Јавната седница на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, и покрај укажувањата на Горан Гаврилов од Канал 77, дека според член 9 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, јавните расправи не служат за презентирање на работата на Агенцијата, туку за "да им овозможи на сите заинтересирани страни, да ги изразат нивните ставови и мислења по однос на развојот на аудио и аудиовизуелните медиумски услуги во Република Македонија", сепак, се претвори во Power Point презентација.
Просторот што на крајот од јавната седница беше предвиден за изразување и на ставови, се одвиваше без присуство на директорот на Агенцијата, Зоран Трајчевски, кој си замина кратко по почетокот на седницата, и не беше тука да одговори на прашањата од присутните.
На прашањето на ЦИВИЛ Медиа, кое се однесуваше на отсуството на санкција за говорот на омраза во медиумите, од Агенцијата одговорија дека не можат да кажат дали ќе има промена на Законот во тој поглед, и дека за тоа надлежни се Министерството за информатичко општество и администрација. Сепак, како што велат, тоа не значи дека нема да продолжат да ги следат медиумските содржини и да укажуват и реагираат доколку се забележи користење на говор на омраза.
М. Теговска
Оваа вест е достапна и на: Albanian