Со буџетска поддршка, Владата го помага одржувањето во живот, но и подемот на многу медиуми на национално и на регионално ниво, создавајќи нелојална конкуренција и нарушувајќи го економскиот баланс на медиумскиот пазар, се вели во последното истражување кое го објави Македонскиот институт за медиуми.
Според ова истражување, сите власти досега ја злоупотребувале финансиската „поддршка“ на медиумите со буџетски средства, а дека резултатите од таа експлицитна злоупотреба се особено видливи последниве години.
“На овој начин се создава поширока мрежа на поддржувачки медиуми со кои се колонизира медиумската сфера од страна на политичките групи заради ширење политичка пропаганда”, се констатира во резимето на истражувањето на МИМ.
Многу медиуми, а особено националните телевизии, биле корисници на средствата од државното рекламирање, чие распределување не може да се објасни со ниту една економска логика, освен со онаа дека тие претставуваат финансиска инфузија за подобните медиуми, се истакнува во истражувањето.
“Дополнително државата ги субвенционира петте национални комерцијални телевизии, во износ од максимум 50 отсто од вкупните трошоци за производство на филмска и документарна програма. Во 2014 година, по овој основ на националните телевизии им биле доделени субвенции во износ од околу 530.000 евра”, се посочува од истражувачите.
Околу моделот на финансирање на јавниот сервис, се констатира дека начинот на неговото градење досега било во функција на градење на зависност од власта, што придонело кон рушење на институционалната автономија и директна финансиска зависност од државниот Буџет. “МРТ наместо да функционира во интерес на граѓаните, прерасна во медиум на системот на власт, кој често државните интереси ги сместуваше пред јавните”, се вели во истражувањето.
Ова истражување e спроведено во рамки на проектот „Медиумска опсерваторија на Југоисточна Европа“, регионален проект финансиран од ЕУ.
Целосниот извештај на МИМ со клучните заклучоци и препораки можете да го пронајдете тука.