Медиумите во земјава не се артикулатори и заштитници на јавниот интерес, туку се во служба на политичките и економските интереси на сопствениците и на нивните партнери во политиката и бизнисот, сметаат огромен дел на присутните на дебатата одржана денеска во Скопје, на која Институтот за комуникациски студии (ИКС) го презентираше документот за јавна политика „Медиумите во Македонија: заштитници на јавноста или заложници на политичките интереси“.
Панелисти на дебатата, освен авторите професорката Весна Шопар и новинарот Петрит Сарачини, беа и истакнатите новинари и уредници Горан Михајловски и Зоран Ќука, а на настанот говореше и британскиот амбасадор Чарлс Гарет, чијашто амбасада го подрржува овој проект.
Документот нуди систематско разбирање и анализа на улогата на медиумите во штитењето на јавниот интерес во Република Македонија. Тој го анализира начинот на кој македонските медиуми, вклучително и јавниот радиодифузен сервис, го третираат јавниот интерес во нивното известување. Документот се осврнува и на случаи од практиката во Македонија каде што медиумите известувале за прашања и теми кои го засегале јавниот интерес и нуди препораки за тоа како подобро медиумите да ја остваруваат својата улога на заштитници на јавноста.
Македонија има голем број медиуми, технологија и кадар кои им овозможуваат да ја остваруваат оваа улога, релативно добра легислатива, развиен дигитален пренос на информации и спроведена дигитализација, вибрантна онлајн медиумска сфера, образовни институции за формално и неформално образование на медиумскиот кадар, механизми за саморегулација и еснафско здружување. Но, во праксата, овие елементи се предмет на нарушување и дисторзирање, а создадените аномалии и дискфункционалност, освен со лоши перформанси, резултираат и со отуѓување на медиумите од јавниот интерес.
Како дел од решенијата за реинституција на јавниот интерес во медиумите, освен негово експлицитно дефинирање во регулативата - што сега отсуствува, медиумските стручњаци препорачуваат целосно и доследно спроведување на сите закони кои допираат до сферата на медиумите, непристрасно и неселективно дејствување на институциите, зајакнување на уредувачката и финансиската независност на јавниот сервис, транспарентност на сопствеништвото и негово одвојување од редакциите, развивање на медиумскиот плурализам, пошироко прифаќање и спреведување на саморегулаторните механизми и зајакнување на вештините на граѓаните за критичко восприемање на медиумските содржини и активно учество во јавниот дискурс.
Оваа вест е достапна и на: Albanian