МРТ со нови изборни правила, но без механизам за нивно спроведување!

На јавна презентација пред новинарите и уредниците на Македонската Радио Телевизија, претставниците на медиумите, на дипломатскиот кор, на меѓународни и домашни организации, во Скопје денеска беа претставени „Етички и професионални принципи на МРТ за медиумско покривање изборни процеси“.

На презентацијата, околу документот и заложбите за воспоставување подобро известување на јавниот сервис за изборите, говореа британскиот амбасадор Чарлс Гарет, директорот на МРТ, Марјан Цветковски и Марина Тунева од Советот за етика, која во име на работната група која учествувала во неговото подготвување ги претстави пред присутните клучните принципи од документот.

Во своето обраќање, амбасадорот Гарет нагласи дека овие правила ќе им помогнат на новинарите и уредниците на МРТ во нивната работа и ќе им ја олеснат задачата во поглед на постигнување на стандардите за известување за време на изборите. Според Гарет, граѓаните имаат право да добијат сеопфатни, веродостојни, точни, професионално обработени и непристрасни информации, кои ќе им помогнат да направат информиран избор. „Од голема важност е јавниот сервис да биде на нивото на задачата на оваа одговорност“, подвлече Гарет.

Директорот на МРТ, Цветковски потсети дека ова не е прв правилник во историјата на МРТ што се однесува на известувањето за изборите, но е прв ваков документ на јавниот сервис кој е направен во сеопфатен процес, со вклучување на медиумската заедница и на професионалните здруженија.

Според него, МРТ за известувањето за минатите избори добила пофалби и позитивен извештај од Агенцијата за медиуми, и неколку критики од ОБСЕ-ОДИХР. „Овие правила не ги решаваат сите дилеми, но се добра рамка. Ние уште од денес ќе почнеме со спроведување на овој документ“, рече Цветковски.

На прашање на ЦИВИЛ Медиа, дали е воспоставен механизам или тело кое ќе се грижи за спроведување на Принципите и на кое, граѓаните или кој било засегнат, би можеле да му се обратат во однос на почитувањето на овие правила, од организаторите на проектот и настанот ни беше одговорено дека за таков механизам се разговарало и на работната група, но дека тој сé уште не е воспоставен.

Инаку, со години наназад, известувањето на јавниот сервис за време на изборите се критикува во сите извештаи на ОБСЕ-ОДИХР. Освен пристрасноста за владејачките партии, во нив редовно се забележува и за претераното присуство на државни функционери, кои ги користат промотивните настани за лична и партиска промоција, како и на недостатокот на дебата и на изборно соочување на кандидатите.

Со слични наоди за известувањето на МРТ за време на изборите во 2014-та година, излезе и ЦИВИЛ - Центар за слобода.

Се очекува новите правила на МРТ за изборно известување да придонесат за надминување на дел од проблемите во известувањето. Инаку, нивната изработка е дел од проектот „Непристрасноста и независноста на медиумите како предуслов за слободен и фер изборен процес” кој што се спроведува од „BBC Media Action“ во партнерство со Македонската Радио Телевизија, а со поддршка од Македонскиот институт за медиуми. Проектот финансиски го поддржува британската амбасада во Скопје.

Петрит Сарачини

Оваа вест е достапна и на: Albanian