Набљудувачите на ЦИВИЛ нотираат низа случаи на нерегуларности, притисоци и закани

Пропагандата за Референдумот е во полн ек низ целата држава. ЦИВИЛ – Центар за слобода го набљудува процесот и бележи бројни случаи на притисоци, закани, говор на омраза и лажни вести во целата земја. На самиот почеток на процесот поврзан со референдумот, ЦИВИЛ распореди 30 долгорочни набљудувачи кои редовно доставуваат информации од теренот, а ги следат кампањите и за поддршка и за бојкот на референдумот.

Политичарите и активистите на сите политички партии се на терен и одржуваат средби со граѓанките и граѓаните, концерти и делење информативен и/или пропаганден материјал како фалери, брошури, пенкала и запалки. Кампања од врата до врата се бележи во сите градови, а ја спроведуваат и структурите ЗА и ПРОТИВ. Општо земено, СДСМ ја предводи коалицијата ЗА Европска Македонија, заедно со голем број други политички партии, граѓански организации,

Во селото Пресил во Крушево, неколку жители им изразиле загриженост на набљудувачите и неволност да гласаат, бидејќи сметаат дека со Спогодбата меѓу Македонија и Грција ќе им се промени националноста „од Албанци и Турци во Македонци.

Според извештаите, локални функционери на ВМРО-ДПМНЕ им се закануваат на жителите во Гостивар да не излезат да гласаат. Истата ситуација набљудувачите ја забележале и во Струга и Струшко. Исто така, набљудувачите од струшката општина известуваат дека локални функционери на СДСМ бараат да им се достават листи од 30 лица кои сигурно ќе излезат на гласање. Се бара име и презиме и избирачко место каде што се гласа.

Нововработените во администрацијата во Гостивар тврдат дека се под притисок да излезат и да гласаат на референдумот, изестуваат набљудувачите на ЦИВИЛ од тој регион. Се бара од членството на партиите да достават листи на лица кој ќе излезат на гласање.

Набљудувачите на ЦИВИЛ нотираат ширење на лажни вести во директна комуникација меѓу активисти на Бојкотирам и гласачите во голем дел од општините низ Македонија, со посебни извештаи за Штип, Кочани, Зрновци, Пробиштип, Прилеп и повеќе општини во Скопје. Ова се еден дел од пораките во оваа категорија: „Се подготвува бришење на Македонија од картата на светот“, „Цените на производите и услугите ќе се покачат“, „Ќе им се одземе социјалната помош на социјално загрозените“, „Нема да има пензии“ итн.

Во Прилеп се нотиравандализирање на два партиски штабови на СДСМ. Исто така се бележат навредувачки и заканувачки пораки на ѕидот на старата општинска зграда, во која се наоѓа и подрачната канцеларија на Државната изборна комисија.

Пропагандата на социјалните мрежи е во полн ек, со многу говор на омраза и навредлив говор, непристојни и навредливи коментари и повици на насилство, кои предизвикуваат страв и несигурност кај граѓанките и граѓаните. Примери за ваквиот говор се:  „Тазе печен Грк декориран, гарнир со салата и бело Шардоне. Добар Апетит“, „Востание Народе , Војна состојба“, „Смрт за сите судии што судат Македонци“, „Ти си била за жалење, извини, не знаев… седи си на метли шиптарски“, „Соживот со племето на дело“, „е ова е предавник во душа фууууууј“, „Заев на бесилка“, „Погледнете како вчера Орбан и Нигел застанаа против ѓаволите од ЕУ и Сорос!“, „Народе македонски, нека не ве лажат со подобар живот, вистината е дека им треба сместување на мигранти и промена на името, ЗА НИШТО ДРУГО“ итн. Пишувањето на агресивните бојкотирачи на социјалните мрежи изобилува со говор на омраза и кон ЛГБТИ заедницата.

Се објавуваат лажни вести и на порталите. Дел од насловите се: „Околу 10.000 со сила донесени ЗА Северна Македонија: 4.000 Македонци, 6-7000 Албанци“, „Европска унија нема да прима нови членки: Словенечкиот претседател БорутПахор повика ЕУ да не шири лажна надеж за Македонија, Црна Гора, Србија и Албанија“, „Доделува ли владата македонски државјанства на косовски државјани за да може да гласаат на претстојниот референдум?“

Набљудувачите на ЦИВИЛ нотирале покачување на плати во две приватни конфекциски фабрики во Пробиштип, за кои постојат индикации дека се во контекст на мотивирање на вработените да гласаат на референдумот.

Се нотира злоупотреба на малолетни лица во средните училишта во Припеп и во Штип. ЦИВИЛ излезе со остра осуда против злоупотребата на малолетниците за политички цели. Малолетни ученици се мета на притисоци во кампањата, со цел да се пренесе порака до нивните родители.

Во извештаите на долгорочните набљудувачи се јавува и за одреден број граѓанки и граѓани кои во семејството имаат немоќни и болни лица. За нив, набљудувачите известуваат дека во разговор со нив заклучуваат дека овие семејства не се информирани што треба да преземат за да го искористат правото на глас. Поради тоа, тие ќе останат дома и не ќе можат да дојдат до гласачкото место за да го искористат своето право на глас.

До Тимот за анализи и координација на ЦИВИЛ пристигнаа извештаи за случаи на три семејства во Штип, во кои има по едно лице кое не е во состојба да го искористи своето право на глас поради недоволно информации и сложена процедура. Две од тие лица не биле во можност да гласаат ни на локалните избори кои поради недоволната информираност не гласале. Така, лицето С.З. од населба Македонка во Штип, поради нервно мускуларни болести, има потреба од гласање во нејзиниот дом. И лицето В.А. од истата населба има потреба од гласање во нејзиниот дом.

Еден случај на лице што не е мобилно и не ќе може да гласа, се бележи и во Кочани.

ЦИВИЛ ја согледува потребата од навремено информирање и поедноставување на процедурите за гласање на оваа категорија граѓанки и граѓани. Врз основа на директна комуникација со повозрасните граѓанки и граѓани, се согледува и потребата од подобро информирање за правото на глас и други прашања поврзани со изборните процеси, вклучувајќи ги и самите датуми на гласање.

Набљудувачите на ЦИВИЛ ќе го интензивираат мониторингот во преостанатите денови до крајот на референдумскиот процес. На денот на гласањето на 30 септември, ЦИВИЛ ќе има 307 акредитирани набљудувачи, а мониторингот ќе се продолжи и во периодот по референдумот.

Граѓанките и граѓаните можат да се пријавуваат нерегуларности, закани и притисоци на веб страницата Слободни избори или на телефоните 02/5209 176 или 070/461 480.

Тим за анализи и координација на ЦИВИЛ

Скопје, 27 септември 2018

Оваа анализа се заснова на избор од извештаите на долгорочните набљудувачи на ЦИВИЛ до 25 септември.


ОВАА СОДРЖИНА Е ДОСТАПНА ЗА ОБЈАВУВАЊЕ СО ЗАДОЛЖИТЕЛНО АТРИБУИРАЊЕ И ХИПЕРЛИНК ДО НАШАТА ВЕБ СТРАНИЦА.

Оваа вест е достапна и на: English