Во организација на Балканската мрежа за истражувачко новинарство (БИРН) и Агенцијата за меѓународен развој на САД (УСАИД), вчера во Скопје се одржа обука "Новинарство и соработка помеѓу медиумите и граѓанскиот сектор", на која учествуваа 15 новинари од редакции на различни медиуми на албански јазик во Македонија.
Како тренер на работилницата беше ангажирана Јета Џара, една од најпознатите истражувачки новинарки на Косово и во регионот.
Работилницата ја отвори Ана Петрушева, директор на веб-сајтот на БИРН, "Балкан инсајт". Според неа, целта на проектот е да ги научат зајакнат вештините на младите новинари за обработка, атрибуирање и истражување на вести.
Во рамки на обуката, младите новинари стекнаа вештини за повеќе аспекти на изработката на еден истражувачки новинарски производ. „Како да се најде и да се произведе сторија?", „Извори и техники за интервјуирање", „Пристап до информации" и „Етика во известувањето и истражувањето“, беа дел од темите на работилницата.
Поголемиот дел од учесниците со ентузијазам зборуваа за знаењата стекнати во текот на денот.
[youtube]https://www.youtube.com/watch?v=0zAcfiyUGxo[/youtube]
"Меѓу новинарите Албанци зборуваме дека кај ‘другата страна’ (кај Македонците н.з) секогаш имало новинари што истражувале теми од јавен интерес. Верувам дека заедно ќе успееме и дека од обуката ќе произлезе една заедничка платформа, која ќе доведе до тоа и ние да почнеме да ги правиме работите во пракса. Свесен сум дека ќе се судриме со пречки, но сепак, упорноста и желбата за работа во нашата професија, ќе придонесе да бидеме победници заедно со јавноста, а не со оние кои работат против интересите на јавноста", изјави за ЦИВИЛ Медиа, Адриан Керими, новинар во ТВ Шења.
[youtube]https://www.youtube.com/watch?v=MH05JZlucNk[/youtube]
Менсур Красниќи од порталот "Шеши" оценува дека доаѓањето на БИРН во Македонија е добра и реална можност за новинарите кои имаат особен интерес за создавање истражувачки приказни. "Искуство на Јета Џара, новинарка од Косово, е исклучително. Ќе имаме можност да се информираме како да се направи истражувачки напис, а потоа, можеби ќе ни се даде можност за евентуална соработка со БИРН", вели тој.
Експертите на БИРН сметаат дека медиумите на Балканот, односно во Македонија, Косово, Србија и во Босна, се соочуваат со различни притисоци од сегашните власти. Тие истакнаа дека на медиумите и новинарите во Македонија им недостасува слобода во известувањето и објавувањето информации.
Бехар Мемиши
Оваа вест е достапна и на: Albanian