Молчењето е злосторство

На тема: "Злосторството на молчењето", денеска по трет пат заседавше симболичниот суд на правда на граѓанското општество - Tribunus Civilis. Судската расправа има за цел да ги посочи и да посведочи на сите состојби кои го овозможија развивањето на автократскиот систем во Република Македонија. Расправата ја отвори Питер Ванхауте, кој зборуваше за стравот во кој живеат луѓето во Македонија и за младите кои сонуваат да ја напуштат државата. 

DSC_0044

Проф. Љубомир Д. Фрчкоски

Оваа судска расправа беше организирана без судии, само со сведоци. Првиот сведок кој се обрати беше професорот Љубомир Фрчкоски. Фрчкоски зборуваше за значењето на денешната расправа ја подигнувањето на јавната свест, за поддршка на отпорот кон диктатурата. Професорот ја осуди како што тој ја нарече циничната образовна фела која со молчење е нем слуга на владејачката гарнитура. "Јазикот кој се користи во диктатурата е нејазик, тоа се мимики кои добива вредност и значење само кога се користат од лидерот. Па така реалноста добива друга димензија. Економската криза не е криза, тоа е пречка која само ВМРО-ДПМНЕ може да ја победи", истакна Фрчкоски во своето обраќање.

DSC_0051

Ерван Фуере

Свое обраќање имаше меѓународниот поддржувач и пријател на Судот, Ерван Фуере. Тој зборуваше за криминалот на молчењето, за одбивањето да се зборува против кршењето на основните човекови права. Фуере го осуди начинот на кој владејачката партија ја спроведува својата агенда, со наметнување на страв во јавната администрација, во судството, за проблемите во медиумите и во избирачкиот процес. "Сите кои се против и кои зборуваат гласно за тоа се предавници. Сепак, невладините организации и покрај сите притисоци продолжуваат да работат", вели Фуере. Ги посочи и последните извештаи од релевантни меѓународни организации кои зборуваат за состојбата во која се наоѓа Македонија. "Според последниот извештај на Фридом Хаус, Македонија повеќе не е слободна земја во однос на медиумите. Тука е и извештајот на Прибе, и годишниот извештај на Стејт департментот за човекови права во светот, каде корупцијата и владиното нецелосно почитување на владеењето на правото се главни забелешки", потсети Фуере.

DSC_0025

"Никола Груевски, продолжува да тврди дека незаконски снимените телефонски разговори, се направени од странски служби за прислушкување, без да посочи кои се тие. Во тоа повеќе никој не верува", продолжи Ерван Фуере , зборувајќи за притисоците од владејачката партија. Како еден од проблемите со кои Македонија се соочува во моментов е и аболицијата на претседателот Иванов. "Ниту претседателот не е над правото, но очигледно тој тоа го заборавил", смета поранешниот амбасадор на ЕУ во Македонија.

Неговиот говор, Фуере го заврши со "светлината во државата", а тоа се илјадниците демонстранти кои секојдневно протестираат против владата. "Тие се наречени хулигани, што е карактеристично за авторитарни влади, кои се плашат од народот. Но тие не протестираат за безплатни сендвичи, протестираат затоа што им е доста да не бидат почитувани, и некој постојано да им ги крши човековите права. Тие имаат што да кажат, и мора да бидат слушнати", порача Фуере.

DSC_0055

Другите сведоци кои се обратија пред присутните на денешното рочиште беа: Уранија Пировска, Ана Чупеска, Наталија Поповска, Слободан Унковски, Стево Пендаровски, Бранко Тричковски и Огнен Спасовски. 

Марија Теговска

 

 

Оваа вест е достапна и на: Albanian