Поранешната директорка на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа на град Скопје, Сузана Илиевска, која беше поставена на таа функција од техничката министерка за труд и социјална политика, Фросина Ременски, за ЦИВИЛ Медиа изјави дека вработените во Центарот „трпат невиден мобинг и тортура, која ги навредува не само нивните интелигенција, образование, професија и искуство, туку и ги турка до психосоматски реакции и нарушување на нивната здравствена состојба...“. Директорката на Центарот Билјана Јарчевска, во кусиот одговор, ги демантира обвинувањата.
Илиевска ни изјави дека полициските „алфи“ повикале неколку вработени на информативен разговор во полициската станица во Лисиче. Меѓутоа, таа истакна дека се повикани на разговор само колку да ги заплашат и да им биде дадено до знаење дека го следат секој нивни чекор.
Неодамна, вработени со долг стаж во Министерството за труд и социјала до ресорниот министер Диме Спасов, упатија отворено писмо што ги охрабри Илиевска и уште неколку вработени, кои сé уште сакаат да останат анонимни, да проговорат и да напишат писмо за притисоците во Центарот за социјална работа - Скопје.
По повод нивните жалби и обвинувања, минатата недела одговор побаравме од посочената како одговорна, директорка на Центарот за социјална работа, Скопје, Билјана Јарчевска. Во кусиот одговор, Јарчевска ги демантира обвинувањата:
„Во однос на Вашите наводи, односно обвиненија зa притисок и мобинг врз вработените во Меѓуопштинскиот центар за социјална работа, истакнувам дека се работи за целосна дезинформација и шпeкулација. Со почит, Билјана Јарчевска, директор на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа на град Скопје.
Но, според Илиевска и нејзините колеги, „по промената на раководните лица со одлука на Владата на 19 април 2016 година, сé до назначување на старо-новиот министер за труд и социјална политика Спасов, директорката Јарчевска еден месец беше притаено мирна и воздржана. Тој месец таа беше нелегитимна, без решение за вршење функција - директор, односно, насилно беше вратена на таа позиција, со последната противуставна одлука на Владата, како и без валиден потис во трезорот при Министерството за финансии, но за цело време потпишуваше документи, како стручно-професионални, така и финансиски - парични давања на странки, јавни набавки, високи суми за одржување, вклучително и платата за вработените со потпис: ‘Со овластување на Владата, директор, Биљана Јарчевска’ (интересно нели?)“.
Според вработените, „на тој начин, Јарчевска остави простор, вработените да поверуваат дека нема да трпат последици (со кои таа постојано се закануваше), поради нејзиното разрешување од техничката министерка, Ременски. Но, по назначувањето и стапувањето на должност на Спасов, директорката Јарчевска почна со својата брутална одмазда врз вработените, неводејќи сметка за нивната стручност, професионалност, искуство и образование, ниту пак, за подзаконските акти врз основа на кои е уредена и организирана работата и дејноста на установата од јавен карактер“.
„Сите решенија, со кои дел од вработените во Центарот биле распоредени на соодветни работни места, од в.д. директорката, назначена од министерката Ременски, а согласно нивните стручни и професионални потенцијали, можности и капацитети, како и согласно потребите за оптимализација на условите и оптовареноста во работењето, со цел установата да излезе од партизираноста и да профункционира, Јарчевска, на своја рака ги прогласува за ништовни и издава нови, со кои ги враќа вработените на претходните работни места, односно, ја враќа установата во претходната состојба на дисфункција - во целосен колапс“, пишуваат вработените.
Според Илиевска, некои од вработените, не само што добиле закани и уцени, туку биле дури и пријавени во месно-надлежните комитети на ВМРО-ДПМНЕ, каде по пријава на директорката дека соработувале со в.д. директорот поставен од Ременски, добиле укори, условувања и закани по егзистенцијата?!
„Во Меѓуопштинскиот центар за социјална работа на град Скопје, кај стручните лица и останатиот персонал, владее страв, вџашеност и општа паника за личниот опстанок, како и за професионалната деградација и девалвираност, а во исто време, тие трпат невиден мобинг и тортура, која ги навредува не само нивната интелигенција, образование, професија и искуство, туку и ги турка во психосоматски реакции и нарушување на нивната здравствена состојба“, потенцира Илиевска во име и на своите колеги...
Бидејќи вработените се исплашени до крајни граници, дури до степен да не комуницираат меѓусебно, за да не бидат слушнати и пренесени нивните раговори кај директорката, и се обраќаат на јавноста, сакајќи да останат анонимни, без да ги спомнат своите имиња и звања.
„Тортурата во скопскиот Центар за социјална работа оди дотаму што, вработените се снимаат со внатрешни камери, вмрежени компјутерски системи и прислушни уреди, преку кои директорката Јарчевска ги следи нивните движења и комуникација во просторот, електронската евиденција на странките и нивната целокупна лична документација, влегувајќи недозволиво во електронските програми за внес, набљудувајќи ги вработените од својата канцеларија, по што дели иницијативи и решенија за дисциплински постапки, за наводно, често, а според неа - непотребно напуштање на работно место, без оглед дали истото е оправдано, или не, наводно нецелосно, или нестручно извршената работа, или внес во електронска евиденција на лични податоци, за што странките не се информирани и слично“, ни изјави Илиевска.
„Истовремено, нејзините послушници, а партиски војници на ВМРО-ДПМНЕ, постојано се пред вратите на канцелариите на вработените, ги прислушкуваат, ги следат, им ја следат и електронската и телефонска комуникација и потоа и реферираат на директорката. Целосно е нарушена работната атмосфера, не постои деловна култура на професионално однесување. Работниот ден се состои во малтретирање на вработените по сите основи и нивно тортурирање до крајно подносливи граници. Единствен приоритет е редовноста на вработените, која е мерена до секунда, со помош на неколку електронски апарати за редовност, како и со потписи во тетратки за секој сектор посебно, па потоа во тефтери за приватно и службено излегување, проверки по мобилни телефони, кој каде се наоѓа и зошто, не се одобруваат заслужените слободни денови, не се одобрува користење на боледување, како и користење на годишен одмор, односно, тоа е селективно, во зависност од партиската припадност и лојалноста кон директорката. Установата ја води техничкиот персонал, кој е под пресија да ги шпионира колегите, со што целосно е изгубена функцијата на Центарот како орган за старателство, кој ниту постапува по закон, ниту пак ги спроведува законите, според кои би требало да работи“, вели Илиевска.
Според неа, Меѓуопштинскиот центар за социјална работа - Скопје не ја врши својата основна дејност-грижа и помош на социјално-ранливите групи и останатото население кое има потреба од помош и грижа.
„Установата, преку партиската директорка која се декларира како неопределена, а чиј сопруг е поранешен полициски начелник и послушник на Сашо Мијалков, со голем авторитет во ВМРО-ДПМНЕ, ги извршува исклучиво незаконитите дејствија и наредби на министерот Спасов, кои најчесто се однесуваат на ‘ургенции’ и интервенции за партиски членови и за нивните проблеми, додека социјалната политика и социјалната дејност и помош на ранливите групи е насочена кон укинување, попречување и кратење на помошта, со истакнат дрзок однос кон клиентите, нивно обесхрабрување и навредување, како сами би се откажале од барањата за помош и на тој начин, делумно би ја намалиле бројката на корисници на разни видови помош“, стои во реакцијата на група вработени во јавната установа Меѓуопштински Центар за социјална работа на Град Скопје, која е под надлежност на МТСП.