Маричиќ: Партиите на власт немаат волја за слободни и демократски избори

ЦИВИЛ – Центар за слобода продолжува со праксата да биде отворен подиум за ставови и анализи на општествено-политичките процеси во изборен контекст.

Редакцијата ЦИВИЛ Медиа направи мини серија од разговори со истакнати интелектуалци, јавни личности од општествената сцена, експерти и аналитичари, од кои добивме низа интересни и значајни гледишта и анализи. На сите соговорници им беа поставени исти прашања кои се однесуваат на развојот на преговорите за надминување на политичката криза, на опструкциите и прекршувањата на „Договорот од Пржино“ и на можностите за создавање вистински услови за слободни избори во април 2016 година.

Овие разговори се дел од активностите на проектот „Слободни избори за слободни граѓанки и граѓани“, поддржан од Министерство за надворешни работи на Сојузна Република Германија.

Активистот Бојан Маричиќ, извршен директор на Македонскиот центар за европско образование, смета дека трите точки околу кои ќе се кршат копја и понатаму се Специјалното  јавно обвинителство,  медиумскиот пакет на закони и парламентарната контрола на тајните служби, а дека е клучно учеството и на граѓанските организации во спроведување на изборите....

[youtube width="600" height="400"]https://www.youtube.com/watch?v=vQF8paeEKyU[/youtube]

ЦИВИЛ Медиа: Како го оценувате политичкиот процес во Македонија во контекст на имплементацијата на договорот од Пржино?

МАРИЧИЌ: Имплементацијата на договорот од Пржино оди еднакво тешко како било која друга точка која се спроведува со волја на најголемите политички партии, тоа е слика на тој, таканаречен - политички дијалог во Македонија. Со фактот дека нашиот политички систем и воопшто, процесот, не може да тече без сериозно меѓународно посредништво на дневно ниво, токму тоа и се очекуваше кога се постигна договорот. Впрочем, да не беше така, немаше да има потреба од склучување на договор.  За жал, голем дел од јавноста очекуваше сé да оди побрзо и поглатко, но имаше и дел кој очекуваше ништо воопшто и да не се случи. Така што мислам дека треба да сме реалисти и да кажеме дека не тече идеално. Закочувањата и доцнењата се сериозни, но исто така, тоа претставува дел од политичката борба и за очекување е дека до крај ќе биде неизвесно дали ќе се спроведе сé како што треба. Но, Пржино е некаков иструмент за излегување на Македонија од политичката криза и така треба на тоа да се гледа. И, како на спасување од судири и од жртви коишто се наѕираa во пролетта и летото. И мислам дека би требало тој договор да ја донесе патеката до фер и демократски избори што би требале да бидат разрешница на политичката криза и нормализација на Македонија.

ЦИВИЛ Медиа: Кои се најсериозните прекршувања на договорот од Пржино?

МАРИЧИЌ: Најсериозното прекршување е фактот дека сите рокови се пробија. Прво, практично, освен враќањето на опозицијата во парламентот на први септември и изгласувањето на Специјалната јавна обвинителка на 15 септември, сите други рокови беа пробиени. И  тоа во самиот почеток, на некој начин, го поткопува кредибилитетот на овој договор, и го става под  прашање дали тој воопшто ќе се спроведе, и дали токму на 24 април, бидејќи само тој рок очигледно е цврст и до него се држат и политичките актери и меѓународната заедница. Прашање е дали тогаш ќе има услови за  фер и демократски избори и тука е најголемиот проблем. Инаку, прекршувањата се бројни, од типот - кочење на тимот на Специјалната јавна обвинителка, што стана една цела политичка драма и го доведе целиот договор под прашање, па до сегашните преговори за медиумскиот пакет на закони кој исто така нема лесно да се реши. Евентуално, очекуваме и онаа парламентарна контрола на Владата, во врска со прислушувањето, да оди тешко. Тоа се трите точки ако треба да избираме: Специјалното  јавно обвинителство,  медиумскиот пакет на закони и парламентарната контрола на тајните служби.

ЦИВИЛ Медиа: Дали и како е можно да се создадат услови за слободни избори во април 2016?

МАРИЧИЌ: Па, тие веќе се создават. Она што е клучно е да се прочисти Избирачкиот список и да имаме сигурно учество и на опозицијата, но и на граѓанските организации во спроведување на изборите. Затоа што вака, како што е сега, јасно е дека нема волја кај партиите на власт да има слободни и демократски избори. Прашање е колку нивниот маневарски простор ќе биде ограничен дотогаш. Тука е улогата на оние министри кои што се предложени од опозицијата, токму тоа и беше целта на таа транзициска влада, и тука е улогата на граѓанските  организации и граѓаните. Мислам дека  клучната улога ќе ја имаат граѓанските организации што ќе треба да ги активираат граѓаните повеќе да се ангжираат за своето избирачко право, да покажат поголемо достоинство, на крајот на краиштата, да учествуваат демократски во изборите. Мислам дека секој граѓанин треба да биде свесен дека доколку овие избори не успеат, или пак, на некој начин бидат изманипулирани или доведени под прашање, тоа повторно ќе не врати во политичката  криза со неизвесен исход. Не како во февруари  оваа година, туку во многу подлабока криза од онаа што ја посведочивме годинава.

Марија Теговска

Камера Дехран Муратов

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish