Димитриевски: Македонија е земја на модерни робови!

Максим Димитриевски, претседател на Комисијата за одбрана на СДСМ, во интервју за ЦИВИЛ Медиа изјави дека, кога станува збор за безбедноста на Македонија, таа е „резултат на нашата Армија и првенствено на граѓаните“, потенцирајќи дека безбедноста не е можна во земја која е „претворена во држава на модерни робови“

Во интерес на безбедноста на граѓанките и граѓаните, не само во случај на природни непогоди, со Димитриевски разговаравме за подготвеноста на Армијата на Република Македонија и на институциите на системот да се справат во кризни ситуации.

ЦИВИЛ Медиа: Колку Македонија е сигурна и безбедна земја во моментов?

ДИМИТРИЕВСКИ: Република Македонија е сигурна и безбедна земја од една едноставна причина, а тоа е присебноста и разбирањето на нејзините граѓани. Ние живееме во турбулентни времиња, соочени со сите денешни предизвици од безбедносен аспект и повеќе од јасно е дека граѓаните се многу посвесни, отколку иституциите и луѓето кои добиле мандат да ги менаџираат и да ги водат тие институции. Настаните на 9-ти и 10-ти мај во Куманово го потврдија тоа. Институциите беа злоупотребени од поединици, беа направени големи пропусти во делот на безбедноста! Се инфилтрира една милитантна група во Куманово, каде што, како живо месо беа упатени претставниците на безбедносните сили кои се соочија со отворен конфликт во којшто имаше престрелки и дводневно пукање. Но, граѓаните на Куманово покажаа дека се многу посвесни и знаат што значи безбедност и стабилност на државата и благодарејќи на нив, таа безбедност и стабилност беше сочувана.

Факт е дека институциите на системот се премногу порозни и тоа поради една и единствена причина - со Република Македонија се владее недомаќински веќе 11 години! Нема суштинско и стратешко планирање во сите сегменти на функционалноста и на функционирањето на државниот апарат.

DSC_0004

ЦИВИЛ Медиа: Актуелниот министер за одбрана прекина интервју поради „чувствителни“ прашања за состојбите во Армијата. До кога Македонија ќе вложува само во полицијата и како вие ги оценувате состојбите во Армијата во моментов?

ДИМИТРИЕВСКИ: Во Македонија во континуитет се случува невидена милитаризација на полицијата веќе 11 години. Средствата од буџетот, кои се планирале во минатото, до 2006 година, биле над сто и дваесет милиони евра на годишно ниво. Денес, се наоѓаме во ситуација тој буџет да достигне едвај осумдесет до деведесет милиони евра, а на крајот на годината, со ребаланс, тој дополнително се скратува. Од друга страна, се милитаризира Министерството за внатрешни работи, кое дел од сегментот одбрана на државата го превзема во свои раце. Тоа е со единствена цел, овој систем со кој владее неодговорната власт на чело со Никола Груевски, да се одржи на власт и покрај тоа што ги политизира институциите на системот и да го користи сегментот безбедност за зачувување на власта. Што значи дека секоја власт која е недемократска, ја користи полицијата - преку монополот за физичко насилство и друг тип на вршење притисоци во јавноста и врз јавното мнение, особено врз граѓаните на денот на изборите.

Прекинувањето на интервјуто од господинот Зоран Јолевски, само го потврдува фактот, на кој што ние како опозиција, во континуитет веќе со години укажуваме дека одбраната во државата е доведена до дно. Факт е дека сме соочени со безбедносни ризици. И настаните со поплавите во Скопје покажаа дека нашите војници беа изложени и оставени на терен самите на себе. Додека сериозни партнерски армии, како НАТО, реагираат со сериозна опрема на терен, нашите војници беа на терен без гумени чизми и гумени ракавици и без основна работна опрема, да не зборуваме за тешка механизација и друга опрема која е потребна во такви ситуации.

DSC_0013

ЦИВИЛ Медиа: Природните непогоди покажаа дека голем дел од системот за превенција не функционира како што треба, како што и самите посочивте. Што недостасува, според Вас?

ДИМИТРИЕВСКИ: Ние не можеме да ги спречиме елементарните непогоди, без разлика која политичка партија е на власт. Граѓанинот нема моќ над природата, а природата секогаш си го зема својот данок, доколку ја чепкате. Но, секако дека можеме истите да ги дочекаме подготвени и да ги превенираме. Кога велам подговени, првенствено мислам на едукација на граѓанството, но и на техничката опременост на институциите кои се задолжени да реагираат во такви случаи.

Сите позитивни акти во државата, од аспект на законски акти, се донесени во периодот од 2004 до 2006 и тие се на сила. Но, за жал, по истите не се постапува. Во овој случај, Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување се токму тие најповикани институции во државата коишто во вакви моменти мора да реагираат. Задолжени се согласно законот. Тие институции се крајно политизирани. Во овие две институции државата на годишно ниво вложува некаде околу 8 милиони евра директно од буџетот на Македонија, граѓански пари... Имаме над 800 вработени во иститите институции. Но, тие не се соодветно опремени, ниту оспособени да реагираат во вакви ситуации.

Затоа, уште првиот ден, премиерот Емил Димитриев се спушти на тоа ниво да побара помош во сендвичи и друг тип на храна од пријателските држави?! Јас лично, и во име на опозицијата сум благодарен што сите наши пријателски земји не се штедеа себеси. Веднаш испратија техничка помош на Македонија. Прашањето е дали ние ќе се справевме со оваа тешка ситуација доколку не беа тие. На терен веднаш беше упатена војската, која е задолжена согласно законот со справување со кризи доколку биде побарано тоа од неа, прва да се испрати на терен.

Проблемот со поплавите кои однесоа голем број човечки жртви, а по некои исчезнати сé уште се трага на терен, првенствено дојде поради лошото планирање. Не само на обиколницата, туку и на инфраструктурата на теренот. Луѓето кои се стручни на таа тема, велат дека и пошумувањето е проблем, а имаме пошумување низ цела Македонија во континуитет, но и неконтролирано сечење на шумите. Да не зборувам за сите институции кои се задолжени за следење на метеоролошката состојба и така натаму.

Видете, доколку имаше најмалку три полициски патроли и во истиот момент да ја затвореа скопската обиколница, ние денеска немаше да зборуваме за толкав број изгубени човечки животи. За жал, пропустите се прават на основно ниво. Тоа што ние го правиме како држава, најскапо го плаќаат нашите граѓани коишто ни даваат доверба да ги водиме и да одлучуваме во нивно име. Конкретно, институциите Центар за справување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување се директно задолжени да ја менаџираат оваа криза. Требаше да се формира главен штаб кој ќе ги координира активностите на терен. Таму, на терен, беше сé во стилот на хаосот. Немаше институција што имаше организирана команда и што го менаџираше целиот процес на справување со состојбата и решавање на проблемите на граѓаните.

Само еден податок ќе ви кажам. Самиот министер Јолевски го спомна. Уште во 2006 година, кога на чело беше претставник од редовите на СДСМ, се уредува дека во рок од три часа, а истата уредба е на сила, се формираат брзи интервентни, мобилни единици кои реагираат на терен. Замислете, министерот Јолески во интервју јавно призна дека хеликоптерот полетал дури во 5 часот наутро. Не сакам да го злоупотребувам моментот и да ги обесхрабрувам граѓаните, но мора да кажам дека државата од аспект на техничката подготвеност и на одбраната, нејзината мобилност, е соочена со сериозни предизвици, бидејќи секаде системот е кородиран. Мора да дојде до освестување на политичката елита и до промена на власта, доколку сакаме нешто сериозно да се промени, инаку ќе продолжиме да зборуваме само за аномалиите и пропустите.

DSC_0001

ЦИВИЛ Медиа: Дали тоа значи дека Армијата на Република Македонија, освен во секторот на безбедноста, не е доволно подготвена да се справи и со овој дел од нејзиниот делокруг, како што е справување со природни непогоди? Кои се клучните безбедносни ризици со кои се соочува Македонија и како на нив одговараат државните институции за безбедност?

ДИМИТРИЕВСКИ: Имаме над 8.000 припадници во Армијата и во Министерството за одбрана. Армијата е многу сериозен систем. Многу е тешко да да го урнете. Многу е тешко да го скршите, бидејќи првенствено зависи од волјата на самиот професионалец кој е внатре. И покрај тоа што во континуитет тој систем се разградува однатре, со политизација во војничката хиерархија, и особено со унапредување по партиски, а не по професионален клуч. Сепак, многу е тешко да го растурите тој систем, бидејќи ние таму имаме многу сериозни професионалци кои посветено и доследно си ја вршат својата работна задача што ја добиваат од надредените професионалци.

Дали ќе ги пуштите со ракавици или без нив, војникот повторно ќе си ја изврши својата задача! Тој не знае да каже не можам или не сакам, тој секогаш вели разбирам и ја извршува задачата. Но, прашањето е на кое ниво е моралот на самите војници. Една инженериска единица, конкретно, доведена е во состојба во најголем дел од возилата да не се во исправна состојба и во континуитет не се одржуваат. Тогаш, самиот војник си вели - јас служам во армија која не е компатибилна со стандардите кај што сакам да бидам, а тоа е НАТО и колективните системи за безбедност. Оставени се сами на себе и мора да импровизираат. Тоа не е сериозен пристап. Армијата не смее да преживува, таа секогаш треба да биде на пиедесталот и прва подготвена во секој момент да се соочи со секој безбедносен и одбранбен предизвик.

Со какви предизвици се соочува Република Македонија? Самата бегaлска криза покажа како се соочуваме. Поминааа илјадници и илјадници бегалци низ територијата на Македонија, за државата да се свести и институционално да реагира. Ако се сеќавате, до пред една година бегалците со велосипеди поминуваа по автопатот „Александар Велики“, што укажува на фактот дека државата бледо го набљудуваше тој процес на миграција. И тука, на почетокот, бевме оставени сами да се справуваме со овој голем безбедносен предизвик. Потоа, дополнително е вклучена и Армијата. Луѓето коишто беа таму, професионално завршија голема работа за државата и за нас граѓаните.

Повеќе од неопходно е континуирано инвестирање во одбраната, но суштинско инвестирање. Не може да се доведе еден професионален припадник на Армјата да има само една униформа и да биде испратен на терен и да нема можност да ја смени, затоа што друга нема. А верувајте, постојат такви моменти. Јас сум повеќе од сигурен дека нашите војници се подготвени да поминат преку сите работи во делот на извршување на своите задачи. Но, се поставува прашањето - зошто токму политичарите и елитата која што ја води државата, ја доведе Армијата во таква состојба.

ЦИВИЛ Медиа: Колку ваквата состојба на Армијата, дополнително ја доведува земјата во ризик? Дали вопшто ја доведува во ризик?

ДИМИТРИЕВСКИ: Ние, генерално, ги следиме глобалните текови на безбедноста. Ние сме во центарот на Балканот. Опкружени сме со голем број на држави кои се членки на НАТО. Де факто сме влезени под чадорот на НАТО. Но, проблемот е што ние, како држава, се имаме обврзано да ги следиме НАТО стандардите. Оваа Влада на чело со Груевски, во континуитет, по дебаклот во 2008 во Букурешт, генерира класичен евроскептицизам во јавноста. Тоа првенствено го пласира преку ним блиските медиуми, а подоцна, одредени политички претставници јавно говорат за тоа. Денеска сме соочени со фактот дека Македонија не ги исполнува сите стандарди за полноправно членство во НАТО. Можеби нашите политичари и репрезенти на власта јавно говорат дека ги исполнуваме стандардите, но реалната состојба не е таква.

Инаку, нашата безбедност, што е резултат на нашата Армија и првенствено на граѓаните, не е загрозена суштински, бидејќи проблемите се регионални.

ЦИВИЛ Медиа: Ја спомнавте бегалската криза, аспект кој во моментот не е толку актуелен, но Македонија може повторно да се соочи со неа. Дали власта ја злоупотребува оваа ситуација за добивање политички поени, не само на меѓународната сцена, туку и во земјата?

ДИМИТРИЕВСКИ: Власта ја користи секоја ситуација, бидејќи ова е класично популистичко владеење на политиката, власта ја корисити секоја можност за добивање на сите политички поени во очите на обичниот гласач. Но, трагајќи по поддршка кај обичните граѓани, ние правиме суштински грешки што многу скапо ја чинат државата и ја враќаат многу назад. Пак ќе кажам, еден момент ќе се случат неминовни промени како резултат на волјата на граѓаните коишто ќе резултираат со политички промени во државата. Убеден сум дека ќе дојде нова политичка елита која многу поодговорно ќе им пристапи на работите.

Живееме во држава креирана за група на луѓе кои се на власт! Македонија стана една креација по волја на поединците кои ја водат. Имаме 20.000 задоволни граѓани. Покрај нив, имаме уште шеесетина илјади апсолутни партиски лојалисти кои ги уживаат привилегиите на власта и живеат солидно. Сите останати сме доведени во состојба да бидеме во функција на власта и да им служиме! Македонија е претворена во држава на модерни робови! Тоа не е дозволено во 21 век. Тоа не е дозволено во ниту една држава во Европа.

Да зборуваме денес за општи демократски права на граѓанинот е депласирано. Моментот е дојден. Мора да дојде до сеопшта стабилизација, политичка првенствено, за државата да се придвижи напред, бидејќи граѓаните се веќе уморни од политика. Граѓаните и човекот како битие се создадени првенствено за да творат, создаваат и постигнуваат резултати. Резултатите да ги чувствуваат индивидуално, но и колективно.

 Биљана Јордановска

Камера: Атанас Петровски

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish