Миљовски: Проектот „Скопје 2014“ е апсурд!

Поттикнати од проблемите со кои се соочуваат градбите покрај Кејот на Вардар, а се дел од проектот „Скопје 2014“, новинарите на ЦИВИЛ Медиа разговараа со магистерот Божо Миљовски, градежен инженер, кој зборува за ризиците од поплави и избивање на подземни води како резултат на градењето на брегот на реката Вардар, и тврди дека пак ќе ни се повторат поплавите!

ЦИВИЛ Медиа: Кои се пропустите при регулацијата на реката Вардар и колку таа влијае врз новите градби покрај Кејот?

МИЉОВСКИ: Регулaцијата на Вардар е едно од најголемите дела што социјализмот му ги направи на Скопје,  да го регулира Вардар и да му даде физиономија на градот. Меѓутоа, се направи пропуст. Кога е правеше регулацијата на насипите, тие немаат глинено јадро на средина, за кога ќе доаѓаат големи води, водата да не проаѓа низ насипите и да не ги поплавува, туку да ја зголеми подземната вода во околината на реката. Оттука, се избегна решението Вардар да се направи со терасасти езера. Со терасастите езера, водата ќе влегуваше зад насипите. Кога веќе се направи тој пропуст, сите градители заборавија дека насипите го штитат од поплава, но подземните води си влегуваат, и градат згради околу Вардар на кои подрумите им се полнат со вода оти хидроизолацијата не е направена како што треба. Кога дојдоа 'преродбениците', заборавија на тој режим кој мора да се почитува. Не смее од слободното лице на реката да му одзема никој, а направија неколку мостови кои што од 17 до 23% им одземаат од коритото. Без да прашаат некого, градат внатре во реката. Ставаат бродови, тркала... Ќе се случи пак ова што се случи пред некој ден! Кога го граделе автопатот, никој не направи анализа на 25-годишната и 50-годишната можност од поплави кои се случуваат во циклуси, и се случи ова што покажа дека немало студија воопшто! И тоа ќе ни се случи и со Вардар. Тие кажуваат дека со изградбата на Козјак е избегната таа можност, затоа што скалилата се на задржување со Матка, Св. Петка..., но Лепенец од другата страна е слободен. Тие не можат да си земат за слобода и да претпоставуваат! Вардар си има проточен профил кој е загарантиран и не може да се гиба!  Кога ќе се случи ова што се случи со поплавите, Вардар да надојде многу и да настанат попречувања. За време на  поплавите во 1964 година,  тука бев кога го миниравме малото мовче, затоа што ја запре и ја сврте водата кон Вардар. Направено беше решение да се крене за два метра, но тоа не се направи. Ние сега направивме 100 пречки во реката.

ЦИВИЛ Медиа: Колку пречките што се изградени во реката Вардар, конкретно галиите, ќе влијаат доколку имаме поголеми врнежи? Дали ќе се смени коритото на река Вардар?

МИЉОВСКИ: Не, регулацијата на реката Вардар е солидно направена и водата ќе си тече тука. Но, тие галии ќе ги собере и ќе ги однесе кај мостовите и ќе се направи пречка која ќе ја спречи водата да тече и ќе почне да тече низ градот. Тоа се непромислени работи, како и мостовите, така и ова. Кога одите во Париз и се возите по Сена, ќе видите што значат мостовите, тие се архитектонско дело. Кај нас, мостовите ги прават градежници. Градежниците не се за урбани мостови, градежниците се за надвор, во град - архитектите треба да ги парват, оти мостовите се архитектонско дело. Овие мостови ги градат со челични конструкции, мостовите мора да си имаат своја физиономија, треба да бидат направени - да „ползат“ на реката, а не да штрчат.

ЦИВИЛ Медиа: Дали тоа значи дека новоизградените објекти кои се дел од проектот „Скопје 2014“, се на градежниците, а не на архитектите?

МИЉОВСКИ: Видете, проектот „Скопје 2014“, не е за коментирање. Тој е апсурд, канонади од столбови за да ја вратиме антиката, тоа е глупост! Но, така се нафрлени околку реката, што половина од подрумите им се полнат со вода, затоа што не земале во предвид дека треба да се кренат. Ќе ви кажам еден случај. Сега доделија три локации за хотели од другата страна кај стадионот, и ме прашаа на кое ниво треба. Јас им кажав дека мора да се кренат над нивото на насипот, затоа што утре ќе дојде поплава, и ќе ви ги наполни со вода. Тоа се резони кои мора да се почитуваат.

Новинарка: Биљана Јордановска

Камера: Атанас Петровски

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish