„Младите можат“: Тимски предизвик за лидерство и доверба

Здружението на граѓани „Младите можат“, преку проектот „Младински лидерски иницијативи“ што се спроведува со поддршка од Цивика Мобилитас, на 9-ти август (вторник), организира едночасовен тимски предизвик. Настанот „30 минути до вселенска катастрофа“ ќе се одржи во Паркот на франкофонијата, со почеток во 18:00 часот. 

„Вселенска катастрофа ненадејно се појавува и e причина поради којашто планетите го губат својот дом. Среќниот и мирен живот e нарушен, па затоа десетте планети немаат избор, мораат брзо да пронајдат нова галаксија. Стани дел од екипата вселенски заштитници. Искористи ја својата храброст, креативност и упорност и врати го мирот во универзумот!“, се вели во повикот што го објави „Младите можат“.

Настанот има за цел, преку оваа игра, учесниците да научат корисни вештини и да се стекнат со нови искуства и познанства. На овој начин младите кои ќе се вклучат во настанот ќе имаат можност да учат за тимската работа, за комуникациските вештини, за лидерството и довербата.

Пријавувањето завршува на 7-ми август, а според критериумите за учество, можат да се пријават сите млади на возраст од 16 до 22 години.

Во рамките на проектот „Младински лидерски иницијативи" се имплементираат иницијативи за подигнување на свеста кај младите за придобивките од неформалното образование и личниот развој.