Како што за ЦИВИЛ Медиа информираше Алексеј Демјански, вчера попладне по македонско време, пред амбасадата на Македонија во Вашингтон, протестираа и испратија порака „Ако не сега, кога? Ако не ние, кој?“
Овој мирен протест беше во знак поддршка за граѓаните кои протестираат во Македонија. „Денес сме дојдени овде, на протест пред амбасадата на Македонија во Вашингтон, за да им дадеме поддршка на нашите сограѓани кој протестираат за владеењето на правото, за слободата, и за демократијата во Македонија”, беше мотото под кое се протестираше во Вашингтон.
Барањата и на Македонците кои живеат во главниот град на САД, се исти со барањата на демонстрантите кои веќе неколку денови протестираат во Скопје, Битола, Струмица, Велес...: Оставка на претседателот Иванов, отпочнување на процес за избор на експертска влада, и итно суспендирање на отпочнатиот процес за оддржување избори во јуни.
“Ние како граѓанки и граѓани на Република Македонија во дијаспората имаме одговорност јасно и гласно да го изразиме нашето незадоволство од ситуацијата во Македонија”, се вели во извештајот на Демјански.
[youtube width="600" height="344"]https://www.youtube.com/watch?v=iiyyvC9OlH8[/youtube]
Обраќањето до полицијата - “Спуштете ги штитовите, се работи за подобар живот за вас и за вашите семејства!” и повикот до граѓаните на Македонија кои се уште не излегле на протест - “Излезете и не давајте друг да ви ја крои иднината!”, се двете пораки кои беа испратени од Вашингтон.