Медиумите по Пржино - жежок костен што никој не сака да го реши!

ЦИВИЛ - Центар за слобода во публикацијата „Слободни избори: Услов за кој не се преговара“  посвети големо внимание на медиумската слобода и на слободата на изразување во Македонија. Медиумската анализа „Медиумите по Пржино - жежок костен што никој не сака да го реши“ на Петрит Сарачини ја покажува реалната слика на слободниот пад на медиумската слобода.

Го објавуваме интегралниот текст на анализата на Сарачини.

Зошто сме тука каде што сме? Во периодот по потпишувањето на Договорот од Пржино, кој, меѓу другото, содржи и обврски преземени од договорените страни со кои се адресира и треба да се подобри „крвната слика“ на медиумите и слободата на изразување, во Македонија, за жал, се соочуваме со продолжување на негативните трендови и дополнително деградирање на медиумските слободи. Политичката криза, која ескалира откако јавноста дозна за скандалот со прислушувањето и за содржината на разговорите, кои открија големи злоупотреби од страна на највисоки владини функционери, се рефлектира и врз медиумите, а со тоа и врз јавноста.

Во сите релевантни меѓународни извештаи Македонија бележи пад. Насилството и притисоците врз новинарите и медиумите се зголемуваат, институциите не дејствуваат или дејствуваат селективно, а власта продолжува да го доминира медиумскиот дискурс, држејќи ги најголемиот дел од медиумите во клиентелистичка прегратка.

Во медиумските наративи доминира етнонационализмот и омразата кон сѐ што не спаѓа во „соодветниот“ табор. Но, причините за ваквите состојби не се скорешни, тие се многубројни и можат да се препознаат во сите сфери од функционирањето на медиумите, и тоа подолго време. Фактите кажуваат дека Македонија има доволен (дури и преголем) број медиуми (особено електронски), што најчесто се објаснува како „плурализам“ во медиумскиот простор, но, всушност, не е тоа. Во таа мала бара полна со крокодили што се борат за помалку од 2 милиона публика, нема вистински пазар, а доминираат приватните (предничат националните телевизии) наспроти јавните медиуми. Во вакви услови, сакале – нејќеле, наместо на јавниот интерес, најголем дел од медиумите им служат на интересите на политичките и на економските центри на моќ, главно, на оние блиски до власта, кои „располагаат“ со најголемото „купче пари“ во земјава, буџетот на Република Македонија. Регулативата и саморегулацијата ги следат европските насоки за развој на медиумските политики, но само формално. Во практиката недостига конзистентно и неселективно спроведување на законите, и се забележува целосно непочитување на етичките норми од страна на голем број медиуми и игнорирање на саморегулацијата и етичките норми. Јавниот радиодифузен сервис треба да врши дејност од јавен интерес преку неколку телевизиски и радиоканали, но продолжува да биде пропаганден мегафон на владејачкото мнозинство. Во него, и порано и денес, секоја власт именувала свои луѓе на водечките позиции, наспроти јасно пропишаните правила за нивни избор. Така, јавниот сервис продолжува да се однесува како да ѝ ја „должи“ својата уредувачка, кадровска, финансиска независност (иако се финансира од радиодифузна такса и од буџетот – односно од граѓаните) на власта.

Новинарскиот кадар е едуциран и организиран во здружение и синдикат, но тие и нивното членство се под постојан притисок, наспроти фаворизирањето на организации во кои членуваат луѓе што работат во медиумите блиски до власта, честопати против своја волја. Дејствувањето на медиумските професионални организации е зајакнато, активностите што придонесуваат за подобрување на медиумските состојби се зачестени, но нивното влијание сѐ уште е ограничено, пред сѐ, поради недостигот на солидарност во „базата“, што, пак, е резултат на притисокот на сопствениците, кои во новинарското здружување честопати гледаат поголем ризик отколку од нивните  политички или бизнис-конкуренти. Царува цензурата, но и самоцензурата. Симбиозата меѓу власта и медиумските сопственици – бизнисмени е очигледна. Таа ги определува структурата и содржината на медиумските производи, со што влијае врз начинот на кој јавноста ги опсервира и се информира за општествените настани. Дури, содржината сѐ почесто не се произведува во редакцијата, туку надвор од неа, во комуникацискиот центар на партијата, а потоа се репродуцира во иста форма на повеќе телевизиски, радио, печатени и интернет-канали. Клучните редакциски позиции ги држат послушници, а оние што ќе покажат автономност се маргинализираат и се санкционираат. Концентрацијата на сопственоста во приватните медиуми во рацете на малкумина ја загрозува разновидноста и плурализмот на медиумите, а стремежот за профит, кој доминантно се стекнува од државни средства (владини реклами и други видови „дотур“ на јавни пари), директно се одразува врз уредувачката политика. Практично, мејнстрим-медиумите се речиси целосно потчинети на инструментализацијата за деловно-политички цели, од што не се лишени ни локалните медиуми, но од политиката и бизнисмените на локално ниво.(1)

press-freedom

МЕЃУНАРОДНИ ИЗВЕШТАИ: МЕДИУМСКИТЕ СЛОБОДИ ВО СЛОБОДЕН ПАД

И оваа година состојбата со медиумските слободи, исто како во претходните години, бележи загрижувачки надолен тренд во сите меѓународни извештаи и индекси. Угледната организација „Фридом хаус“, во годинешниот индекс за „Слободата на печатот“, за првпат ја оцени Македонија како неслободна земја. Извештајот на „Репортери без граници“ ја рангира Македонија на неславното 118 место во светот. Во последниот извештај за напредок на ЕУ за Македонија, во делот за политички критериуми се наведува дека најтешката криза со која се соочи земјава по 2001 година поради прислушувањето, во кое, како што констатира Извештајот, се вклучени високи претставници на власта, се сугерира и вмешување преку овој скандал, меѓу другото, и во слободата на медиумите. Според ЕК, земјата има одредено ниво на подготовка во однос на слободата на изразување. Но и покрај тоа што законската рамка е главно во согласност и со правото на ЕУ и со меѓународните стандарди, сепак, ЕК констатира дека слободата на изразување и на медиумите останува сериозен предизвик во актуелната медиумска култура и политичка клима, и дека земјата продолжи со назадување во текот на изминатата година. Во решавањето на недостатоците што ги наведува ЕК во Извештајот за напредок, се вели дека во наредната година земјата особено треба да се посвети на обезбедување целосна транспарентност на владините реклами и развивање механизам за неплатени јавни огласи што навистина се од јавен интерес. Освен тоа, на политичко ниво се сугерира соодветна воздржаност од страна на политичарите и јавните службеници од прибегнување кон тужби за клевета, во согласност со судската практика на ЕСЧП. Како трет приоритет, извештајот сугерира дека на јавноста треба да ѝ се обезбеди пристап до објективно и точно известување и различни гледишта преку мејнстрим-медиумите, особено на јавниот радиодифузен сервис.   Меѓу другото, во однос на медиумите и слободата на изразување и информирање, во Извештајот се вели дека пристапот до информации од јавен карактер е ограничен, а Комисијата е со недоволен капацитет за да го спроведе законот, како и дека граѓанското општество продолжува да изразува загриженост поради мошне малата посветеност на дијалог од страна на властите и остри напади кон граѓанскиот сектор од страна на провладините медиуми.(2)

НАСИЛСТВО, ПОПРЕЧУВАЊЕ И АРОГАНЦИЈА: СЕКОЈДНЕВИЕ НА НОВИНАРИТЕ

Но не се тука само острите напади кон граѓанското општество како потесен поим. Една од најголемите жртви сите овие години додека трае оваа криза е новинарската заедница (според многу теориски модели, и таа е дел од граѓанското општество). И по Пржино продолжија физичките напади врз новинарите, од кои речиси ниту еден не е расветлен, продолжи попречувањето при вршењето работа од страна на полицијата или други службени и приватни лица, продолжи бришењето на снимки, задржувањата, ограничувањата на слободата на движење, удирањето новинари на протести... На денот кога се потпиша анексот од Пржино, 15 јули 2015, вицепремиерот Владимир Пешевски  физички го нападна главниот уредник на веб-порталот „Мактел“, Саше Ивановски-Политико, додека му се доближувал и му поставувал прашања во врска со пржинската спогодба. Нападот е снимен на видео. Минатата година во јули, неколку дена по потпишувањето на анексот на Пржинскиот договор, сопственикот на порталот „Доказ“, Марјан Стаменковски, беше брутално претепан пред кафе-бар во Скопје. Притоа се здоби со сериозни повреди на главата и скршен нос. Во март 2016 г. Уставниот суд на Република Македонија без никакво објаснување им забрани на новинарите да ја следат седницата на која се оценуваше уставноста на Законот за помилување, иако тоа е спротивно на Деловникот на Уставниот суд, според кој, седниците може да се затворат за јавност ако тоа го бараат интересите на безбедноста и одбраната на земјата, чувањето на државата, службена или државна тајна, заштита на јавниот морал. Истиот месец уредникот на кабелската национална телевизија „ТВ Шења“, Мухамед Зекири, доби вербални закани од претставници на владејачката партија ДУИ. Април 2016 е особено „плоден“ месец, што се однесува до насилството и притисоците врз новинарите.

Новинарот и фоторепортер Петар Ставрев од Битола бил физички нападнат од лицето К.Б. додека известувал за протестите против градоначалникот Талески, по што интервенирала полицијата. Снимателот на ТВ Мега од Битола, Владимир Бошковски, беше нападнат од учесници на опозицискиот протест пред Општина Битола. Камерманот бил туркан и навредуван и му било наредено да престане да снима. Група граѓани на антивладиниот протест ги демолираа работните простории на Радио Слободна Македонија (РСМ) во Скопје. Во овој месец, на тројца новинари од весникот „24 часа“ од Бугарија им беше забранет влез во земјава на граничниот премин Деве Баир. На почетокот на април 2016 г., новинарот Јане Мамучевски од порталот „Малешевски весник“, по налог на градоначалникот Драги Нанџиски, беше избркан од седницата на Советот на Берово. Новинарот Мамучевски тврди дека од истите мотиви му било оштетено и приватното возило.

На 13 април 2016 г. група новинари и фоторепортери беа физички нападнати од полицијата додека известуваа од протестите поради одлуката за аболиција пред Канцеларијата за контакт со граѓаните на претседателот Ѓорѓе Иванов. Новинарот Горан Наумовски од порталот „Плусинфо“ беше удиран со пендрек во главата и притоа изгуби свест, додека фоторепортерите Огнен Теофиловски од „Вест“, Наќе Батев од „Вечер“ и Борче Поповски од „Слободен печат“, како и Томислав Георгиев од „Фокус“ беа нападнати од полицајци, и покрај тоа што биле соодветно означени како професионални новинари. Удрен со полициски штит беше и снимателот на ЦИВИЛ, Никола Угриновски. Во мај годинава, новинарката Вања Мицевска од националното приватно радио „Канал 77“ беше физички спречена да фотографира и да го следи собирот на Граѓанското движење за одбрана на Македонија (ГДОМ) од дел од учесниците. Настанот се случил во присуство на полицијата. Не само што не била заштитена новинарката туку полицајците побарале од неа да го напушти собирот. Последните примери се свежи, од јуни 2016 г.

Во еден случај, двајца припадници на обезбедувањето на поранешниот премиер Никола Груевски влегоа во дворот на ТВ 21 и му ги избришаа снимките од службениот мобилен телефон на новинарот Кристијан Ландов, кој претходно го снимил поранешниот премиер Груевски како поминува на улица „Македонија“. Новинарот Томислав Кежаровски беше повикан на информативен разговор во полиција поради учество во Шарената револуција. Обвинителството ја отфрли пријавата за физички напад против сопственикот на порталот „Скај“ од Охрид, Сашо Денесоски. Како што нагласивме и погоре, повеќето од овие случаи биле пријавени во полиција (3),  но досега јавноста не е запознаена дали некој од оние што ја загрозиле безбедноста на новинарите се соочил со некаква одговорност.

Напротив, неказнивоста на насилниците и неажурноста на институциите се сѐ поочигледни.  Освен овие случаи, регистрирани се и десетици поплаки на новинари поради попречување на слободата на движење и попречување на професионалната работа во повеќе наврати, но тие прекршувања веќе ни самите новинари не ги сметаат за сериозни, и воопшто не поведуваат каква било правна постапка, разочарани од повеќето примери на очигледна пристрасност на судовите кога се под удар медиумите и новинарите што не се блиски до власта. А да не зборуваме за секојдневните примери на отворен говор на омраза и повици за насилство од истакнати пропагандисти на власта, кои поминуваат неказнето. Последен таков случај е отфрлањето повик за насилство од страна на Миленко Неделковски кон повеќе новинари и јавни личности, која и Вишото обвинителство ја отфрли кон средината на јуни 2016 г., со образложение дека се работи за „лични“ навреди, иако од напишаното јасно се гледа омразата што се гради врз основа на групни карактеристики.

МОРАТОРИУМ НА ЈАВНИ КАМПАЊИ, ВЛАСТА ИЗНАОЃА ДРУГИ НАЧИНИ ЗА „ДОТУР“ НА ЈАВНИ ПАРИ ДО ПОСЛУШНИТЕ МЕДИУМИ

Иако медиумите требаше да бидат прва точка на преговорите што следуваа по потпишувањето на Пржинскиот договор, реформите и конкретниот договор на потписниците од Пржино постојано се одложуваа, и тие прашања и ден-денес останаа нерешени. Почетокот изгледаше ветувачки. Мораториумот на владините кампањи, кој почна да се применува од јули 2015 г., веднаш по потпишувањето на договорот, всушност, беше дел од пакетот реформи во медиумската сфера, кои требаше да бидат први на агендата на спроведување на Договорот од Пржино. На мораториумот му претходеа сознанија за исплати на огромни средства за владини кампањи на неколку национални телевизии блиски до власта. Сепак, и покрај овој мораториум, власта продолжи да изнаоѓа начини за „дотур“ на јавни средства до медиумите, кои, за возврат, пласираа содржини со кои се поддржуваат политиките на власта, а се стигматизираат опозицијата и граѓанското општество.

press freedom protest 2 - Copy

Сѐ уште како форма на влијание остануваат парите од јавни огласи (за конкурси, тендери, и слично). Освен тоа, на пример, како начин на продолжување на финансиската поддршка беа искористени и средствата што им се ставаат на располагање на медиумите за производство на домашна филмска програма. Овој механизам, воведен со новата медиумска легислатива, функционира нетранспарентно, а средствата се доделуваат од страна на интерресорско министерско тело, кое не ја поседува соодветната експертиза за процена на потребите за ваков вид програма. Колку за илустрација, три телевизии добиле средства во една година за да снимаат ист тип програма Македонски народни приказни!(4) Освен тоа, еден од начините за дотур на средства е преку дел од комерцијалните клиенти блиски до владејачката партија, кои ги насочуваат и ги преплатуваат рекламите кон овие медиуми. Со тие средства, очигледно, освен реклама, се плаќа и некоја друга „услуга“.

ЗБОГАТЕНА ТВ-ПОНУДА, ПОЛИТИЧКИ ПЛУРАЛИЗАМ И ДЕБАТА, ИЛИ УШТЕ ПОВЕЌЕ ШУМ И КРОКОДИЛИ ВО БАРАТА?

Во меѓувреме, на пазарот во Македонија се појавија неколку нови медиуми. Освен новата телевизија ТВ Нова на македонски  јазик (со вести и на албански јазик), медиумскиот амбиент се збогати и со две телевизии на албански јазик, ТВ 21, која има и вести, дебата и други содржини и на македонски јазик, како и ТВ Шења. Сите овие три телевизиски канали оперираат според лиценцата за национално покривање преку јавна телекомуникациска мрежа. Исто така, на пазарот се појави и нов дневен весник на албански јазик, „2+1“. Во меѓувреме, во извонредно тешки услови за комерцијален опстанок и без речиси никаква структурна поддршка, продолжи трендот на загрозување и затворање на локалните медиуми и медиумите на заедниците. Последна жртва на овој тренд беше и најстариот приватен медиум на ромски јазик ТВ БТР, кој неодамна престана со емитување. Велиме тренд, поради малку познатиот факт на општата јавност дека во изминатата деценија згаснаа над 20 телевизии, радија, весници и неделници на јазиците на заедниците, и покрај јасно преземената обврска за нивно помагање, којашто стои во Рамковниот договор од 2001 година. Во контекст на овој извештај и медиумската понуда, која значи информиран избор на граѓаните за политичката понуда и плурализам на политичките содржини, можеме да констатираме дека понудата е малку зголемена во квантитет, но кога е квалитетот во прашање, состојбата е малку поинаква.

Наспроти годините кога речиси и да отсуствуваа ТВ-дебатите, сега нив ги има во изобилство. Речиси секоја телевизија што зрачи национално, па и голем дел од оние на локално ниво, имаат дебатни емисии. Сепак, кај медиумите на македонски јазик (освен неколку исклучоци што го потврдуваат правилото, како, на пример, дебатата меѓу пратеничките Куновска од СДСМ и Рангелова од ВМРО-ДПМНЕ, што се случи во овој период) продолжи да отсуствува директното соочување на власта со опозицијата, во зависност од уредувачката политика на медиумот. Кај дел од медиумите што работат во рамките на професионалните стандарди ова отсуство на суштинска дебата меѓу власта и опозицијата се камуфлира со супституирање на таа дебата со дебата на експерти, претставници на граѓанскиот сектор и други јавни личности,  чии ставови се детерминираат како блиски „до едните или до другите“ (иако не секогаш се тоа), што не го решава проблемот со одбивањето на власта да седне со својот главен политички противник повеќе од една деценија, и неуспехот на медиумите да извршат притисок за такво соочување. Исто така, се забележува дека изборот на гости во овие емисии на сите телевизии како да се сведува на стотина луѓе, што, секако, не значи дека голем дел од нив не се релевантни соговорници, но упатува на извесно рутинизирање на дебатите од самите медиуми.

Во есента и до крајот на 2015 г., во медиумите блиски до власта се забележа обид за „отворање“ на овие медиуми кон опозицијата, очигледно, по сугестија на меѓународниот фактор, што индиректно го призна и главната уредничка на Канал 5 при интервјуто во живо на главните вести на Канал 5 со потпретседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска (5). Овој обид за „демократски плурализам“ во провладините медиуми заврши гротескно, со неколку напаѓачки интервјуа со раководството на СДСМ и министрите што влегоа во владата за спроведување на изборите предвидени со Договорот од Пржино. Кај албанските медиуми, пак, дебатите на телевизиските канали внесоа дополнителен квалитет во информирањето на граѓаните, но ги покажаа и своите аномалии. На пример, се забележува дека дијалогот меѓу ДПА и ДУИ се одвива во медиумските дебати, но се забележува еден нов тренд на селектирање на реалноста, имено, овие две досега најмоќни партии кај Албанците најчесто одбиваа да седнат на ТВ-соочување со „помалите“ партии, а засега таа желба ја почитуваат и медиумите. Освен тоа, кај дел од медиумите на албански јазик отсуствува релевантна критика кон политичките претставници и кон оние што ги застапуваат интересите на гласачите Албанци во институциите, кој се заменува со критика, но за многу понезначајни работи.

protest1

ЗАКОНИ И КОНТРАЗАКОНИ, СУШТИНА ЗАПЛЕТКАНА ВО БИРОКРАТСКИТЕ ЛАВИРИНТИ

Во Извештајот на Прибе во делот на медиумите се наведуваат неколку препораки: - Сите медиуми мора да бидат ослободени од секаков политички притисок без мешање и закани. - Медиумите треба да се дистанцираат од партиските политики и не треба да бидат во служба на политичарите и на политичките партии. - Јавниот национален сервис треба да настојува/да вложува напори да биде комплетно непристрасен и независен од политички, комерцијални и други влијанија и идеологии и да придонесе за информирано граѓанство. - Медиумите играат посебна важна улога во ситуации на политичка криза. Јавен интерес е да откриваат можни грешки во функционирањето на државата или општеството. Оттука, јавните тела треба да се воздржат од обесхрабрувањето на медиумите за да го изнесат/извршат својот мандат. - Дејствијата во врска со клеветата не треба да се користат како средство за да се задуши дебата или за да спречи повикувањето на одговорност на јавни личности. Особено е загрижувачки кога политичарите тужат новинари за клевета, но, исто така, кога тужат други политички фигури, наместо решавање на нивните разлики преку други средства како што е јавната дебата. - Судовите треба да се справуваат со тужбите за клевета на избалансиран начин, независно од можните политички импликации на конкретниот случај. Судовите треба да  развијат јасна и предвидлива пракса за заштита на слободата на изразување во поглед на тужбите за клевета. И медијацијата и саморегулацијата треба да играат важна улога во намалувањето на големиот број на случаи кои доаѓаат до судовите. Треба да се размисли за проширување на опфатот на сегашните законски плафони за одговорност за клевета на медиумите на сите видови на обвинети. -”Купувањето” политичка поддршка од медиумите преку финансиска поддршка на медиумите е неприфатливо. Треба да се спроведат строги правила за владиното рекламирање. - Сопственоста на медиумите и финансирањето на медиумите треба да бидат транспарентни. - Условите за работа на новинарите треба да се подобрат со цел да се намали самоцензурата.6 Во текот на целиот период преговарачките групи за медиумите работеа за да договорат легислативни решенија за спроведување на овие препораки. Во јавноста и во кулоарите циркулираа предлози те на едната те на другата партија, честопати погрешно пренесувани преку медиумите, создавајќи една магла од која јасно можеше да се прочита само едно: кај власта недостасува волја суштински да се реши ова прашање, затоа што токму медиумите се еден од главните лостови преку кои оваа гарнитура се одржува на власт. Но, освен неформалниот мораториум на владините кампањи, и измените во Изборниот законик, од кои суштинско беше само оневозможувањето на медиумите да бидат донатори на политичките партии (што беше овозможено со претходниот Законик), немаше посуштински исчекор во оваа насока. Дури и „понудата“ на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, опозицијата да одбере кој било европски закон за медиуми што власта веднаш би го изгласала, е порака сама по себе. Особено кога и досегашните закони, кои не беа лоши, не функционираа, оти власта ги контролира тие што треба правично да ги спроведуваат тие закони, а не го прават тоа, што се забележува во сите меѓународни и домашни извештаи за медиумите во Македонија со години наназад. Од друга страна, албанските партии во преговорите се фокусираа единствено на барањето за посебен канал на албански јазик на јавниот сервис МТВ, без речиси никаков друг придонес во дискусиите и приговорите. Во таа смисла, не треба да се очекува суштинска промена во стратегијата на власта кон медиумските реформи - што помалку суштина, а што повеќе форма, сите отстапки се можни, само не контролата над парите и институциите што може да санкционираат насилничко, потпалувачко и омразено поведение, кое, очигледно, го стимулира токму власта. Во целата оваа игра со предлози и контрапредлози, закони и контразакони, вреден е да се спомене предлогот што со помош на белгискиот дипломат Питер Ванхауте го подготвија ЗНМ, заедно со ССНМ, МИМ, ЦРМ, кој доби поддршка од поголем дел од слободарската медиумска заедница и граѓанскиот сектор. Предлогот предвидуваше избор на советници во Агенцијата за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) и програмскиот совет на МРТ преку конкурс, со поддршка на професионални или академски организации, и избор со двотретинско мнозинство во Собранието. Измените предвидуваа и поинаков избор и мандат на директорот на агенцијата, обврски за политички плурализам за информативните програми,  финансирање на МРТ со 1 % од буџетот, но и одредби за поголема финансиска и програмска отчетност на јавниот сервис, како и враќање на санкциите за говорот на омраза.  Овој предлог, кој беше доставен и формално до Собранието на 4 април 2016 г., беше одбиен во законодавниот дом.

КАКО ДО ИЗЛЕЗОТ И ШТО АКО ПАК ЗАТАЛКАМЕ ВО ТУНЕЛОТ?

Во ваква констелација, би било премногу оптимистички да се очекува медиумите да играат каква било конструктивна улога во јавноста и политичките процеси во земјава во блиска иднина. Прво и најважно: без претходно да се подобри политичката состојба, не може да се очекува подобрување на состојбата во медиумите. Медиумите се огледало на општеството, а секое општество добива и власт и медиуми какви што заслужува. Грдата слика на македонското општество мора да се поправа од повеќе аспекти, а за сите нив клучни зборови се – политичка волја. Без да почнат да функционираат независно институциите и механизмите на државата поврзани со медиумите, кои се моментално узурпирани од партиите на власт, без судство што ќе санкционира говор на омраза и јавни повици за линч, насилство и убиства, без доследно и неселективно спроведување на законодавството за клевета и навреда со земање предвид на практиката на Судот од Стразбур, не се возможни одговорни и транспарентни медиуми. Без овозможување фер пазарни услови за медиумите, и фер услови за работа за новинарите, без во Македонија да почне да функционира „невидливата рака на пазарот“, а не „долгата рака“ на власта, не се возможни слободни медиуми. Без почитување на стандардите на професијата и кодексот на етика нема слободни медиуми.  Доколку новинарите сами не си ги решат работите, секогаш ќе оставаат простор некој друг однадвор да им ги решава. Саморегулацијата е еден од столбовите врз кои почива независното новинарство. Таа треба да се прегрне и да се негува, а не да се саботира и да се банализира.  Без вистински независен јавен сервис, кој ќе биде пример светилник за другите медиуми за стандарди и квалитет, ниту квалитетот на содржините во приватните медиуми, кои сепак имаат и приватни бизнис-интереси, нема да се промени. Доколку работите останат вакви какви што се, состојбите нема да се променат во догледно време. Напротив, ќе се влошуваат и ќе се деградираат дополнително, со што ќе се влијае негативно и на шансите на Македонија воопшто да излезе од оваа општествена криза, која може да има и подалекосежни регионални импликации.


1 „Медиумите во Македонија: заштитници на јавноста или заложници на политичките интереси?“ проф. д-р Весна Шопар, Петрит Сарачини, Институт за комуникациски студии, февруари 2016 Скопје, достапно на http://respublica.edu.mk/attach/ mediumite-i-javniot-interes-vo-mk_opt.pdf
2 Извештај на ЕК за напредокот на Македонија кон ЕУ http://ec.europa.eu/enlargement/pdf/key_documents/2015/20151110_report_the_former_yugoslav_republic_of_macedonia.pdf
3 Случаи на повреда на правата на новинарите и реакции на институциите, јуни 2016 година, Скопје Здружение на новинарите на Македонија (ЗНМ), достапно на http://znm.org.mk/?page_id=1357
4 „Медиумските слободи зауздени со јавни пари“, м-р Весна Никодиноска, МИМ 2015, достапно на  http://mim.org.mk/mk/ mediumska-politika/859-mediumskite-slobodi-zauzdani-so-javni-pari
5 Вести на Канал 5, 11 февруари 2016, достапно на: https://www.youtube.com/watch?v=7rzo7TzF-Pcб 6 “The former Yugoslav Republic of Macedonia: Recommendations of the Senior Experts’ Group on systemic Rule of Law issues relating to the communications interception revealed in Spring 2015”, Брисел, 8 јуни 2015, достапно на: http://ec.europa.eu/ enlargement/news_corner/news/news-files/20150619_recommendations_of_the_senior_experts_group.pdf