Самохрана мајка сум веќе пет години, на моите две „спартанки“ од 15 и 12 години. Татко им си замина со една..., и ги гледа по еден саат, од време - навреме, колку што му дозволува таа новата. За овие пет години, четири години ме тужеше на суд бившиот свекор за 10.000 евра што син му ги "позајмил" од него, кога го купувавме станот!? Иако син му мене ми рече дека татко му, му ги дал парите како подарок. Таквата верзија не ја знаев само јас, туку и девојчињата и сите мои пријатели и пријателки. На судењето имав 15 сведоци, но сепак, по многу перипетии, го изгубив спорот. Фала Богу, само судски трошоци платив, зашто стариот се откажа од парите. Но, по мене дрвја и камења се фрлаа, де не сум домаќинка, де ова, де она...
За на крај, еееј луѓе, да доживеам мајка му да ми се јави и да бара да се смирам со син и, зашто му било жал! И криво му било за тоа што го сторил, и се каел што се оженил со онаа, тешкана „спонзоруша“).
Mислев дека веќе ништо не може да ме изненади... Сиве овие години, во солзи и депресија, си велев: „Боже, моиве солзи нека не паѓаат на земја, нека капат врз нив и да ги горат, како што горам јас. Душата да не можат да ја испуштат додека прошка од мене не побараат“. Ама сега. Ма, какво смирување! Ни ќеркиве не сакаат да слушнат да се смирам со татко им, знаејќи што сé поминав.
Таман си мислев дека, ете, по толку години, полека ќе се вратам во некоја нормала И дека ќе престанам да плачам и викам по децата кога ќе ме фати депресија. И што сега? Ништо. Пак сум на почеток. Фала Богу, што сум вработена...
А за организирањето на самохраните мајки, ми се полни душава! А бе, со жени да си немаат работа, дури молчиме – молчиме, амаааа... Треба да се доорганизираме, да дознаеме што повеќе за правата на жените во социјалните држави. Потоа, да видиме што може да се имплементира во нашите закони. Ве сакам сите, самохрани мајки и ве гушкам...
ЦИВИЛ – Центар за слобода ја покрена новата проектна активност Една може! (Një mundet! / One can!) во чиј состав е Групата за поддршка на самохраните родители.
Најголем дел од самохраните родители се мајки, кои покрај егзистенцијалните проблеми, често се и жртви на семејно насилство, на односот на семејството и на средината кон нив, но и на мобинг на работното место и на индолентноста на институциите на локално и на државно ниво.
Објавувањето на селектираните и редактирани исповеди на самохраните мајки, кои токму од горенаведените причини сите побараа да им се заштити идентитетот, е само првиот чекор на ЦИВИЛ – Центар за слобода, за соочување на јавноста со секојдневните проблеми на самохраните мајки