Мојата Македонија е шарена!

Делев флаери на улица на пеколни и на минусни температури, предавав на семинари на млади луѓе, разговарав на трибини, дебатирав, со насмевка одговарав на подли провокации, на клетви и навреди од заслепени&затруени, полемизирав, советував, се распостилав себеси пред непознати, ме прегрнуваа и ме пцуеја..., ама го споделував искуството, сопствените вредности и идеали и апелирав... Се обидував некако да допрам до причините за блокадите во свеста кај стотици илјади сонародници, до корените на стравот и на подаништвото и на ирационалноста на молкот, што ја турнаа Македонија на дното во кое се препелкаме десет години... Оти морав, оти сакав, оти ме „туркаа“ помладите колеги... Оти, сакам син ми, ни на пристојна оддалеченост, да не се срами од парчето земја во кое се родил

sinischa-kolumna

Пишува: Синиша Станковиќ

Две години со младите активисти на ЦИВИЛ, ентузијасти до балчак, ја крстосував Македонија, празник-делник, се сретнував со илјадници луѓе во градовите, селата и по скрките, и се чувствував повторно, како на крајот на осумдесеттите и почетокот на деведесеттите, кога, како незадоволник од едноумието, со генерациски блиските ми новинари, гласно (по)барав шаренило. (Откако студентине, златни деца, ми го стоплија срцето, некако природно беше, да ги прегрнам и „шаренине“, да застанам меѓу оние кои маршираат за слобода). И затоа, последниве две години ништо не ми беше тешко. Оти знаев дека правам нешто значајно, нешто, со што си ја спасувам душата, се покајувам за привременото слепило во периодот кога ја бркав егзистенцијата и си го гледав семејството (оти, моите 11 години статус на слободен – навистина, со големо С – новинар, поради кои нема да можам да се возам бесплатно во автобусите во вторник и да одам на бања, нели, пензијата и нема да ја дочекам, се совпаднаа со црната декада за Македонија...), нешто големо, што ќе остане зад мене, како припадник на утнатата генерација на македонската пролет....

Делев флаери на улица на пеколни и на минусни температури, предавав на семинари на млади луѓе - некои од нив, и буквално осакатени, со тоа што не знаат за подобро, оти младоста ја поминале под режим, а дел немаа ни патувано подалеку од Табановце и Богородица - разговарав на трибини, дебатирав, со насмевка одговарав на подли провокации, на клетви и навреди од заслепени&затруени (иако, еднаш во Валандово, помислив да изџигерам еден агресивен простак...), полемизирав, советував, се распостилав себеси пред непознати, ме прегрнуваа и ме пцуеја... Го споделував искуството, сопствените вредности и идеали, апелирав..., се обидував некако да допрам до причините за блокадите во свеста кај стотици илјади сонародници, до корените на стравот и на подаништвото и на ирационалноста на молкот, што ја турнаа Македонија на дното во кое се препелкаме десет години... Оти морав, оти сакав, оти ме „туркаа“ (по)младите колеги... Оти, сакам син ми, ни на пристојна оддалеченост, да не се срами од парчето земја во кое се родил, токму поради мојата одлука, да останам, дури и ако треба, да ја исклучам светилката...

Триесет и кусур години пишувам за Македонија, оваа тука и онаа раселената, за луѓето, оние простомртните, „случајни минувачи“ низ својот и туѓите животи, за демократијата, за човековите права (и за она, најважното да се биде поинаков, „шарен“, да се бега од црно-белата поделба и од матното сивило), за идеалите... А последнава деценија, сé почесто, и за дилемата - да се бега или да се остане. И по која цена... И некогаш, и сум ги обвинувал моите родители, што не искористиле ниедна шанса и не заминале... Низ годините, сум пишувал и за проѕирната местенка на претседателските избори 1994, за мизеријата на претседателските избори - 1999, за трагикомиката на изборите, на кои последниве години, со широк дијапазон на недозволени средства, демек, победуваат античко-барокните градители на кич и на заринкани кораби... И ептен добро знам дека кутрата Македонија, половина од мојот живот, цели 25 години, не изнајде сили и доблест, да организира навистина чесни и демократски избори, чии губитници веднаш ќе им честитаат на победниците...

Но, вчера, додека во прес-центарот на ЦИВИЛ, бев „бомбардиран“ со извештаите на набљудувачите за стотиците примери на гнасотилаци, со кои некој сакаше да ја фалсификува волјата на граѓаните и да ги оневозможи да одлучуваат за иднината на своите деца, за заканите, притисоците и поткупот, за заплашувањата и уцените, за „мртвите души“ и „фантомите“ на списоците и за исчезнатите, а живи и здрави ем прави, граѓани, сфатив... Дека таа, „чудесната“ Македонија, во која вирее само криминалот, лагата и бесчестието, подлизурковството и заробениот ум, глупоста и бесрамноста, едноставно, не е моја! Таа е „татковина“ на ѓоа-патриотите, на продадените души, на безрбетниците, на фановите на асасините–платеници, на „купи ден помини“ - лешперите, на илеџиите, на плачковците&коркачите кои не смеат ни во огледало да се погледнат за да се извадат од памет... И сфатив, дека се срамам што земјата во која живеам, ја поробија непрокопсаници, ојлевци-дојлевци, параспури и келепурџии, арамии кои му ја цицаат крвта на народот во кој се колнат!

Но, и дека мора да продолжам, за да го бранам своето - од натрапниците, Македонија од киднаперите. Оти, ако конечно не се исклучува светлото, и нема друга алтернатива.

И, не ми е жал, што иако задоцнето (оти моравме да реагираме кога на првите инакумислечки, кабадахиите им тропнаа на врата, таму, во 2007/2008, пред монструмот да аздиса!) ги поминав последните две години, на мисија која навидум е невозможна. Всушност, за луѓето, за домаќините, за родителите, и нема друг избор. Освен, да застанат простум пред загрозата.

Затоа, викендов со крената глава ќе го погледнам в очи син ми, кога ќе го дочекам на аеродромот, оној со неизделканата статуа во холот, за семејно да ги прославиме зимските празници! И, се надевам, дека пред да се врати во јабаната, и тој ќе го почувствува новиот здив на Македонија, онаа нашата - чудесна земја. Во која сите сме наши. И свои! И дека, она топлото во срцето, што и јас како закоравен песимист го почувствував барем на момент, во сета вчерашна (и особено денешна) резигнираност, ќе го огрее како Сонцето, за кое, во деведесеттите, кога мојата генерација, сé уште имаше идеали, пишувавме дека треба да се следи, за да се (најде) дојде до Македонија!

За никогаш повеќе да не се повтори сцената од бегалскиот камп во Рејкјавик, каде 30-годишен македонски државјанин се самозапалил, бидејќи исландските власти сакале да го вратат во Македонија, откако неговото барање за азил било одбиено. За никогаш повеќе, Македонците, дотолку да не се плашат и срамат од својата Македонија!