Илустрација: Мирослав Стојановиќ

МВР работи на случаи на поткуп во Прилеп и Демир Хисар

МВР работи на целосно расветлување на два случаja на изборен поткуп, што ги пријавиле двајца прилепчани и жители од Демир Хисар. Во првиот случај, припадник на ВМРО-ДПМНЕ наводно вршел паричен поткуп, нудејќи им сума од 60 евра на денот на изборите, доколку гласаат за ВМРО-ДПМНЕ. Во вториот случај, на гласачи им била нудена можност за бесправна сеча. Министерот Оливер Спасовски, тврди дека МВР интензивно работи на расветлување на случаите.

„Член на ВМРО-ДПМНЕ нудел поткуп на двајца граѓани од Прилеп, во однос на изборите. Поднесена е кривична пријава против еден сторител, известен е јавен обвинител, земени се изјавите на записник, а се преземаат мерки за расветлување на случајот. Ова е недозволиво. Се работи и на откривање на случајот во Демир Хисар“, рече министерот Спасовски, при денешната посета на СВР-Битола и на полициската станица во Прилеп.

Тој упати апел до политичките партии, кампањите да ги водат на ниво на програми и концепти, а не со злоупотреби на изборниот процес. Најави енергична битка со ваквите злоупотреби и ги повика граѓаните, случаите да ги пријавуваат во полиција.

Од прилепскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, категорично ги демантираат наводите дека нивни членови во ек на кампањата вршеле поткуп.

„ВМРО-ДПМНЕ води позитивна кампања, а никако не нуди поткуп. Тоа се чисти дезинформации. Се работи за монтирани случај од страна на структури во СДСМ. Тоа секако полицијата ќе го открие во текот на истрагата“, изјави Петар Ристески, координатор на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Прилеп.

М. Талеска