Редакцијата на ЦИВИЛ МЕДИА разговараше со професорот Љубомир Данаилов Фрчкоски. Го прашавме професорот како го оценува изборниот процес и како ја коментира одлуката на опозицијата да не учествува во работата на Собранието. Воедно, Фрчкоски го изнесе своето мислење што можеме да очекуваме од меѓународната заедница за решавање на политичката криза.
Како го оценувате изборниот процес? Во извештаите на релеватните меѓународни организации недостасуваат зборовите “фер и демократски“.
Ние во овие осум години го заокружуваме системот на авторитарен популизам како облик на диктатура. Тоа е диктатура која користи изборни механизми за свое зацврстување, значи има еден парадокс. Истовремено системот е авторитарен, а од друга страна го користи делот во демократијата што се нарекува избори за сопствено потврдување. Не влегува во онаа класична диктаторска шема на октроирање, волонтеристичко, на власт, туку ги користи изборите. Тоа го прави на начин што партијата која во основа ги презира изборите, а мора да ги користи, се формира како органско тело на репрезентирање на суштината на својот народ. Плурализмот е всушност укинат реално. Тие сметаат дека се претвораат во некаква одбранбена формација, дека го бранат македонскиот народ од разните змаеви кои се појавуваат против него. Онаа класична шема кај Македонците дека се заокружени од четири волка, дека Македонија е Црвенкапа, а четирите волка се соседите, кои со еден збор сакаат Македонија да ја нема. Тоа е мантрата за надворешниот непријател. Внатрешниот непријател се предавниците кои не го бранат македонскиот народ, туку либерално нешто го черечат, го плурализираат и сакаат да ослабне неговата одбранбена моќ. Таквата органска заедница е всушност тоа што Аганбер, претходно Фуко, го нарекуваат логор, претварање на државата во логор! Првите две клучни обележја се изборите и правниот поредок кој генерално се укинува и второто е - политичкото се укинува. Класичното демократско-политичко се укинува и се заменува со администрирање. Со една мета-теорија политика. Укинување на нормалните судири во политичката сфера, меѓу различни интереси, и преовладување на еден органски интерес од владеачката партија. Укинување на сите други интереси и претварање на политичкиот судир во судир со непријатели, од типот на странци, предавници, а не нормален плурализам внатре. Тоа укинување е важно кај авторитарниот плурализам, тоа тој го прави преку укинувањето на политичката нормална плурализација и судир помеѓу политичките актери, и второ го укинува целосно правниот поредок кој го заменува со администрација, државна, која е волонтеристички арбитрарна. Го укинува правото како систем на вредности, заштита на човекови права. Сега сѐ може да биде жртвувано во име на олтарот на органската заедница или бенефитот на апстрактно замислениот македонски органски ентитет, кој го претставува, нормално, партијата ДПМНЕ. Во таква ситуација на диктатура, де факто тоталитарен систем, изборите не можат поинаку. Партијата која смета дека органски го претставува народот, што е ДПМНЕ, нормално дека не може да изгуби на избори. И тоа го оправдува нивното фалсификување, кражба на изборите, нон-стоп притисоци, тие сметаат дека тоа е оправдано од тој аспект. Затоа не можат да замислат дека таквата партија која ја изразува суштината на Македонецот може да изгуби на избори. За нив не е нормално да изгубат, односно обратно, дозволиво е сѐ да се направи за да се потврди суштината на “македонската одбранбена стратегија“, а тоа е победа на ДПМНЕ.
Како очекувате да реагира меѓународната заедница?
Странците не можат да реагираат и демократијата да ја изборат за нас. Странците можат да бидат поставени во ситуација да реагираат вака или онака на основа на нашите внатрешни стратегии за борба за демократија. Тие не можат тоа да го направат за нас. Тие може да реагираат позитивно само ако ги ставиме во таква ситуација, кога нашата борба ќе ја тематизираме внатре во државата, како демократска борба за права, за нормална уставна демократија. Во таа смисла тие можеа најмногу да ги оценат изборите, со бизарен термин, дека се тие ефикасни. Најефикасни избори, знаете, има во Северна Кореја, Белорусија, во Албанија за време на Енвер Хоџа. Значи ефикасни и мирни избори на кои 99% од граѓаните се изјасниле како што треба, за органската партија. Во овој случај тоа е ова мнозинтсво, кое да речеме, можеби реално е околу 380.000 гласа. Тоа беше дополнето со украдени 100-150.000 гласа, како што треба, спакувано во тие постојани 450.000 гласа кои партијата ги доби. Кај опозицијата гледате скок-пад, нормална реакција на населението околу нејзините политики, но кај владеачката структура, како одбранбена структура која ја претставува суштината на Македонецот, имате постојано 460.000 гласови, тие не смеаат да паднат под тоа. Таков императив имаат. Изборите се тотално илузорни.
Како го оценувате однесувањето на опозицијата?
Опозицијата конечно во оваа последна генерација на лидерство сфати дека не можат со избори да победат една ваква тоталитарна структура, постојано ќе губат. Таа структура, како што вели узурпаторот наш, ним им подава рака и опозицијата ја сместува како орнамент во тоталитарниот поредок. Дај да ја извадиме од кал, нас ни треба како орнамент за покажување како опозиција и ќе и помогнеме некако да се спаси од целосно пропаѓање. Таква е ситуацијата со изборите, но тие се врзани во поширок контекст на трансформација на нашата држава во аворитарен логор! Укинувањето на правото е интересно и укинувањето на политичкото е интересно, внимавајте на тие два репера за ориентација. Правото како систем од вредности се укинува и станува волонтеристичка желба на администрацијата. Сѐ може да биде забрането и сѐ може да биде казниво, зависи од милоста на администрацијата, во толкување дали ќе ве казни или нема да ве казни. Администрацијата простува долгови, задолжува, казнува, носи под стечај, сѐ може да направи. Немате никаква предвидливост, заштита на вредности каква што правото мора да има. Тоа е прв проблем кој за опозицијата се сведува на следното: Дали може да се користат правните механизими за политичка борба, ако веќе ги нема? Прашањето за нас кои гледаме од страна е понижувачко и нелегитимно, дали опозицијата треба да влезе во институциите. Тоа е исто како да ги прашате логорашите дали да влезат во бараките на логорот и да имаат парче леб до следната одлука да бидат носени во крематориум. Јасно е дека правото преку институциите, тоа се судовите, Уставниот суд, е сведено на волонтеристичката волја на власта, тие не функционираат и никако не можат да бидат користени за политичка борба. Оставање на дупка во структурата на легитимитетот на диктатурата е единствено нешто што можете да направите, да не учествувате, да се исклучите. Аганбер вели да го оставите правото и нивните институции во неоперативност и игнорирање. Тоа е и некаква стратегија на опозицијата, во која треба да завлезе за прв пат во историјата. Таа треба да се обиде да го игнорира правото и на секој можен начин да се обиде да постави паралелен свет или да постави свет соодветен на стандардите на либерално уставната демократија и да го спротивстави на позитивен поредок на авторитарниот популизам. Опозицијата не само што не смее да влегува во бараките на логорот, туку треба да го радикализира напушатањето. Можеби, во втора фаза да ја напушти локалната самоуправа. Значи,, треба целосно да го напушти симулакрумот и да ја радикализра кризата. Со еден збор мислам дека ќе стане полошо пред евентуално да стане подобро. Опозицијата ова треба да го направи во една поцврста врска со тоталитетот на граѓанското општетсво, со кое мора да се вплете и секој со својата работа, но мора заедно тој фронт да го градат во созадвање на иноперативност на авторитарното право. Имате два метаполитички кампа, албанскиот и македонскиот, и нивните органски преставници комуницираат, се договараат и делат пари. Тоа е нашиот „Логор“ за кој зборувам.
Опозицијата најавува дека нема да влезе во Собранието, изборите се такви какви што се, што тоа значи за патот на државата кон ЕУ и НАТО?
Ќе повторам, ќе биде полошо пред евентуално да биде подобро, што не е страшно. Опасна е општествената криза и дисолуција внатре, судири по улици помеѓу граѓаните. Политичката криза е нормална политичка алатка. Таа треба да се радикализира во смисла да се тематизира режимот, а тој како таков мора да се урне. Тука нема дилема, со него не може компромис да се прави, туку да се отвори процес на уривање на овие структури на бараките во логорот. На темелитена тие згаришта на бараките од логорот треба да се изгради нашата уставна демократија. Алатка за тоа е техничка влада, а за тоа мора да се заостри политичката криза. Во историјата сме имале две технички влади и тие секогаш биле врзувани за некоја криза. Техничката влада треба да ги структуира преговорите за решавањето на проблемот со името и да има мандат за правење фер и демократски избори и од нив да се елиминира насилството.
Џелал Хоџиќ