„Имам петнаесет години, живеам во семејство во кое се зборува на бошњачки и на албански јазик, а учам во паралелка на македонски јазик. Дома зборуваме главно на бошњачки, а албанскиот послабо го зборувам, малку повеќе разбирам. Среќен сум што живеам во шарено обоен свет, во кој имам шанса да научам за повеќе култури и јазици. За жал, во мојот крај е многу тешко да се опстане со такво размислување, бидејќи врие од предрасуди.
Беше недела. Tој ден решив да одам на потстрижување пешки, бидејќи беше сончево. Берберот каде што обично одам е во „Мавровка“, на две автобуски станици од местото каде живеам. Дента имаше натпревар меѓу фудбалските тимови „Шкупи“ и „Металург“. Кога има натпревар, често знам и да останам дома, плашејќи се да не избувне некоја тепачка меѓу навивачите.
За несреќа, тој ден ми било пишано да изедам ќотек.
Враќајќи се дома, ме нападнаа на неколку метри пред влезот од зградата во која што живеам. Петмина „навивачи“ ме заобиколија и еден од нив ме праша - каде учам и како се викам. Откако на јазикот на кој ме прашаа им го кажав моето име и името на училиштето, незадоволни од моето недоволно знаење на „нивниот“ јазик, всушност, мајчин јазик на татко ми и мој јазик, тие се погледнаа меѓу себе. Потоа, наеднаш почнаа да ме удираат со тупаници. Се бранев колку што можам за да се заштитам, но знаев дека нема да можам, зашто беа повеќемина. По неколку добиени тупаници, успеав да им избегам кон мојот влез, а тие се разбегаа.
Имав повреди на рацете и на главата. Моите родители ја известија полицијата која пристигна по четириесетина минути. До денес, полицијата не ги пронајде тепачите... Дотогаш, на училиште одев со автобус, а откако ова се случи, татко ми некое време ме испраќаше до училиште.
И сега кога размислувам, не ја разбирам причината поради која бев нападнат од повозрасните дечки. Поради тоа што сум дете на родители од мешан брак?! Или поради тоа што од трите јазици што ги зборувам „нивниот“ најмалку го знам? Знам дека тие не ме нападнаа, зашто ме мразат токму мене. Како да ме мразат кога не ме познаваат? Ама, иако немав никаква вина, ме натепаа. Со секој неделен натпревар се потсетувам на оваа случка.
На речиси секој натпревар, наместо да навиваат за својот клуб, дечките од навивачките групи, со нивните навредливи песни ја поттикнуваат омразата кон другите етнички групи. Тие песни се навреда – и за ушите и за срцето. Зошто, наместо спорт, неделните натпревари мора да бидат кошмар за децата, па и за постарите во моето маало?“
Објавувајќи го писмото на еден 15-годишник, млад скопјанец чиј идентитет ни е познат, ЦИВИЛ Медиа уште еднаш апелира до навивачките групи, и особено до оние кои ги трујат со омраза кон „поинаквите“, да се сопре лудилото и омразата на спортските натпревари и по скопските улици и да престанат меѓуетничките тепачки. Јасно е дека институциите не реагираат и дека структурите на моќ во земјата ги користат тензиите и насилството за сопствени валкани цели, но важно е на сето тоа да се спротивставиме со висока граѓанска свест и мирољубивост.