Дневен преглед на најважните настани во Република Македонија (27 јуни 2016 година): Нова средба во Пржино || Шекеринска: Прво да се исполнат условите, па да се договори датум за избори || Судијката Александра Поп - Стефанија продолжува да биде надлежна за "Тврдина" || ДИК повторно го отвори Избирачкиот список || Нов протест на Шарената револуција || Новаковски: Клучно е ДИК да ја врати довербата кај граѓан(к)ите || По блокадата избран нов ректор на УКИМ
Нова средба во Пржино
По десетина дена пауза, претставниците на четирите политички партии, потписнички на Договорот од Пржино, денеска повторно седнаа на маса со претставниците на меѓународната заедница. Во резиденцијата на ЕУ во Пржино евроамбасадорот Аиво Орав и претставник на американската амбасада разговараа со претставниците на ВМРO-ДПМНЕ, на СДСМ, на ДУИ и на ДПА, Никола Тодоров, Радмила Шекеринска, Артан Груби и Имер Алиу, но според она што беше кусо изјавено од дел од преговарачите, не е постигнат некаков напредок.
Шекеринска: Прво да се исполнат условите, па да се договори датум за избори
„Прво мора да разговараме како ќе се исполнат условите за избори, па потоа да се договара датум за нив“, рече заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска. изјави денеска по средбата на претставници на политичките партии со претставниците на ЕУ и САД. Шекеринска вели дека во СДСМ сметаат оти во Македонија може да има избори, и тоа во релативно кус период, избори кои би биле фер и демократски, а сега, на партиите им останува да покажат дали се навистина за фер и демократски избори, или само сакаат да глумат такви избори.
Судијката Александра Поп - Стефанија продолжува да биде надлежна за "Тврдина"
Кривичниот суд одлучи да не ја изземе судијката Александра Поп -Стефанија од случајот „Тврдина“ како што побара Специјалното јавно обвинителство. Во овој случај што го отвори СЈО една од осомничените е и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Одлуката ја донел заменик претседателот на Судот, оти претседателот е на годишен одмор. Судијката го прекина распитот на Јакулоска, оти СЈО побара таа да биде изземена од случајот.
ДИК повторно го отвори Избирачкиот список
По неколкумесечното мирување на сајтот на Избирачкиот список на ДИК, од денеска повторно може да се прелистува според живеалиште, односно, според адреса на живеење. Ова е алатката која им дозволи на многу граѓанки и граѓани да откријат „фантоми“ во своите домови и првично укажа на огромната бројка на фиктивни гласачи кои воопшто не постојат на тие адреси, а во некои случаи, дури ни адресите не постојат!
Нов протест на Шарената револуција
Со транспарент „Вистинските државници не им се закануваат на граѓаните”, започна денешниот протест на Шарената револуција. Шарените револуционери движејќи се кон Собранието, застанаа пред зградата на Министерството за правда, кое повторно го обфарбаа. На полицијата која ја штитеше зградата и извикуваа: “Вие ќе ги апсите!” и “Браните криминалци!”, со веќе познатиот слоган – “Шутка не ти бега, Никола!”.
За време на вчерашниот протест уапсени беа двајца активисти, Павле Богоевски и Сандра Спировска, кои по инфоративниот разговор беа пуштени.
Новаковски: Клучно е ДИК да ја врати довербата кај граѓан(к)ите!
„До ноември може да се создадат услови за избори, меѓутоа клучниот проблем е кај Државната изборна комисија која не излегува со некои ставови и консензуси, а тоа создава забуна – да имаме поделби дали се создадени услови или не“, изјави за ЦИВИЛ Медиа, поранешниот претседател на ДИК, правниот експерт Александар Новаковски. Според него, ДИК мора да ја врати довербата на граѓаните и да го прочисти Избирачкиот список.
По блокадата избран нов ректор на УКИМ
Група студенти од повеќе младински организации и од Студентскиот пленум, се изборија за своето барање, четворица студенти да присуствуваат на седницата на Сенатот, на која треба да биде избран новиот ректор на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј”. Никола Јанкуловски е избран за нов ректор на УКИМ. Тој на денешната седница на сенатот доби 43 гласа, додека неговиот противкандидат Ненад Новковски имаше само шест гласа. Јанкуловски е професор по предметот Хирургија на Медицинскиот факултет.
ЦИВИЛ го објавува овој преглед на настани со цел да придонесе кон објективното информирање за настаните и процесите, но и за настани за кои еден дел од медиумите во Република Македонија не информираат или информираат многу малку. Вашето мислење е важно за нас. Ве молиме, вашите коментари, сугестии, информации, фотографии и видео прилози испраќајте ги на нашата Фејсбук страница или на e-mail: [email protected]