Поради недоверба во институциите на системот, сексуалните работници не ги пријавуваат насилниците, потенцираа организаторите на „Маршот на Црвените чадори“, откако, со црвени чадори во рака, денес во Скопје маршираа сексуални работници, стриптизети и стриптизери, хот-лајн операторки, ескорт-девојки и момчиња, граѓани - корисници на нивните услуги и нивни поддржувачи, активисти за човекови права..., за да го одбележат 17 Декември - Меѓународниот ден за СТОП на насилството врз сексуалните работнички.
Според организаторите, „Маршот на Црвените чадори“ е акција со која и се пркоси на небезбедноста, и претставува „портрет на оние кои ги креираат судбините на сексуалните работници и живеат во еден поинаков свет, за разлика од ‘к...ите’, кои ја издржуваат грубоста на улиците“.
„Законите и законските акти кои се однесуваат на сексуалната работа, во голема мера го овозможуваат прекршувањето на човековите права на оваа ранлива група, со тоа што на полицијата овие закони им служат како маска за да ги контролираат. Непостоењето на закони и заштита на сексуалните работници, ги охрабрува насилниците секојдневно да уживаат во сексуалните услуги, односно, под присила и закана да добијат услуга без пари, а тоа е исто како да влезете во маркет, да изедете чоколадо и да не платите за тоа“, рече Борче Божинов од Граѓанската иницијатива за заштита, промоција и унапредување на правата на сексуалните работници СТАР – СТАР.
Иницијативата годинава по осми пат се приклучи кон Глобалната акција за солидарност по повод 17 Декември. „Сексуалните работници не се охрабруваат да ги пријавуват насилниците во полиција, поради стигмата и дискриминацијата со која се соочуваат. Тие остануваат безгласни, а насилниците се и понатаму на слобода. Многу пракси ширум светот потврдија дека сексуалните работници можат да послужат како одлични детективи и да и асистираат на полицијата во полесно спроведување на насилниците до институциите на системот“, велат од СТАР-СТАР.
Борче Божинов во името на СТАР-СТАР и на неколку невладини организации и здруженија, побара од надлежните институции да спроведат политики за проактивна работа со сексуалните работници, со цел да се подобри нивната безбедност, како и брзи и темелни истраги во случај на извршени напади. Тој препорачува спроведување на внатрешни контроли, истраги и обвиненија против униформирани лица одговорни за злоупотреба на службената функција и за изнудување или уцена на сексуалните работници. Исто така, Божинов препорачува укинување на прописите со кои се утврдуваат парични глоби за сексуалните работници кои свесно и доброволно оперираат со сексуалната услуга.
„Бараме заштита на сексуалните работници од институциите. Од наредната година СТАР-СТАР ќе организира датабаза и ќе ги заведеме сите насилници и оние кои работат на високи позиции и служби. На прес конференција наредната година, ќе ги објавиме насилниците со име и презиме“, рече Божинов.
Последното истражување на ХОПС покажува дека од 310 сексуални работници, 211 или 68,1 отсто од испитаните потврдиле дека биле малтретирани поради сексуалната работа. Загрижувачки е што повеќе од 12 отсто од испитаните сексуални работници навеле дека барем еднаш биле подложни на сексуално насилство, а 10 отсто од испитаниците биле присилени од клиентите да имаат сексуален однос без кондом, спротивно на нивната волја, притоа изложувајќи ги на ризик од пренесување на заразни болести. Како најчести сторители на насилство сексуалните работници ги наведуваат клиентите (87,6 отсто), пипадниците на полицијата (43,1 осто) и членовите на семејството (28,4 отсто).
„Посебно загрижувачка е праксата на неказнување на сторителите на насилството, а интервјуираните сексуални работници ги потврдуваат случаите кога пријавиле насилството, а полицијата не постапила согласно своите законски овластувања по ваквото пријавување. Приближно 37 отсто од испитаните сексуалните работници одговориле дека немаат, односно не очекуваат помош од никого, а само 1,3 отсто одоговриле дека очекуваат или добиле помош од полицијата. Непријавеното и несанкционирано насилство врз сексуалните работници дополнително ги охрабрува насилниците да продолжат со насилството“, изјави Воскре Наумовска Илиевска од ХОПС.
ЦИВИЛ - Центар за слобода им дава целосна поддршка на сексуалните работнички во борбата за нивните права, за спречување на насилствата, навредите, дискриминацијата и говорот на омраза кон оваа ранлива категорија.
Дехран Муратов