На јавна презентација, утре во Скопје ќе биде претставен документот: „Етички и професионални принципи на МРТ за медиумско покривање изборни процеси“.
На презентацијата, околу проектот и овие заложби ќе говорат британскиот амбасадор Чарлс Гарет, директорот на МРТ, Марјан Цветковски, и Марина Тунева од Советот за етика во медиумите во Македонија, која ќе го претстави документот во име на работната група која учествувала во неговото подготвување.
Инаку, години наназад известувањето на јавниот сервис за време на изборите се критикува во сите извештаи на ОБСЕ-ОДИХР. Освен пристрасноста за владејачките партии, во нив редовно се забележува и на претераното присуство на државни функционери, кои ги користат промотивните настани за лична и партиска промоција, како и на недостатокот на дебата и изборно соочување на кандидатите. Со слични наоди за известувањето на МРТ за време на изборите во 2014та година излезе и ЦИВИЛ-Центарот за слобода.
Се очекува новиот кодекс на МРТ за изборно известување да придонесе за надминување на дел од овие провблеми во известувањето. Инаку, неговата изработка е дел од проектот „Непристрасноста и независноста на медиумите како предуслов за слободен и фер изборен процес” кој што се спроведува од страна на „BBC Media Action“ во партнерство со Македонската радио-телевизија, а со поддршка од Македонскиот институт за медиуми. Проектот финансиски го поддржува Британската амбасада во Скопје.
Оваа вест е достапна и на: English