Дневен преглед на најважните настани во Република Македонија (07 јули 2016 година): Само 14 лица издржале законска казна за криминални дела поврзани со избори || Работните групи од ВМРО - ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА на нова средба || Одложено судењето за случајот "Тортура" || Граѓанските активисти бараат место во преговорите || МВР го брани полицаецот што го искина знамето || Нови санкции од ЕУ за Македонија
Само 14 лица издржале законска казна за криминални дела поврзани со избори
Од преку 800 кривични пријави за криминални дела поврзани со изборите, со 165 обвиненија и со 131 пресуда, во затвор казната ја издржале само четириесетина лица, покажуваат статистиките од 2008 до 2015 година. Ваквиот тренд главно се должи на партизацијата на институциите, како и на амнестиите на претседателот Ѓорге Иванов. Секој шести осомничен за кривични дела поврзани со изборите бил осуден на првостепена судска инстанца, а секој трети (или 18-ти од осомничените), одлежал затворска казна, покажува истражувањето на БИРН. Бројките се однесуваат на периодот од 2008 до 2015 година, односно заклучно со последните одржани избори во 2014 година.
Работните групи од ВМРО - ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА на нова средба
Работните групи на политичките партии потписнички на Договорот од Пржино, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, СДСМ и ДПА, имаа средба во резиденцијата на Европската Унија во Пржино. Средбата доаѓа по вчерашната посета на германскиот специјален пратеник, Јоханес Хајндл. Тој се сретна со лидерите на СДСМ, ДУИ и на ДПА, Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи, и со партиска делегација на ВМРО-ДПМНЕ. Власта и опозицијата со различен став за тоа како поминала средбата. Владејачката коалиција оптимист дека има напредок во преговорите, додека пак за СДСМ нема поместување на позициите.
Одложено судењето за случајот "Тортура"
Алфите осомничени во случајот "Тортура", бараат детален увид во предметот кој СЈО го води против нив. Поради нивното барање распитот во Кривичен суд е одложен. Наместо денеска, шефот на алфите Ивица Анчевски Пуки и уште петмина негови колеги ќе ќе бидат сослушани пред судија на претходна постапка, за една недела. За екс директорот на УБК Сашо Мијалков кој е осомничен дека го нарачал психичкото малтретирање врз Бошкоски, СЈО не побара никакви мерки, оти не бил веќе на функција и немало опасност да ја повтори постапката.
Граѓанските активисти бараат место во преговорите
88 граѓански организации, иницијативи, групи, движења и синдикати се обратија до меѓународната заедница и до најголемите партии, истакнувајќи ја неопходноста за директно учество на граѓанскиот сектор во преговорите за излез од кризата. Соопштението беше доставено до Комисијата на ЕУ, а ќе биде доставено и до политичките партии, потписници на Договорот од Пржино и до Амбасадата на САД. ЦИВИЛ – Центар за слобода, ја поддржува идејата и е една од 88-те организации, потписници на соопштението.
МВР го брани полицаецот што го искина знамето
За време на последниот протест на Шарената револуција дојде до инцидент на мостот „Гоце Делчев“ во Скопје, меѓу демонстрантите и припадниците на специјалната полиција. Еден од специјалците се обиде да го одземе македонското знаме од демонстрантите, при што знамето бешe искинато, што дополнително ги разгоре страстите.Од Министерството за внатрешни работи сметаат дека полицискиот службеник постапил во рамки на својата должност и дека знамето не го искинал намерно, туку сакал да го тргне од штитот на својот колега.
Нови санкции од ЕУ за Македонија
По повод последните случувања со ИПА фондовите во Македонија, ЦИВИЛ Медиа разговараше со Лидија Димова, пратеник од СДСМ, за последиците за македонската економија. Најновата информација е дека се работи за повеќе од 27 милиони евра, дополнително со Коридорот 8, цифрата ќе биде околу 100 милиони евра! Тоа се драматично многу средства. Како ќе влијае? Лошо ќе влијае од две битни причини. Прво, затоа што Македонија си дозволува да изгуби неповратни средства, смета Димова.
ЦИВИЛ го објавува овој преглед на настани со цел да придонесе кон објективното информирање за настаните и процесите, но и за настани за кои еден дел од медиумите во Република Македонија не информираат или информираат многу малку. Вашето мислење е важно за нас. Ве молиме, вашите коментари, сугестии, информации, фотографии и видео прилози испраќајте ги на нашата Фејсбук страница или на e-mail: [email protected]