Човекот кој, преку личен пример, покажа што е политичка култура и демократски дијалог, Питер Ванхауте, досега твитна низа искрени и духовити, но и крајно сериозни пораки.
Минатата ноќ, мачката на Ванхауте „се предаде“.
„Сѐ е во ефективните преговори.“ - твитна Ванхауте - „Се предавам: нема избори на 24 април.“
Деновиве, Ванхауте продолжува да испраќа пораки преку својата #thecat (мачка), па така „уапсената“ мачка деновиве порача и:
„Јас само замолив за тишина до после изборите.“
Ванхауте ќе остане запаметен и по неговиот твит-меме за демократијата, кој стана хит на социјалните мрежи, а трн во окото на провладините медиуми:
#Демократијата бара компромис, бара разумни луѓе, бара здрав разум, бара компетентни политичари, бара да се биде во служба на народот!
Меѓународниот медијатор во преговорите за излез од политичката криза во Македонија, наспроти сите притисоци и напади од провладините медиуми и од партијата на власт, понуди вистинска едукација за политичките елити во земјава, иако изгледа дека има и прилично лоши ученици.
Иако поранешниот премиер Никола Груевски во својот говор пред жените на ВМРО-ДПМНЕ споменуваше клоци за него и Катица Јанева, тој не покажа знаци ниту на страв, ниту колебање. Продолжи да ја работи својата работа, да се залага деноноќно за успех на процесот за излез од кризата, да го вози својот велосипед и да твита.
Му се извинуваме на Ванхауте за општиот политички просек на Македонија, кој е на ужасно ниско ниво.