На два дена пред избори, МОН додели стипендии на средношколци - Роми!

Роми - средношколци во учебната 2016/17 година, од Тетово и Гостивар, денеска потпишаа договори за стипендија, од проектот „Стипендирање и менторство/туторство на средношколци - Роми“. Проектот е финансиран од Министерството за образование и наука на Република Македонија и Ромскиот едукативен фонд од Будимпешта, а го имплементира Управата за развој и унапредување на образованието на заедниците при МОН.

15338842_1028937517228162_4858712823460530260_n

ЦИВИЛ Медиа побара изјава од директорот на Управата за развој и унапредување на образованието  на заедниците, Реџеп Али Чупи (кој, воедно е претседател на Унија на млади на Сојузот на Ромите на Македонија - СРМ) за тоа колку стипендии се доделени и зошто токму денеска се потпишуваат договорите, ден пред изборниот молк. Тој ни изјави дека доделувањето на стипендиите нема врска со политиката и дека конкурсот е отворен уште пред распишување на изборите.

10349071_1014417465288258_7658314653385872192_n

Реџеп Али Чупи, директор на Управата на заедниците при МОН

„Знам дека ќе се сфати погрешно, дека се искористува моментот, меѓутоа, ве уверувам дека нема никаква политичка заднина. Можете да ги прашате родителите на сите стипендисти. Ние имаме дозвола од Антикорупциска комисија дека смееме да потпишуваме договори за стипендии на два дена пред избори, бидејќи денеска е работен ден“, истакна Чупи.

Тој додаде дека проектот се имплементира веќе осум години, дека ќе продолжи стипендирањето на учениците Роми и дека договорите се потпишаа денеска, бидејќи имаат проектна обврска да се имплементира во дадениот рок.

Самка Ибраимовски, претседателот на Партијата за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР), за ЦИВИЛ Медиа истакна дека доделувањето на стипендии на два дена пред избори е класична манипулација и дека со тоа се врши притисок врз родителите на учениците.

„Ова е класична злоупотреба, поткуп и притисок врз родителите на средношколците, но, ги уверувам дека после 11-ти декември сите ќе одговаарат за злоупотребите што ги прави власта и нивните коалициони партнери“, ни изјави Ибраимовски.

ЦИВИЛ - Центар за слобода во неколку наврати апелираше до сите политички партии да ги тргнат рацете од децата и да не вршат притисоци врз нивните родители.

ЦИВИЛ регистрираше низа прекршоци на претставниците на политичките партии кои вршеле злоупотреба на малолетници во политичката изборна кампања.

Дехран Муратов