МВР: Избирачкиот список не е прочистен, прекршени се законите и Договорот од Пржино!

Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста, дека до Државнaта изборна комисија на 17. 04. 2016 година, спротивно на одредбите од законот и Пржинскиот договор е доставен допис, потпишан од дополнителниот заменик министер, Митко Чавков, со кој се доставува криптирано ЦД со лични податоци, односно избирачки список за потребите на ДИК.

Со тоа грубо и дирекно се прекршува член 46 став 3 од Законот за измена на Законот за Влада (Сл. Весник бр. 196 од 10.11.2015 год), со кои се утврдува дека документите имаат правно дејство само доколку се потпишани од министерот и дополнителниот заменик министер. Особено што Избирачкиот список неспорно е документ кој го донесува министерот, а се однесуваат на правните, финансиските и кадровските прашања поврзани со организацијата на изборите. Со ова не само што се прекршуваат законските одредби и Пржинскиот договор, туку и се доведува во заблуда целата македонска јавност, дека избирачкиот список е прочистен. За таа цел Министерството за внатрешни работи на Република Македонија ја информира јавноста дека проверките на избирачкиот список сеуште не се завршени.

Неспорно е дека за доставување на веродостоен и валиден, прочистен избирачки список е потребно дополнително време. Непотребното инсистирање да се достави избирачки список до Државната изборна комисија, со некомплетни податоци, неизвршени проверки и неспроведени управни постапки, е на штета на спроведување на фер и демократски избори со кредибилен и прочистен избирачки список.

Во врска со повторното поништување на правилниците и 448 решенија потпишани од министерот Оливер Спасовски, на полноќнешната седница на Владата на РМ пред распишувањето на изборите, Министерството ја известува јавноста дека Одлуките на Владата ги смета за целосно спротивни на законот.

Имено, Владата не може да поништува решенија за распоредување, разрешување и именување на работници во Министерството за внатрешни работи, а уште пак помалку и договор за вработување на неопределено време во Министерството за внатрешни работи, бидејќи тие се конкретни - поединечени акти, односно тие не се прописи. што значи дека Владата со оваа постапка се ставила над судската власт.

Без оглед што донесените правилници и решенија се однесуваат на кадровски прашања, истите не се поврзани со организацијата на изборите. Во контекст на ова министерот Оливер Спасовски ги повика сите вработени исклучиво да ги почитуваат законските одредби за хиерархиската поставеност и одговорност, која е нужна за непречено функционирање и остварување на надлежностите на Министерството за внатрешни работи.

Оваа вест е достапна и на: Albanian