Марија Јовановска е млада и талентирана поетеса од Куманово. Твори од својата тринаесетта година, и учествувала на повеќе поетски манифестации во земјава. По нејзиниот настап на мултимедијалниот настан на Караванот на слободата во Куманово, на кој ја воодушеви публиката и измами аплаузи од своите сограѓани, разговаравме за уметноста и слободата.
ЦИВИЛ Медиа: Што значи за тебе слободата?
ЈОВАНОВСКА: За мене, слобода значи да имаш свое право да и да си свој, да можеш на свој начин да се изразиш, на свој личен и едноставен и уникатен начин, без предрасуди и без критики од страна на денешново, таканаречено, закоравено време.
ЦИВИЛ Медиа: Колку уметниците треба да жртвуваат за слободата?
ЈОВАНОВСКА: Мислам дека треба, пред се, себеси да се жртвува, за да дојде до некое одредено ниво. Денес е навистина тешко да се избориш и да бидеш она што сакаш, мислам дека е голема борба да се достигне до тоа ниво.
ЦИВИЛ Медиа: Дали сметате дека уметниците се доволно општествено активни?
ЈОВАНОВСКА: Мислам дека се, но мислам дека повеќето се кријат и дека немаат храброст да излезат и да го искажат своето мислење.
ЦИВИЛ Медиа: Која е твојата порака за караванот на слободата?
ЈОВАНОВСКА: Мојата порака е воопшто да се нема срам, туку сите да имаат храброст, со којашто јас се изборив да бидам овде денеска и да го изразам своето лично мислење.