Скопје беше ослободено од оние пред нас, кои различни и здружени Градот не го делеа на македонски и албански, на христијански и муслимански, туку на слободен и окупиран. Скопјани се одлучија и избраа слободно Скопје, а седум децении подоцна, власта се дрзна да го оспорува нивниот избор и да им ја ограничува слободата.
Оние кои ги плаќаме да го водат Градот ни донесоа насилство и омраза, ризици по животот на улиците и смртоносно загаден воздух, наместо цивилизациски вредности и развој. Оние кои ги плаќаме ние, со нашите пари, се однесуваат како примитивни и насилни газди, присвојуваат и грабаат за себе и за своите послушници. Крадат од нас и од иднината на нашите деца.
Ова не е Скопје за кое се договоривме по 1944-та и по 1963-та, но ние не се откажуваме од нашиот град.
Денес, во истиот дух како и пред 71 година, порачуваме дека Градот Скопје е наш, на сите кои живееме во него. На нас скопјаните, на оние кои сме родени во Скопје или со години живееме во Скопје и на оние кои се отселивме и повремено се враќаме во нашиот Град.
Скопје мора да остане слободно, ако сакаме слободата да преживее во цела Македонија и на цел Балкан.
Ние имаме морална и човечка обврска Градот да го ослободиме од прангите на власта и да го вратиме кај граѓаните, кај скопјаните и кај сите кои овој град го чувствуваат за свој.
Драги сограѓани, Скопје и слободата во Скопје зависат од сите нас.
Васко Лазаревски, Џелал Хоџиќ, Анжелика Апчевска, Уранија Пировска, Џабир Дерала, Бојан Маричиќ, Никола Писарев, Мухамед Зекири, Луљета Адеми, Ирена Цветковиќ, Акиф Кариман, Ермин Климента, Филип Јовановски, Марјан Забрчанец, Замир Мехмети, Соња Исмаил Огненоска, Дехран Муратов, Никола Наумоски, Ивана Васева, Драган Додевски, Љуми Бекири, Зоран Кардула, Кристина Леловац, Кочо Андоновски, Катарина Илиевска Силјановска, Предраг Терзиоски, Југослав Петровски
Оваа вест е достапна и на: Albanian