Не во мое име!

Пред неколку години, бев жртва на злосторство од омраза, бев нападнат од четворица непознати насилници. За ова, досега немав јавно зборувано или пишувано, но сега чувствувам дека треба, со оглед на тоа дека почна предизборната кампања на режимот, токму во нивен стил. Со насилство.

DSC_0671

Емрах Реџепи

Никој од насилниците кои си земаат за право да се одмаздуваат во име на нападнатите од нивната етничка група, не ја сфаќа болката или бесот кои нападнатите ги чувствуваат. Всушност, насилниците се тие кои се одговорни за сите жртви, вклучително и за тие од сопствениот етникум. Националистите се хранат меѓу себе, секогаш било така. И тие се толку навикнати на тој удобен начин на живеење... Веќе не се ни сеќаваат како им било порано. Пред да научат да мразат. И лесно им е. Наместо да се соочат со себеси и да застанат зад нешто што вреди и за што треба храброст, тие избираат да застанат во апстрактна одбрана на една поголема група. Кукавици. Вистинската храброст лежи во тоа да се бориш против злобата и неправдата насекаде. И да не се криеш зад фиктивниот идентитет и улогата на жртва.

Многу е едноставно, сограѓани! Самоодбрана е кога се браниш во моментите кога си нападнат, сѐ потоа е одмазда, друг напад. Тоа што секој треба да го разбере, вклучително и фашистите меѓу нас, е дека по секоја тупаница врз сограѓанин од друга етничка група, се презема директна одговорност за секој следен напад врз некој од својата етничка група. И вината.

Во едно општество каде што насилството станало навика и секојдневие, секој се задушува. И жртвите, и бедниците кои смислата на нивното постоење ја наоѓаат во насилството.

Кукавици... Зарем мислите дека им е важно на жртвите дали се нападнати од чиста злоба или поради одмазда? Сметате дека жртвата од вашиот етникум која наводно ја одмаздувате, се чувствува подобро затоа што некој друг невин човек, настрадал од насилници? Жртвите од било кој етникум ми се поблиски од насилниците од мојот етникум кои си даваат за право да делат правда. Нив ги сметам за исти со насилниците од другиот етникум. Потполно исти. За да се разликува праведен човек од злобен, треба да покаже со личен пример дека не е таков. Ако постапи како злобниот, само докажува дека не е ништо подобар, и дека нема право да се правда и да морализира. И индивидуално, и како претставник на еден етникум (како што сака да се претставува), во моментот кога напаѓа човек од другата етничка група, насилникот го губи правото да се претставува (или да ја претставува сопствената етничка група) како жртва.

И наводната љубов кон сопствената нација или етникум, која ја пропагираат насилниците, наводната грижа... Тоа е глума и обид да се почувствуваат како дел од нешто поголемо, кога веќе нивните животи не ги исполнуваат доволно. Ииндивидуалноста, сѐ што е лично мое/твое, а не се совпаѓа со апстрактната дефиниција за тоа што за насилниците значи да си Албанец, Македонец, Бошњак, Ром... - не е прифатлива за нив. И одбивна им е, оти чувствуваат дека ги исклучува.

Така, лесно може да се разбере фактот дека фашистчињава воопшто не се грижат за добросостојбата на другите од нивната етничка група и дека нападите извршени врз некој од нивната етничка група, само ги користаат како алиби за да ги ослободат сопствените животински инстинкти. Зошто, инаку, насилници во Ѓорче Петров, на пример, би напаѓале Албанци таму, знаејќи дека со тоа ги стават во опасност Македонците кои живеат во Чаир, Тетово или во Гостивар? Или, насилниците од Тетово, кои ги напаѓаат Македонците таму, знаејќи дека со тоа ги доведуваат во опасност Албанците кои живеат во Битола, Аеродром, па и Куманово, како во мојот случај? Јасен е одговорот: не им е гајле!

Фашисти, не ви дозволувам да се одмаздувате! Не во мое име! Благодарам.

Да, можеби државните институции не функционираат, но подобро е насилниците кои мене ме нападнаа, да останат на слобода, отколку некој друг, невин човек, да биде нападнат само поради фактот што случајно се родил како припадник на еден етникум. На крајот на краиштата, насилниците, фашистите од било која етничка група се слични. Можеби имињата и знамињата им се различни, но истиот отров го исфрлуваат.

Емрах Реџепи

Оваа вест е достапна и на: English