Вториот панел од “Граѓанската дебата за слободно општество и социјална правда”, беше на тема: “Преку социјална правда до подобра живејачка.”
Говорници во овој дел беа Душко Груевски од граѓанската организација “За нас се работи” од Битола, Дона Костуранова од Младинскиot образовен форум - МОФ, Јасминка Фришчиќ од Здружениеto за еманципација, солидарност и еднаквост на жените, Борјан Ѓузелов од Македонскиot центар за меѓународна соработка - МЦМС, Бранимир Јовановиќ, аналитичар, Абдулменаф Беџети, uниверзитетски професор и Петар Гошев, поранешен гувернер, министер и пратеник.
Meѓу прашањата на кои панелистите од вториот дел на денешната дебата, дискутираа беа: Кои се критериумите за квалитетен живот и подобра живејачка? За што треба да се трошат јавните пари? Како да се избегнеме банкрот на државата? Како до нови и достоинствени работни места? Кои се обврските на државата во обезбедувањето социјална правда?
Претставникот на граѓанската организација “За нас се работи”, Душко Груевски зборуваше за тоа дека не е секоја личност граѓанин, и дека е многу тешко да се разбуди свеста за потребата од социјална правда, кај луѓе кои воопшто немаат свест. Груевски зборуваше и за 24-ти април, датумот кој во Договорот од Пржино е посочен како ден кога ќе се одржат предвремените парламентарни избори. Неговиот став, кој ЦИВИЛ Медиа веќе го објави е дека “24 април 2016 е Цветници и е строг Велигденски пост? А згора на сето ова, утредента, понеделникот по Цветници, кога официјално ќе се соопштат резултатите, и ќе има победници и поразени, па ќе има зла крв, негодување, неправди, среќни и несреќни…, е денот кој во православната религија се се нарекува Страстен понеделник.”
Дона Костуранова од МОФ, зборуваше за младите како една од најмаргинализираните групи во државата. Според податоците со кои располага МОФ, 50% од младите никогаш не присуствувале на дебата, исто толкав процент, размислуваат како да ја напуштат Македонија, а најголемиот дел од нив сметаат дека при вработување, дипломата на родителите е поважна, од образованието на оној кој аплицира. Тоа што загрижува според Костуранова, е недовербата на младите во институциите, но и во граѓанскиот сектор.
Државата е активен субјект за исполнување на социјалната правда. Нејзините обврски се да го оспособи македонското законодавство според меѓународните стандарди и да го зголеми степенот на почитување на човековите права, смета Јасминка Фришчиќ од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.
Борјан Ѓузелов од МЦМС, ја потенцираше важноста од спречувањето на корупцијата за обезбедување на социјална правда. И покрај високиот степен на корупција во Македонија, таа не се препознава како голем проблем, односно испитаниците од последното истражување за корупција на МЦМС, ја позиционираат на петто место. Ѓузелов препорачува дека граѓанското општество треба да влијае врз квалитетот на доброто управување, а граѓаните да се охрабрат да пријавуваат корупција. „Специјалното јавно обвинителство, има историска можност да направи позитивно влијание врз намалувањето на корупцијата“, смета Ѓузелов.
Петар Гошев зборуваше за јавниот што лажно се претставува од владејачката партија. Како што изјави и за ЦИВИЛ Медиа, Гошев смета дека јавниот долг е многу поголем од тоа што секојдневни се прикажува во медиумите, кои информациите што Владата ги презентира, ги прифаќаат како вистинити.
Дебатата беше во организација на коалицијата “Граѓаните за Македонија”. Присуствуваа претставници на голем број на граѓански организации од целата држава, заинтересирани граѓани, голем број на медиуми, поранешни и сегашни функционери, како и претставници на дел од политичките партии во Македонија.