Дневен преглед на најважните настани во Република Македонија (06 јули 2016 година): Нов закон за владини реклами, нов обид за злоупотреба на парите на граѓаните? || Продолжува штрајкот на УПОЗ || Шарената револуција и "Го сакам ГТЦ" протестираа и покрај силното невреме || Хајндл повторно во Скопје на средби со потписниците на Пржинскиот договор || ЕУ ќе крати нови 69 милиони евра за Македонија
Нов закон за владини реклами, нов обид за злоупотреба на парите на граѓаните?
Без никаква претходна најава и јавна расправа, без вклучување на сите потписнички на договорот од Пржино за надминување на политичката криза, но и на други засегнати страни од медиумската сфера, власта деновиве повторно брза да донесе ново парче легислатива, со кое ќе се уреди прашањето на јавното рекламирање и кампањи во медиумите. Ова дејствие следува по речиси едногодишниот мораториум на објавување на владини кампањи, што беше резултат на договорот постигнат во Пржино минатата година меѓу четирите најголеми политички партии во Македонија. За тоа говори самиот факт дека Министерството за информатичко општество и администрација организираше брифинг само за дел од медиумската заедница. Предлог-законот веќе е доставен до Собранието на Македонија и е влезен во собраниска процедура.
Продолжува штрајкот на УПОЗ
Судската администрација која веќе два месеца штрајкува, се соочува со нов притисок, со цел да го прекине штрајкот. Според новото известување од Судскиот буџетски совет, дури 40 проценти од платата на секој кој штрајкува, ќе биде намалена. ЦИВИЛ Медиа разговараше со Пецо Грујовски, претседател на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани - УПОЗ. „Продолжуваме со штрајкот, направивме напори поради одморите да прекинеме со штрајкот, но ова ги иритира луѓето и велат дека нема да одат на одмор, продолжуваат со штрајк. Само долеваат масло на огнот, не преговараат за да го решат проблемот, да дојдеме до решение, а ништо посебно не бараме, само закон бараме. Пари не бараме, ама тоа не им одговара, само сакаат да го скршат штрајкот”.
Шарената револуција и „Го сакам ГТЦ“ протестираа и покрај силното невреме
Силниот дожд не ги спречи учесниците во Шарената револуција да излезат на најавениот протест во Скопје, кој започна во 19 часот пред СЈО. Дел од демонстрантите делат баклава по повод Рамазан Бајрам. Со едноминутно молчење во текот на протестот, граѓан(к)ите му одадоа почит на починатиот Алмир. Протестот се одржува под мотото „Правдата е Устав, СЈО е правда“, како што пишува на платното што пред себе го носат демонстрантите, движејќи се кон Владата. Тие и денеска го повторија барањето - Уставниот суд да ја потврди уставноста на Специјалното јавно обвинителство, појасувајќи дека заштитата на СЈО е гаранција за правда во Македонија. На протест денеска повика и здружението „Го сакам ГТЦ” од каде порачаа дека „Скопје 2014“ може да се спречи само ако падне оваа Влада. На мостот „Гоце Делчев" демонстрантите ги дочека полициска блокада.
Хајндл повторно во Скопје на средби со потписниците на Пржинскиот договор
Специјалниот пратеник на Германија за Македонија Јоханес Хајндл денеска повторно беше во Скопје на средби со потписниците на Договорот од Пржино. Како што информираат од германската амбасада, Хајндл, за време на дводневната посета на Македонија, ќе се сретне и со претставници на меѓународната заедница, а предвидени се и разговори со претседателот на државата Ѓорге Иванов, со премиерот Емил Димитриев, со министерот за надворешни работи Никола Попоски и со специjалната обвинителка Катица Jанева. Ова е трета посета на Хајндл на Македонија во последните 30 дена. Хајндл имаше средби со сите лидери на партиите потписници на Договорот од Пржино, со исклучок на Никола Груевски.
ЕУ ќе крати нови 69 милиони евра за Македонија
Европската унија донесе одлука за кратење на уште 69 милиони евра, средства од ИПА фондовите. Оваа одлука ќе има директни последици за Коридорот 8 и со неа се засилуваат санкциите од Унијата. ЕУ планира да и ги одземе надлежностите на Владата за менаџирање на ИПА фондовите и директно да одлучува како ќе се трошат европските пари, кои досега беа децентрализирани. Брисел нема повеќе доверба во домашните власти и токму затоа донесе одлука за засилено набљудување на ИПА фондовите. ЕУ пред неколку дена донесе одлука за кратење на 27 милиони евра од ИПА фондовите за Македонија, што беше толкувано како почеток на санкциите за Македонија од Брисел.
ЦИВИЛ го објавува овој преглед на настани со цел да придонесе кон објективното информирање за настаните и процесите, но и за настани за кои еден дел од медиумите во Република Македонија не информираат или информираат многу малку. Вашето мислење е важно за нас. Ве молиме, вашите коментари, сугестии, информации, фотографии и видео прилози испраќајте ги на нашата Фејсбук страница или на e-mail: [email protected]