Ректоратот дел од деканите на факултетите побараа да се поништат изборите, зашто се одржуваат две години подоцна. Студентскиот пленум незадоволен од ваквата одлука, бара итна измена на Статутот на УКИМ.
Шарената револуција и пркоси на државата
Еден од највлијателните блогови во светот, „Боинг Боинг“, објави напис за Шарената револуција, потпишан од Кори Доктороу, светски познат писател на научна фантастика и активист. Под наслов „Македонските шарени револуционери ѝ пркосат на државата со боење на владините згради и споменици“, Доктороу пишува дека македонската полиција е позната по растурањето на протестите, па припадниците на Шарената револуција, покрај барањата за крај на корупцијата, повикуваат и на сопирање на полициската бруталност кон демонстрантите и тоа го нагласуваат со фрлање боја врз владините згради и споменици.
СДСМ нема да отстапи од барањата за фер избори
„Стратегијата на СДСМ за средбата со германскиот пратеник за Македонија, Јоханес Хајндл, е одамна позната и јасна. Барањата за реформи во медиумите, Уставниот суд да се произнесе за СЈО и за владење на правото се одамна познати“, рече Дамјан Манчевски, потпретседател на СДСМ. Тој додаде дека неговата партија нема да отстапи од овие барања. Манчевски, исто така, како одговор на новинарско прашање, рече дека в среда би требало да се знае што ќе се случи со спорните 40.000 гласачи од избрачкиот список.
ЗНМ: Владините кампањи немаат врска со јавниот интерес
„Една реченица на министерката за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска Томовска, на денешниот брифинг за законот за владините кампањи кажува се. Обидувајќи се да не убеди зошто мора да има владини реклами, дословно рече, 'Владата мора да има начин преку медиумите да се обрати на својот електорат'. Поискрено признание дека владините кампањи немаат врска со јавен интерес и дека претставуваат партиска пропаганда на ВМРО-ДПМНЕ платена со јавни пари, нема“, сподели претседателот на ЗНМ, Насер Селмани.
Протест во Куманово за правда за Алмир
Под мотото „За правда”, денеска во Куманово, се одржа едночасовен мирен протест на околу 5000 граѓани од албанска националност, во знак на револт, за трагично загинатото четиригодишно момче Алмир Алуи,инцидент што се случи на 26 јуни во близина на кумановската болница. Демонстрантите побараа максимална казна за Б. И., возачот на автомобилот кој го прегази момчето во близина на кумановската болница, по претходна расправија со С. А., таткото на Алмир.
Хан ја истакна важноста на владеењето на правото
„Еден од најголемите предизвици за подготовка на земјите од Западен Балкан за членство во ЕУ е реконструкција на економијата. Владеењето на правото и економскиот развој се две страни на една иста паричка. Владеењето на правото, особено правната сигурност и функционирањето на судскиот систем, ги поттикнува инвестициите и економскиот раст. Западен Балкан во моментов се соочува со значителни проблеми. Тоа е единстевниот начин за регионот да доживее долгорочен економски раст“, порача Јоханес Хан, еврокомесарот за проширување и соседска политика, на бизнис форумот што се одржува во Париз, во рамки на Самитот на државите од Западен Балкан.
ЦИВИЛ го објавува овој преглед на настани со цел да придонесе кон објективното информирање за настаните и процесите, но и за настани за кои еден дел од медиумите во Република Македонија не информираат или информираат многу малку. Вашето мислење е важно за нас. Ве молиме, вашите коментари, сугестии, информации, фотографии и видео прилози испраќајте ги на нашата Фејсбук страница или на e-mail: [email protected]