МОДЕМ: Провладините медиуми ги навредуваат продемократските демонстранти

"Ако е против власта, не е ниту граѓанско, ниту народно.  Телевизиите со провладина ориентација (Сител, Алфа, Канал 5 и ТВ Нова), во врска со движењето 'Протестирам' и протестите од Шарената револуција, упорно и синхронизирано ја повторуваа фразата 'хулиганите на СДСМ и на Сорос'“, пишува во  петтиот месечен извештај на Институтот за комуникациски студии, објавен во рамките на проектот „Мониторинг на демократијата во Македонија“ - МОДЕМ. Според извештајот, „главната комуникациска стратегија на владејачката партија има за цел да ги замолкне, делегитимира и демонизира сите критички гласови“.За разлика од Шарената револуција, контрапротестите на движењето ГДОМ на провладините медиуми беа нарекувани „граѓански“ и собири на „народот“.

„Од друга страна, неутрално-критичките телевизии многу поретко известуваа за собирите на ГДОМ, а почесто за протестите на Шарената револуција. МРТ на своите два сервиса известуваше информативно и балансирано за двете движења",  е заклучокот на петтиот месечен извештај објавен од Институтот за комуникациски студии - ИКС. Извештајот се базира врз следењето на медиумските содржини емитувани на Јавниот радиодифузен сервис и на комерцијалните телевизии со национална концесија, во периодот од 16 април до 7 мај 2016 година.

GBHDT

"Најрелевантната тема во медиумското известување во овој период беа протестите на граѓанското движење 'Протестирам'. Начинот на кој провладините телевизии известуваа за протестите го потврдува феноменот 'протестна парадигма', односно, известувањето на медиумите за различни социјални протести е често насочено кон дискредитирање и маргинализирање на протестните дејствија или пак, кон промовирање и фаворизирање на едната страна односно, демонизирање и деградирање на другата страна во социјалниот конфликт. Колку повеќе социјалните протести се насочени кон промена на општествените услови, норми и политики, толку понегативно тие ќе бидат претставени од медиумите",  стои во извештајот, и се истакнува дека овој начин на известување е засилен во системи во кои медиумите се под силна политичко-идеолошка контрола.

"Главната комуникациска стратегија на владејачката партија има за цел да ги замолкне, делегитимира и демонизира сите критички гласови, почнувајќи од најсилните кои доаѓаа од секојдневните собирања на граѓаните мобилизирани во Шарената револуција, до оние на претставниците на меѓународната заедница. И во овој период се чини дека 'стравот' на структурите на моќ од дејствијата преземени од Специјалното Јавно обвинителство предизвика оваа институција да е предмет на најсилни напади и дискредитации", се наведува во извештајот.

Извештајот е изработен во рамките на проектот „Мониторинг на демократијата во Македонија“ - МОДЕМ, кој има за цел да утврди дали медиумите ги почитуваат професионалните стандарди во известувањето за политичките актери, утврдени во Кодексот на новинарите на Македонија и во кодексите на меѓународните организации во текот на предизборниот период.

Заклучоците и согледувањата изнесени во овој извештај се добиени врз основа на квалитативна анализа на 11 програми на вести и 38 изданија на 11 различни актуелно-информативни емисии на јавниот сервис (МТВ1 и МТВ2) и на 7 приватни телевизии (Сител, Канал 5, Алфа, Телма, Алсат М, 24 Вести и ТВ21).