Дневен преглед на најважните настани во Република Македонија (14 јули 2016 година): ВМРО-НП бара оставка од министерот за правда || Собранието изгласа дополнување на Законот за основање на нов универзитет || Европската комисија задоволна од последните преговори во Пржино || Уставноста на СЈО ќе се оценува во септември || Со ад-хок тело пред избори ќе се контролира работата на медиумите? || Кире Наумов од СДСМ со барање да не се купува еврообврзницата || Еврообврзницата сепак, ќе се издава?
ВМРО-НП бара оставка од министерот за правда
Општинските комитети на ВМРО-Народна партија од Тетово, Гостивар и Дебар реагираат на, како што наведуваат, противуставната и противзаконската одлука на Судскиот буџетски совет за исплата на намалени плати за 40 отсто на вработените во судската администрација кои штрајкуваат веќе два месеца и бараат итна оставка од министерот за правда, Валдет Џафери.
Собранието изгласа дополнување на Законот за основање на нов универзитет
Собранието на Република Македонија денеска во рамки на 108 седница со 62 гласа „за“ и еден „против“ го донесе Законот за дополнување на Законот за основање на Универзитет за национална одбрана, безбедност и мир „Дамјан Груев“ во Скопје. Расправата по законот беше завршена на претходното продолжение на 108. седница, така што пратениците само гласаа за него.
Европската комисија задоволна од последните преговори во Пржино
„Задоволни сме што вчера партиите направија напредок во преговорите и ги охрабруваме во најкус можен рок да постигнат договор за преостанатите барања, што може да се постигне само со добра волја од сите страни“, изјави портпаролот на Европската комисија, Маја Коцијанчич.
Уставноста на СЈО ќе се оценува во септември
Уставноста на СЈО не се најде на дневен ред ниту на последната седница на Уставниот суд. Во агендата не беа ставени никакви иницијативи туку само нацрт решенија кои ги донел судот. Тоа значи дека сепак приоритетното прашање на Шарените револуционери ќе почека до септември ако не и подолго.
Со ад-хок тело пред избори ќе се контролира работата на медиумите
Ад-хок тело, кое 100 дена пред избори ќе ја контролира работата на медиумите во државата, е предлогот за кој партиските претставници постигнале согласност во текот на преговорите во Пржино. Се предвидува членовите на ад-хок телото да ги предложат четирите партии потписнички на Договорот од Пржино, секоја партија по еден член, а петтиот член ќе биде избран со договор меѓу избраните!? ЦИВИЛ Медиа разговараше со директорката на Македонскиот институт за медиуми, Жанета Трајкоска за улогата на ова тело и за ефектот од неговото формирање на ваков начин. Трајкоска е категорична дека се работи за целосно погрешна одлука која само ќе им овозможи на партиите да влијаат врз медиумските содржини.
Кире Наумов од СДСМ со барање да не се купува еврообврзницата
Кире Наумов, кој беше дополнителен заменик министер за финансии во Владата за спроведување избори е лицето од опозицијата за кое Ројтерс објави дека напишал писмо до инвеститорите да внимаваат при купување на македонската еврообврзница. Наумов за порталот потврдил дека тој од името на СДСМ испратил писмо до водечките светски медиуми специјализирани за бизнис, како што се Блумберг, Форбс, Томсон Ројтерс, Си-Ен-Ен, Би-Би-Си… и водечките банки заинтересирани да инвестираат во еврообрзницата, со предупредување дека издавањето на еврообврзницата не е законско и треба да бидат внимателни при купувањето.
Еврообврзницата сепак ќе се издава?
„Имаше голем интерес кај инвеститорите токму за оваа обврзница, но поради деструкцијата на опозицијата процесот на нејзиното издавање е одложен“, изјави вицепремиерот Владимир Пешевски. Тој нагласува дека издавањето сепак, ќе се одржи, но, репутацијата на државата е доведена во прашање.
ЦИВИЛ го објавува овој преглед на настани со цел да придонесе кон објективното информирање за настаните и процесите, но и за настани за кои еден дел од медиумите во Република Македонија не информираат или информираат многу малку. Вашето мислење е важно за нас. Ве молиме, вашите коментари, сугестии, информации, фотографии и видео прилози испраќајте ги на нашата Фејсбук страница или на e-mail: [email protected]к