Меѓународни набљудувачи: Реформи и меѓупартиска соработка за крај на политичката криза

Меѓународните набљудувачи од ОБСЕ/ОДИХР, и од делегациите на Парламентарното собрание на Советот на Европа, на Парламентарното собрание на ОБСЕ и на Европскиот парламент, денес одржаа прес-конференција за набљудувањето на кампањата и текот на предвремените парламентарни избори, одржани на 11-ти декември.

Според меѓународните монитори, предвремените парламентарни избори биле конкурентни и претставувале суштински чекор во решавањето на двегодишната длабока политичка криза во Македонија, но се одвивале „во средина на широко застапена недоверба во институциите и политичкото уредување“.

Роберто Батели, специјалниот координатор и предводник на краткорочната набљудувачка мисија на ОБСЕ на конференцијата порача дека “високата излезност сведочи оти гласачите ја сфатиле клучната улога која добрите избори ја имаат за иднината на нивната земја”, и потенцираше дека политичарите на кои им е доверен мандат од граѓаните, се должни да продолжат со реформите кои се неопходни за иднината на земјата.

Азај Гулијев, шеф на делегацијата на Парламентарното собрание на ОБСЕ, денес изјави дека на изборите станало очигледно дека многу луѓе сакаат подобро за својата земја и за идните генерации, и дека позитивните трендови треба да се претворат во одржливи механизми, за да нема враќање на политичката криза.

Иако генералната оценка е дека основните слободи биле почитувани, а политичките партии слободно ги воделе своите кампањи, ОБСЕ евидентирал бројни случаи на наводи за заплашување и притисоци врз гласачи, како и врз јавни службеници. Меѓународните набљудувачи заклучија дека и покрај прифаќањето на бројни законски и институционални промени за овозможување на еднаков терен за натпревар, сé уште не постои одржливо решение за балансирана медиумската застапеност, како и регистрацијата на гласачи. Набљудувачите на ОБСЕ на денот на избори евидентирале околу 500 пријави на гласачи кои имаат валидни документи за остварување на гласачко право, а кои ги немало на избирачкиот список.

Шефот на делегацијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа. Стефан Шенах, истакна дека Македонија се наоѓа на нов крстопат. „Сите засегнати страни сега мора да ја докажат својата заложба за водење на земјата по тој пат”, рече Шенах, според кого, е можна соработка во насока на заедничка цел, без разлика на етничка припадност.

Говорници на прес-конференцијата беа и Игор Шолтес, шеф на делегацијата на Европскиот парламент, кој ги повика сите партии да ја дадат потребната поддршка на судските институции, особено на Специјалното јавно обвинителство, како и Тана де Зулуета, шефица на набљудувачката мисија за избори на ОДИХР, која истакна дека има подобрување во однос на меѓупартиската соработка, но за подобрувањата да бидат долготрајни, мора да се решат подлабоките недостатоци.

Сите говорници на пресот, акцент ставија на важноста од решавање на политичката криза, преку имплементирање на реформите во медиумите, преку отклонување на недостатоците во Изборниот список, преку поддршката на СЈО и на судските институции, како и преку почитувањето на препораките на меѓународните институции.

Маријана Гугоски